Германија го враќа воениот рок, но доброволно
4 јули 2025Германија планира да воведе доброволна воена служба во траење од шест месеци, открија извори запознаени со планот, додека Берлин настојува да обучи повеќе резервисти и да ги зајакне националните одбранбени капацитети поради безбедносната опасност која доаѓа од Русија.
Според истиот план, доброволци ќе се бараат за извршување на едноставни задачи како што се чуварски должности, но, доколку интересот биде премал, би можело да се разгледа и воведување задолжителна регрутација.
Соединетите Американски Држави, преку претседателот Доналд Трамп, вршат притисок врз европските земји-членки на НАТО да вложуваат повеќе во сопствената безбедност, особено по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Во тој контекст, германскиот министер за одбрана Борис Писториус сака да го зголеми бројот на војници од сегашните 180.000 на 260.000.
Германија се надева дека со доброволниот шестмесечен модел ќе може да го удвои бројот на обучени резервисти, кој моментално изнесува околу 100.000, а дел од учесниците би можеле понатаму да се вклучат и во активна служба.
Првите регрути следната година
Министерството за одбрана соопшти дека подготовките за новата шема на воена служба се во полн ек.
„Целта останува законот за новата воена служба да стапи на сила во јануари. Нашите активности се насочени кон тоа“, изјави портпарол на министерството, додавајќи дека деталите ќе бидат објавени штом законот стигне во парламентот.
Учесниците во планираниот систем ќе имаат можност да ја прошират обуката за заштита на татковината со добивање дозвола за управување со камион или обука за возачи на тенкови, велат изворите.
Исто така, се планира изградба на нови импровизирани касарни, со цел регрутите да можат да се обучуваат поблиску до местото на живеење.
Според изворите, Писториус сака законот да биде изгласан до крајот на следниот месец, а првата група на регрути да започне со обука во мај 2026 година.
Сепак, остануваат отворени прашања, вклучително и тоа кој би бил повикан на задолжителна служба доколку владата не ги исполни таргетираните бројки. Овој аспект на планот е контроверзен и внатре во самата Социјалдемократска партија (СПД) на министерот.
Германија го укина претходниот систем на задолжителна воена служба во 2011 година.