Германија: Пет години од расистичкиот масакр во Ханау
19 февруари 2025На 19 февруари 2020 година, напаѓач мотивиран од екстремно десничарски, расистички убедувања започна со убиства во Ханау, во близина на Франкфурт. Целта беa места поврзани со мигрантските заедници, при што загинаа девет лица, а беа повредени седум други. После тоа, тој ја убил мајка си, а на крајот и себеси.
Непосредно пред нападот, сторителот гледал видеа на Јутјуб, вклучително и говори на Бјорн Хеке, еден од најистакнатите водачи на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и претседател на регионалниот одбор на партијата во покраината Тирингија.
Денес, пет години подоцна, една од мајките на жртвите смета дека не е сторено доволно за да не се повторат вакви трагедии. Серпил Темиз Унвар во нападот го загуби својот 23-годишен син Ферхат.
„Тој трагичен настан одекна во општеството, но тој одек беше главно резултат на напорите на семејствата погодени од трагедијата, кои неуморно се бореа да се слушне нивниот глас“, вели таа за ДВ. „Тие напори, заедно со солидарноста на многумина, придонесоа општеството да биде пообединето во овој случај отколку во слични настани во минатото. Но, овие индивидуални напори, колку и да се важни, не се доволни за да се постигне фундаментална социјална трансформација“.
Сеќавање на жртвите
Набргу по масакрот, Унвар основаше образовна иницијатива именувана по нејзиниот син со цел да се бори против расизмот и да ги зајакне младите луѓе. Во градот беа започнати и бројни други општествени и политички проекти. Многу беа иницирани или поддржани од семејствата и пријателите на жртвите, решени да откријат пропусти што можеа да ги спречат нападите, да го зачуваат споменот на нивните најблиски и да го свртат вниманието на расизмот во германското општество.
До 2026 година на плоштадот во Ханау ќе биде поставен споменик кој ќе го носи името „19. Февруари“ – челична скулптура со имињата на девет жртви: Гохан Гултекин, Седат Гурбуз, Саид Несар Хашеми, Мерцедес Кирпач, Хамза Куртовиќ, Вили Виорел Паун, Фатих Сарачоглу, Ферхат Унвар и Калојан Велков.
Споменикот ќе стои пред Домот на демократијата и различностите, кој треба да биде завршен истата година. Ќе биде замислен како простор за дијалог, едукација и комеморација.
Континуитет и поврзаност
Ханау не е изолиран случај. Се проценува дека од обединувањето на земјата, повеќе од 200 луѓе се убиени во напади на екстремната десница во Германија. Иако земјата често се гордее со својата култура на сеќавање на Холокаустот и злосторствата од нацистичката ера, многумина сметаат дека има помалку подготвеност да се справат со бројните примери на расистичко насилство во повоениот период.
Фуркан Јуксел, член на Коалицијата за плуралистички јавен дискурс (CPPD) и едукатор кој работи на полето на историјата и политиката, е еден од оние кои ја критикуваат германската култура на сеќавање. „Мислам дека германската слика за себе како нација која ги научила лекциите од Втората светска војна и успешно го оставила своето минато зад себе е малку погрешна“, вели тој за ДВ.
Мирјам Кадоф, директор на Центарот за документација за историјата на националсоцијализмот во Минхен, ја нагласува потребата да се препознае врската помеѓу минатото и сегашноста на Германија.
„Потребно е да се покаже континуитет, бидејќи и денес се убиваат луѓе поради истата идеологија - понекогаш дури и луѓе од исто семејство. На пример, Мерцедес Кирпач, чиј прадедо беше убиен во Аушвиц, и самата стана жртва во Ханау“. Кирпач, 35-годишна мајка на две деца, како и две други жртви во Ханау, беше член на заедницата на Ромите и Синтите, малцинство кое исто така беше прогонувано под нацизмот.
„Оваа идеја за хомогено општество кое се гледа себеси како 'германско', додека сите останати, без разлика дали поради религија или етничка припадност, остануваат аутсајдери – тоа е продолжение на двете германски диктатури“, вели Кадоф за ДВ.
Напорите на владата се напуштени
Кога владата предводена од социјалдемократот Олаф Шолц ја презеде власта во 2021 година, во коалицискиот договор стоеше дека германската култура на сеќавање ќе се прошири и ќе ја вклучи колонијалната и мигрантска историја.
Дури во 1999 година Германија официјално призна дека е земја на имигранти, иако работници од странство почнаа да доаѓаат во голем број во тогашна Западна Германија во 1950-тите, а работници од „братски социјалистички“ земји пристигнаа во Источна Германија во 1980-тите. Историјата на црнечката германска заедница датира од 19 век.
Додека веќе постојат два музеји кои ја раскажуваат приказната за германската емиграција во странство, во Хамбург и Бремерхафен, првиот музеј за миграција во Германија допрва треба да биде отворен во 2029 година во Келн. Наречен DOMiD, потекнува од иницијативата покрената од турските мигранти кон крајот на осумдесеттите.
Минатогодишните предлози на комесарката за култура Клаудија Рот (Зелени) за проширување на германската култура на сеќавање на крајот беа отфрлени поради критиките, главно од раководителите на меморијалните центри на Холокаустот. Тие се плашат од можна релативизација на Шоа - систематско, државно спонзорирано убивање на околу шест милиони Евреи, како и Синти и Роми, политички противници и други групи за време на националсоцијализмот.
Структурен расизам, образование, политички дискурс
Фуркан Јуксел се залага за транснационални пристапи кон наставата по историја во германските училишта и за признавање на фактот дека расизмот и екстремно десничарскиот екстремизам постојат во сите културни контексти. Тој, исто така, се залага за задолжителна обука за антидискриминација на наставниците и поголема свест за структурниот расизам во образованието, полицијата и медицината.
Тој, исто така, го критикуваше политичкиот дискурс за миграцијата што се прошири низ целиот политички спектар по контроверзната дискусија на АфД за „ремиграција“, односно наводниот план за масовна депортација на милиони граѓани. „Треба да разбереме дека насилството од екстремната десница не е само феномен на индивидуални 'лудаци'. Насилството не се создава само со вперено оружје“.
И покрај убиствата во Ханау во 2020 година, АфД, чии делови Службата за заштита на уставниот поредок ги класифицира како екстремно десничарски, освои повеќе од 18 отсто од гласовите на регионалните избори во 2023 година во покраината Хесен, каде што се наоѓа Ханау.