Германија: Испорака на ракети Таурус на Украина?
15 април 2025Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и иден германски канцелар Фридрих Мерц во неделата навечер (13.04.) во програмата на јавниот сервис АРД најави можна испорака на германски крстосувачки ракети Таурус во Украина.
„Нема самите да интервенираме во оваа војна, туку дека ќе ја опремиме украинската армија со такво оружје“, рече Мерц. Тој додаде дека Владимир Путин не реагира позитивно на слабостите и на понудите за мир.
Мерц истакна дека Велика Британија и Франција веќе ги испорачале своите крстосувачки ракети. Во исто време, тој нагласи дека Таурус „ќе биде испорачан само во договор со европските партнери“.
Што е Таурус?
Таурус е германско-шведски пандан на паралелно развиените британски и француски крстосувачки ракети Сторм шадоу и Скалп. Велика Британија веќе ѝ испорача на Украина ракети Сторм шадоу, а Франција истиот модел на Скалп. Нивниот дострел е наводно околу 250 километри. Таурус има дострел од над 500 километри, па може да се користи за погодување цели длабоко на територијата на Русија.
Бидејќи крстаречките ракети летаат особено ниско и се релативно мали, тешко е да се соборат со противвоздушна одбрана. Бундесверот го има вооружениот систем Таурус од 2005 година.
Што ќе каже СПД?
Социјалдемократската партија на Германија (СПД), предводена од вршителот на должноста канцелар Олаф Шолц, досега се противеше на испораката на Таурус во Украина. Шолц смета дека Германија може да биде вовлечена во војната.
Сега СПД е коалициски партнер на партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) во идната влада на Фридрих Мерц. Заменик-претседателот на клубот на претставници на партиите на Унијата Јохан Вадефул (ЦДУ) разгледува можна заедничка одлука со СПД за испорака на Таурус во Украина. Тој потсети дека Мерц повеќепати изразил своја подготвеност „да го искористи Таурус како лост за промена на политиката на Русија“.
„И СПД знае, меѓу другото, поради повторните руски воени злосторства во Суми, дека со Путин треба да се постапува поинаку“, рече Вадефул, мислејќи на ракетниот напад врз украинскиот град Суми, во кој загинаа најмалку 34 лица во неделата (13 април).
Жестоки реакции од Русија
На најавата на идниот германски канцелар за можното доставување на Таурус реагираше и Русија и се закани дека тоа ќе се смета за „натамошна ескалација“ на украинската војна. Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков рече: „За жал, европските престолнини не се склони да се грижат за патиштата до мировните преговори, тие се повеќе склони да предизвикаат продолжување на војната“.
Украина постојано најавуваше дека сака да го бомбардира мостот кон Крим. Пред извесно време Москва објави прислушуван разговор на офицери на германскиот Бундесвер, кои конкретно разговарале за уништувањето на мостот на Крим со крстосувачки ракети.