Фезер бара поголем респект за добро интегрираните мигранти
15 јануари 2025Милиони луѓе во Германија со мигрантско потекло помагаат за одржување на економијата, тие заслужуваат поголем респект, смета министерката за внатрешни работи Ненси Фезер. „Тие се одамна дел на нашето општество кој се подразбира сам по себе и помагаат во одржување на многу бранши во нашата земја - во болниците и установите за нега, во компаниите и индустријата. Она што го постигнуваат овие луѓе заслужува поголема почит“, оцени Фезер за весникот „Рајнише пост“.
Фезер го критикува предлогот на лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, за одземање на германскиот пасош на сторители на кривични дела со двојно државјанство. Тоа би довело до чувство дека постојат граѓани од прв и втор ред, смета таа: „Тоа е дискусија која се води на грбот на луѓето кои тешко се избориле за живот во Германија“, изјави Фезер. Барањето на АфД за „ремиграција“, односно враќање на мигранти во голем обем, според Фезер, е „презирање на луѓето“ и е штетно за Германија.
Германската влада денеска (15.01) треба да го разгледува Извештајот за миграција 2023, поднесен од Министерството за внатрешни работи и Сојузната служба за миграција и бегалци (БАМФ). Според овој извештај, во 2023 година во Германија се доселиле 1,93 милиони луѓе, а од неа се иселиле 1,27 милиони. Нето миграцијата изнесува 660.000 луѓе, или 55% помалку од годината пред тоа.
Во Германија мигрантско потекло имаат околу 23 милиони луѓе, или околу 30% од населението. Според податоците на Сојузниот завод за статистика, во 2023 година во Германија живееле 153.901 луѓе со македонски пасош, од нив 73.169 жени и 80.732 мажи. Нешто повеќе од една третина од нив спаѓа во возрасната категорија од 30 до 50 години.