Германски буџет: Страв од рекордно високи каматни стапки
8 јули 2025Дури 3.431 страница. Нацрт- буџетот за 2025 година е куп хартија кој сега треба да го разгледаат (и внимателно да го проверат) пратениците во Бундестагот.Тој открива како владата планира да врзе крај со крај – барем оваа година. Сојузниот министер за финансии Ларс Клингбајл (СПД) повеќе од двојно го зголеми долгот: планира да позајми 81,8 милијарди евра оваа година и 89,3 милијарди евра следната година – при што државните трошоци треба да изнесуваат 503 милијарди евра во 2025 година.
„Оваа земја е опустошена од мерките за штедење во многу области“, рече Клингбајл, бранејќи ги своите буџетски планови пред нешто повеќе од една недела. За што служи балансиран буџет (т.н. „црна нула“) ако училиштата во државата пропаѓаат – рече тој, и тоа повеќе пати. Клингбајл сака да нагласува дека сега „багерите работат“ и дека „конечно се инвестира“. Или говори во суперлативи: вели дека планира „рекордни инвестиции“ од 115 милијарди евра.
Претставувањето на буџетот е првиот важен чекор за министерот за финансии. Но, критиките кон него и неговото министерство не стивнуваат.
Зелените говорат за „погрешен курс“
Повеќе долг, повеќе инвестиции – тоа е овозможено со изменетата „кочница на долгот“ во Основниот закон (Grundgesetz), како што се нарекува уставот на Германија. Трошоците за одбранбениот секторсега се исклучени од тоа. Понатаму, министерот за финансии може да располага и со средства од фонд тежок 500 милијарди евра, планирани за инфраструктура – сето тоа беше одобрено од Бундестагот оваа пролет.
Иако Зелените тогаш гласаа за т.н. „специјален фонд“, сега се незадоволни од министерот за финансии: „Ова е погрешен курс на сојузната влада“, оценува Себастијан Шефер, претставник на Зелените задолжен за буџетска политика. „На многу места гледаме дека владата ги користи тие средства за стабилизирање на коалицијата, за спроведување на проекти ветени во изборната кампања, и едноставно не инвестира во иднината на нашата земја“.
Отплатата на камати достигнува рекордно ниво
Со поглед кон наредните години, многу експерти за буџетска политика се загрижени. Каматите на огромниот (нов) долг се енормни. Министерството за финансии очекува отплата на камати во износ од 61,9 милијарди евра во 2029 година. Тоа е двојно повеќе отколку што првично се очекуваше за 2025 година. Тоа значи дека отплатата на камати ќе изнесува повеќе од десет проценти од сојузниот буџет.
„Владата греши, затоа што едноставно не штеди. Само продолжува понатаму, живее на кредит“, критикува Михаел Еспендилер, експерт за буџетска политика од Алтернатива за Германија (АфД). Секое четврто евро во актуелниот буџет се финансира преку задолжување, тврди тој. Парите за отплата на камати ќе исчезнат, предвидува пратеникот на АфД.
„Со тоа нема да се изградат болници или патишта. Само ќе одат за отплата на долгови“, вели Еспендилер. Според него, фокусот и натаму мора да биде на консолидација, т.е. штедење. АфД, на пример, ја критикува и одлуката да се префрлат шест милијарди евра во странство за меѓународно финансирање на борбата против климатските промени. И уште: многу пари се трошат на социјална помош, а нема притисок за спроведување реформи, тврди АфД.
Контроверзно прашање – социјалната помош
Високото задолжување предизвикува незадоволство и кај владејачките Демохристијани (ЦДУ/ЦСУ), партиите што го усвоија овој пакет. Загриженоста поради високите кредити и отплатите на камати не е пријатна за некои од нив – и исто така е во спротивност со многу нивни изборни ветувања. Затоа тие уште повеќе се залагаат за заштеди кај исплатата на социјална помош за невработените (позната како „Bürgergeld“).
Но, во нацрт-буџетот за 2025 година за тоа не може да се прочита ништо: вкупно 52 милијарди евра, според планот, ќе бидат доделени за примателите на помош за невработени, вклучувајќи ги трошоците за домување и придонесите за здравствено осигурување. Тоа се околу пет милијарди евра повеќе отколку минатата година. Но, тоа не би требало да продолжи така. Според информации од состанокот на т.н. Коалициски одбор (претставници на владејачките партии), следната година во овој сегмент треба да се заштедат милијарда и пол евра.
Тоа нема да биде баш лесно. Бегалците што пристигнале од Украина по 1 април повеќе нема да добиваат помош за невработени, туку ќе им се помага според Законот за надомест за баратели на азил. Сепак, Сојузната агенција за вработување проценува дека со овој потег ќе се заштедат само околу 900 милиони евра.
Се очекува дополнителни заштеди да произлезат од построги санкции и од очекуваното економско закрепнување на земјата. И едното и другото имаат цел да овозможат повеќе приматели на социјална помош да се вратат на работа, со што дополнително ќе се растовари државната каса.
Надеж во економско закрепнување
Меѓутоа, не го поддржуваат сите во Бундестагот ова фискално планирање. „И јас би сакал економијата во нашата земја повторно да заздрави и да продолжи да расте“, вели финансискиот експерт Шефер од Зелените. Но, како што напоменува, постојат многу економски неизвесности, како што е, на пример, актуелната царинска политика на САД. Накратко: „Изгледа дека Клингбајл се потпира на принципот на надеж“.
Патот до усвојување на сојузниот буџет затоа може да биде трнлив. Оваа „буџетска недела“ е само почеток на тој процес: буџетот за 2025 треба да биде усвоен до крајот на септември, а буџетот за 2026 – до крајот на декември оваа година.