Германија: Запирање на граѓанскиот надоместок за Украинците?
4 август 2025Во Германија, од јуни 2022 година, украинските бегалци автоматски добиваа граѓански надоместок, што е официјалното име за социјалната помош. Оние кои живеат сами и немаат приходи добиваа 563 евра месечно.
Ова ги разликуваше од барателите на азил кои добиваат 460 евра месечно и живеат во центри или кампови со заедничка инфраструктура (само во ретки случаи можат да добијат дозвола да се преселат во приватен стан).
Граѓанскиот надоместок се доделува во целост 6 месеци, по што можеше да се намали ако корисникот не покаже напредок во наоѓањето работа или приход. Тоа правило важи и за месечната сума наменета за барателите на азил.
Според коалицискиот договор меѓу Демохристијаните и Социјалдемократите, украинските бегалци кои дојдоа во Германија по 1 април 2025 година, повеќе немаат право на граѓански надоместок, туку наместо тоа добиваат надоместок за баратели на азил.
Премиерот на Баварија и лидер на ЦСУ, Маркус Зедер, во интервју за јавниот сервис ЗДФ, пледира оваа помала сума да им се дава и на украинските бегалци кои дојдоа во Германија пред 1 април оваа година.
Големи расходи на државата
Објаснувајќи ја својата иницијатива, Зедер истакна дека „нема земја во светот“ што се однесува како Германија во случајот со украинските бегалци кога станува збор за граѓанскиот надоместок. Ова, според него, е една од причините зошто, како што рече, „толку малку луѓе од Украина работат“ во Германија, иако имаат добри квалификации.
Според Сојузната агенција за вработување, во Германија се вработени околу една третина од украинските бегалци.
Зедер не ги доведе во прашање другите олеснувања за бегалците од Украина. Овие луѓе, на пример, се регистрираат во Агенцијата за вработување веднаш по пристигнувањето, како и сите други редовни имигранти. Доколку започнат со стручна обука (класична тригодишна обука за професија), таа им се плаќа, исто како и курсот за интеграција, кој вклучува и курс по германски јазик. Покрај самата обука, државата ги покрива и трошоците за превоз, книги или материјали, како и чување на деца.
Според груба проценка, германската држава плаќа помеѓу 1.700 и 2.000 евра месечно за еден бегалец од Украина.
Во 2024 година, во Германија имало околу 5,5 милиони луѓе кои примале граѓански надоместок, вклучувајќи деца и млади. Од нив, 47 проценти, нешто повеќе од 2,5 милиони луѓе, меѓу кои се околу 700.000 до 800.000 Украинци, немаат германски пасош.
Расходите за граѓанскиот надоместок во последните години се зголемија: Германија минатата година издвои околу четири милијарди евра повеќе отколку во 2023 година - вкупно 46,9 милијарди евра. Тоа претставува зголемување од над девет проценти.
Реакциите се поделени, преовладуваат критиките
Првите реакции на предлогот на Зедер се критички. Олексиј Макеев, украинскиот амбасадор во Германија, беше меѓу првите што реагираа. Тој за радиото Дојчландфунк изјави дека предлогот е тешко разбирлив и неправеден и додаде дека „не е во ред да се прават жртвени јарци од украинските бегалци“ за оптовареноста на германскиот систем.
Поделени реакции дојдоа и од редовите на самите Демохристијани. Михаел Кречмер, лидерот на партијата во сојузната покраина Саксонија, изјави дека парите што ги издвојува државата за граѓански надоместок треба да се намалат и дека високите трошоци не треба да се игнорираат.Шефот на Христијанско-демократското работничко здружение на Германија, кое работи во рамките на ЦДУ, Денис Ратке, го критикуваше Зедер со многу остри зборови како „популист“ и „панаѓурски креатор на бучава“ кој испраќа непотребно сензационалистички пораки до јавноста. Тој верува дека спроведувањето на предлогот на Зедер „би ја отежнало интеграцијата“ на украинските бегалци во Германија.