Рајнметал преплавен со нарачки за оружје
22 март 2025На годишната презентација на деловните резултати на Групацијата Рајнметал во нејзиното седиште во Диселдорф, дури и извршниот директор Армин Папергер призна дека „вакво нешто нема доживеано за 35 години во фирмата Рајнметал“. Само за време на Конференцијата за безбедност во Минхен во февруари, во Рајнметал имаше вистинска гужва од престижни гости – педесетина претседатели на држави или влади и нивните ресорни министри бараа состаноци со еден од најголемите германски производители на оружје. Во седиштето на компанијата во Диселдорф моментално има нарачки во вредност од 55 милијарди евра - 17 милијарди повеќе од и онака рекордната мината година и повеќе од кога било досега.
Се бара баш сѐ што концернот произведува за војска: од муниција, оклопни возила и тенкови - Рајнметал соработува со минхенската КНДС Германија и до неодамна Краус-Мафај Вегман, бидејќи дури ни тие не можат да произведат толкав број од нивните тенкови Леопард и хаубици со долг дострел. Но, Рајнметал нуди и ракети, радарски и системи за надзор поврзани со противвоздушна одбрана, беспилотни летала, дигитална воена технологија...
Европа се присилува на самостојност
Се бара сè што имаат. „САД, и ова го кажувам без никакви обвинувања, ќе ја принудат Европа да инвестира повеќе во својата безбедност. Тоа е голема промена, но мислам дека е добар знак индустријата во Европа да стане независна. Патем, тоа е важно и за политиката", смета Папергер. Во Европа започна епоха на вооружување, резимира шефот на Рајнметал, а неговата компанија од тоа профитира како ретко која друга германска компанија. Приходите и добивката се зголемени за околу 35 проценти. Растот треба и годинава да се задржи во истите размери, а Папергер е убеден дека ова е „само почеток“. Затоа што, според проценката на овој германски производител на оружје, доколку членките на НАТО навистина би почнале да издвојуваат 2,5 до 3,5 проценти од својот БДП за одбрана, само за неговата компанија тоа е „потенцијал до 2030 година за промет од 300 до 400 милијарди“, анализира извршниот директор.
Досега околу една третина од производството на Рајнметал беше за германската војска, но и Бундесверот сака многу повеќе оружје и опрема, исто како што бараат другите земји. Рајнметал веќе гради нови фабрики низ Европа, па дури и им одговара што автомобилската индустрија западна во неволји затоа што веќе се планира ангажирање на 22 компании кои порано произведувале делови за автомобилската индустрија која сега им ја откажува соработката, па целта е нивно префрлање на производство на воена опрема. Конкретно станува збор за компанија во близина на Берлин со 350 вработени, но и една во Нојс кај Диселдорф, во која се вработени 1.500 работници.
Сигурна работа и заработка
Ни тоа не им е доволно, па секторот за воена индустрија итно бара нов кадар за таков огромен раст на бизнисот. Рајнметал веќе сега вработува 32 илјади луѓе, но бројот на вработени расте секој ден и тие со задоволство ги примаат и металците од автомобилската индустрија. „Се претворивме во машина за вработување“, се пофали Папергер. Има и одреден број вработени кои некако останале во компанијата во време на мир и разоружување, а сега заминуваат во пензија. Тоа значи дека фирмата ќе прима околу 8 илјади работници годишно, а од раководството се убедени дека за две години Рајнметал ќе има околу 40 илјади соработници. Покрај тоа ќе има околу 120 илјади вработени во околу илјада добавувачи во Германија.
Најголемите погони на Рајнметал се во Унтерлис во покраината Долна Саксонија меѓу Хановер и Хамбург, но тие исто така имаат фабрики и во Касел, Кил, Бремен и Минхен. Покрај сигурните работни места за вработените, акциите во индустријата за оружје станаа и сигурен приход за инвеститорите. По нападот на Русија врз Украина, вредноста на Рајнметал како производител на оружје е десеткратно зголемена. „Развојот на вредноста на нашата акција може да се нарече само феноменален“, вели Папергер. „Бележиме зголемување на вредноста од над две илјади проценти во последните десет години, така што навистина се искачивме на Олимп на големи компании. Малку компании се воопшто кои досега забележале ваква стапка на раст“, заклучува директорот.
Под полициска заштита
Таквиот успех има и своја цена. Конференциите на Рајнметал и слични концерни во воената индустрија во минатото ги следеа и групи мирни демонстранти, но денес тие имаат други проблеми. Како директор на Рајнметал, 62-годишниот Армин Папергер ужива постојана полициска заштита како еден од најважните добавувачи на оружје за Украина. Наводно, во Москва веќе имало планови за негово ликвидирање.
Автор: Јерг Маркштајнер, ВДР