Германија веќе пишува закон за воена обврска-за секој случај
27 јуни 2025Германија веќе пишува нов закон за регулирање на концептот на воена служба, но покрај одредбите за подобра парична компензација и обврската за нудење подобро сместување на војниците, тој веќе содржи и одредба за - воена служба. Сепак, како што објаснува министерот за одбрана Борис Писториус (СПД), тој дел треба да се активира само ако нема доволно доброволци. Владејачките Христијански демократи (ЦДУ/ЦСУ) исто така ја поддржуваат таа идеја.
Коалицискиот договор на ЦДУ, ЦСУ и СПД наведува дека „ќе се воспостави нова, привлечна воена служба која првично ќе биде доброволна“. Законот што се пишува, рече министерот, предвидува и друга можност, односно воена обврска.
Бундесверот, објаснува Писториус, има потреба од околу 60.000 дополнителни активни војници. Затоа тука прво се наведени мерките што би ги привлекле младите луѓе: од плата до стручно оспособување - од возачи до универзитетски дипломи за оние кои сакаат да поминат малку подолго време во униформа.
Долгорочната цел е да се изгради резервен состав од 200.000 луѓе. Моментално, има најмногу половина од тој број. Дури тогаш би стапила во игра воената обврска - ако нема доволно доброволци.
Автоматски во воена обврска
Проблем би бил пишување нов закон ако нема доволно доброволци: „Немаме време за тоа“, објаснува министерот. Доколку механизмот за повторно воведување на воена обврска веќе би бил вклучен во законот, тоа повеќе нема да биде проблем.
Писториус нагласува дека во овој момент не може да даде конечна проценка дали таков закон ќе биде прифатен, но верува дека ќе биде така. Нацрт-законот треба да се дискутира во германската влада пред летната пауза, а потоа да се усвои.
Сепак, не сите меѓу Социјалдемократите на Писториус се за таков Закон за воена служба, кој содржи додаток „за секој случај“ со повторното воведување на воена обврска. Претседателот на пратеничката група, Матијас Мирш, верува дека за воената обврска би можело да се дискутира „најрано во следниот изборен период“. Од друга страна, лидерот на СПД, вицеканцеларот Ларс Клингбајл, проценува дека е дојдено време да се направат подготовки за евентуално повторно воведување на воена обврска.
Министерот Писториус пред сè сака да го направи Бундесверот попривлечен за доброволци, а 18-годишниците ќе бидат контактирани по пошта. Момчињата ќе треба да одговорат на прашалникот што ќе го добијат. Девојките можат, но и не мораат.
Министерот се надева дека на овој начин ќе привлече толку регрути колку што Бундесверот моментално може да обучи и смести во касарните.
Писториус сака да го зголеми бројот на припадници на вооружените сили од сегашните 180.000 на 250.000 до 260.000 војници. Планирана е и изградба на нови воени објекти во Германија.
„Не можеме да се браниме со прашалници“
Писториус вели и дека ако бројот на достапни места во касарните го надмине бројот на доброволци, тогаш може да стапи на сила и регрутацијата: „Тоа е точката во која мора брзо да се покрене механизам на ниво на влада и парламент, за да можеме делумно да повикаме делови од една генерација".
Слично како и министерот Писториус, шефот на кабинетот на канцеларот, Торстен Фрај (ЦДУ) предлага механизам што би предвидел премин кон воена служба ако не се исполнат целите за регрутирање. „Ќе разговараме за ова во коалицијата и ќе се обидеме да постигнеме заедничко разбирање“, изјави Фрај.
Баварскиот премиер Маркус Зедер (ЦСУ) повторно повика на враќање на задолжителната воена обврска, истакнувајќи ја заканата од Русија. Шведска и Финска се приклучија на НАТО минатата година затоа што, вели тој, нивните територијални води и воздушен простор беа „постојано предизвикувани и нарушувани“. Затоа, верува тој, треба да се направи проценка: „Уште колку време ни останува?" „Не одлучуваме ние самите за времето, туку тоа го одредува меѓународната ситуација", заклучува Зедер.Тој го поздравува поголемиот поттик за доброволна воена служба, но, вели тој, „ако сакате да ја браните границата на НАТО, ако сакате да ја браните националната граница и ако навистина сакате да ја имате најсилната армија во Европа (...), тогаш тоа веројатно нема да се случи самосо прашалници и доброволци".