Германска помош за Газа најдоцна до викендот
30 јули 2025Меѓународните критики кон Израел поради неговите воени операции во Газа стануваат сè поостри. Се чини дека и германската влада полека го губи трпението со владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Во понеделникот, канцеларот Фридрих Мерц го свика својот кабинет за безбедност во Берлин за да разговара за состојбата на гладното население во Појасот Газа.
Потоа, Мерц, меѓу другото, рече: „Израел мора веднаш, сеопфатно и трајно да ја подобри катастрофалната ситуација во Газа. Мора брзо, безбедно и доволно да обезбеди хуманитарна и медицинска помош за цивилно население кое страда“. Тој додаде: „Потребно е сеопфатно, а не само краткорочно, примирје во Газа. Хамас конечно мора да го овозможи тоа. И израелската влада мора да направи сè што е во нејзина моќ за да го постигне тоа“.
Воздушен мост од Јордан
Во кабинетот за безбедност, покрај канцеларот Фридрих Мерц и вицеканцеларот Ларс Клингбajл, се вклучени и министрите за надворешни работи, внатрешни работи и одбрана, како и шефот на канцеларијата на канцеларот и претставници на разузнавачките служби. Средбата послужи за усогласување на владата околу заеднички јазик во сè пожестоката дебата за војната во Газа.
Во последните денови, на германската влада ѝ станува сè појасно дека - заедно со Франција и со Велика Британија - мора да работи порешително за подобрување на хуманитарната состојба на околу два милиони луѓе во тесниот крајбрежен појас на Медитеранот. Мерц најави дека, заедно со владите во Лондон и во Париз, ќе организираат авиони во Јордан од кои ќе се испуштаат пакети со хуманитарна помош над Газа.
Во вторникот, Мерц го прими кралот Абдула Втори од Јордан во Берлин и разговараше со него за воздушниот мост. Канцеларот рече дека два германски воени авиони Ербас А400М веќе се на пат кон Јордан. Нивните хуманитарни летови би можеле да започнат најдоцна до наредниот викенд.
Луѓе умираат на местата за испорака на помош
Слична акција започна во март минатата година од претходната влада на СПД, Зелените и ФДП. Хуманитарните организации постојано ги критикуваа ваквите летови како недоволна помош. И Мерц нагласи дека би било подобро луѓето да се снабдуваат по копнен пат. „Знаеме дека тоа е само мала помош за луѓето од Газа, но сепак е придонес што сакаме да го дадеме“, рече Мерц за воздушниот мост.
Во последните денови, Израел, според сопствени изјави, повторно дозволи околу 250 камиони да преминат во Појасот Газа. Експертите проценуваат дека се потребни најмалку 600 испораки со камиони дневно.
Во текот на долгите недели пред продолжувањето на операциите за помош, речиси и немаше испораки. Хуманитарните организации известуваа за луѓе кои гладуваат и умираат додека чекаат помош на местата за испорака, па дури и за оние што се убиени таму.
„Државен резон на Германија“
Во политичкиот Берлин, конфликтот на Блискиот Исток е секојдневна тема. За Германија, тоа е исклучително чувствително: како последица на Холокаустот и убивањето на шест милиони европски Евреи за време на нацистичката диктатура, одбраната на правото на постоење на израелската држава стана дел од германската државна политика и јасна насока за секоја повоена влада.
Додуша, Мерц изјави кратко по преземањето на функцијата на почетокот на мај дека повеќе не разбира какви цели следи Израел во Газа.
Додека другите земји презедоа конкретни чекори против израелската влада, новата германска влада се држеше до истата формулација: Израел има право да се брани по смртоносниот терористички напад на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Кога францускиот претседател Макрон во петокот објави дека сака да признае палестинска држава во септември, веднаш од Берлин пристигна порака дека тоа не доаѓа предвид за Германија. Мерц го повтори ова претходно во текот на неделата: „За владата, таква одлука не е на повидок. Ние го гледаме признавањето не како прв, туку како еден од последните чекори кон реализација на решението за две држави“.
Мерц најавува „натамошни мерки“ против Израел
Во текот на изминатиот викенд стана јасно дека германската влада ќе го ревидира своето воздржано однесување: Мерц разговараше по телефон со Нетанјаху, Макрон и со британскиот премиер Кир Стармер. Веќе во петокот вечер, Германија, Франција и Велика Британија објавија заедничка изјава во која бараат Израел да ја заврши војната во Газа и да се откаже од анексијата на териториите на окупираниот Западен Брег.
Поостриот тон кон владата на Нетанјаху е и реакцијата на неодамнешните анкети: во анкета на јавниот сервис АРД од јуни, мнозинството испитаници изјавиле дека повеќе не му веруваат на Израел.
Канцеларот Мерц најави натамошни „мерки во светло на настаните“ доколку Израел не се помести од своите сегашни позиции. Тој не прецизираше какви би можеле да бидат тие мерки. Можни опции вклучуваат суспендирање на испораките на германско оружје или суспендирање на Договорот за придружување меѓу ЕУ и Израел.