Германија: Компаниите ќе градат станови за работниците
8 февруари 2025Возачи на автобуси, електротехничари, монтери за фотоволтаични системи, ИТ-специјалисти – градските служби на Минхен моментално нудат речиси 200 отворени работни места. Ова градско претпријатие, кое е одговорно за снабдување со енергија и вода, како и за јавниот превоз, е еден од најголемите работодавци во баварската престолнина. „Во Минхен веќе долго време не можеме да најдеме доволно квалификуван персонал“, објаснува Бернхард Бек од градските служби на Минхен. „Во меѓувреме, редовно учествуваме на регрутациски настани, на пример во Сараево, Тирана или Малага.“
Меѓутоа, разговорите за вработување веќе не се само за работата. „При речиси секоја апликација нè прашуваат за стан“, изјавува Бек. Веројатноста да се најде прифатлив стан во Минхен е споредлива со добивка на лото. За странците кои бараат стан, ситуацијата е уште потешка.
Недостатокот на станови го отежнува наоѓањето работници
Во анкета на консултантската компанија ПВЦ (PwC), четири од пет компании во Германија велат дека лошата состојба на пазарот на станови дополнително ја отежнува потрагата и задржувањето на квалификувани работници. Ова особено важи за секторите кои не нудат високи плати, како што се здравствената заштита, гастрономијата, занаетчиството и трговијата.
Секој трет вработен во големите градови и урбаните области вели дека веќе размислувал за иселување и промена на работата поради високите кирии. За економскиот совет на експерти, кој ги советува сојузните власти, недостатокот на станови веќе има „негативно влијание врз целокупниот економски развој“, односно го забавува растот на Германија. Луѓето не можат повеќе да се преселат на места каде што има добри работни понуди.
Договорот за закуп е голем плус
Во Минхен, просечно се бараат 25 евра кирија (без режиски трошоци) по квадратен метар за нови закупи. „Нашите вработени се претежно во средни и пониски платни категории и не можат да си ги дозволат овие цени“, вели Бек. Затоа, компанијата основа посебен оддел за недвижности, кој го води Бек. Изградени или купени се веќе 1.500 станови, а до 2030 година треба да бидат 3.000. „Ако можеш да му кажеш на кандидатот дека на работниот договор му е придодаден и договор за закуп, тоа е големо предност.“
Киријата се усогласува со работничкиот совет и зависи од приходот. „ИТ-специјалистите плаќаат повеќе од техничките работници.“ Просечно се бараат 12 евра кирија по квадратен метар. „Не треба да остваруваме профит од становите, туку да работиме на принцип на покривање на трошоците“, објаснува Бек. Ова не е лесно, особено поради драстично зголемените трошоци за градба. „Се обидуваме да градиме и реновираме што е можно поевтино, користејќи голем број готови компоненти.“
Работнички станови постојат од 19 век
Обезбедувањето на станбен простор за работниците е традиција во Германија која трае со децении. Ова започна во средината на 19 век со индустријализацијата. За да се задоволи растечкото барање за работна сила и да се врзат работниците долгорочно за компанијата, првично челичниот гигант Круп изгради илјадници станови и куќи. Други компании го следеа неговиот пример. Без разлика дали станува збор за јагленокопи, пошта или железница, се појавија големи населби кои не само што нудеа прифатливи станови, туку и го зајакнуваа чувството на заедница меѓу работниците.
Меѓутоа, кон крајот на 20 век, кога веќе немаше недостиг на станови и работната сила беше во изобилство, повеќето од овие имоти беа продадени.
Прашањето за становите како централен предизвик
Во меѓувреме, ситуацијата се промени од корен. „Прашањето за становите стана едно од централните прашања за економскиот локација на Германија“, изјавува Ролф Безингер, државен секретар во сојузното министерство за градежништво, предводено од СПД. Пред десет години, странските компании кои сакаа да влезат во Германија, пред сè прашуваа за места во градинки и училишта. „Сега првото прашање е: Каде се становите за нашите вработени?“
Изградбата на 400.000 нови станови годишно беше целта со која СПД, Зелените и ФДП започнаа со нивниот мандат во 2021 година. Меѓутоа, експлодирачките трошоци за енергија и материјали, како и општата инфлација, драстично ги зголемија трошоците за градба. Во 2022 година, во Германија беа изградени само 295.300 нови станови, а во 2023 година уште 900 помалку. Според податоците на стручњаците за недвижности, во земјата сега недостасуваат 800.000 станови.
Економијата под притисок
Обезбедувањето на станбен простор за вработените е „идна задача за компаниите“, вели државниот секретар Безингер, кој се спротивставува на обвинувањата дека државата сака да ги реши своите проблеми со становите на грб на приватниот сектор. Државната помош е зголемена. Постојат даночни стимулации, програми за поддршка со финансиски дотации и поволни заеми преку државната Кредитна институција за обнова (КфВ).
Во едно истражување, Институтот за германска економија откри дека околу пет проценти од компаниите директно ги поддржуваат своите вработени преку конкретни понуди за станови. Ова вклучува и изнајмување станови на слободниот пазар и нивно предавање на вработените. Дополнителни единаесет проценти од компаниите нудат индиректни мерки, како што се размена на станови или додатоци за кирија.
Станбениот простор како дел од бизнис моделот
Индустриско-трговската комора, голем стопански сојуз, забележува зголемена потреба од советување во врска со работничките станови. Нудењето на станбен простор е трошок кој мора да се земе предвид во бизнис моделот. Дали може да се оствари доволен профит и покрај зголемените трошоци? Ова зависи и од економскиот капацитет на компанијата.
Дополнително, се јавуваат правни и социјални прашања. Што се случува кога вработените даваат отказ, одат во пензија или се отпуштени? Дали го губат правото на работничкиот стан и мора да се иселат, или постојат правила според кои тие треба да плаќаат само локални кирии? За работничките станови, нормалното законодавство за закуп со строга заштита од отказ важи само во ограничена мера. Наместо тоа, важи она што е договорено при доселувањето.
Дали работничките станови ја зголемуваат дупката на пазарот на станови?
Во политиката расте загриженоста дека пазарот на станови може да стане уште потесен ако компаниите купуваат или изнајмуваат повеќе станови од постоечкиот фонд, наместо да градат нови. Понудата би можела да стане уште помала. Социјалниот проблем е неизбежен, особено имајќи предвид дека работничките станови кај секоја втора компанија се користат пред сè за привлекување на квалификувани работници од странство.
Германскиот синдикален сојуз (ДГБ) бара компаниите кои се воведуваат на нови локации да бидат обврзани да градат станови за вработените. „Ова не може да функционира толку паушално“, се спротивставува Бернхард Бек од градските служби на Минхен. „Се работи пред сè за пари, државата мора попрецизно да даде поддршка.“ Бек ги смета и покраините и општините за одговорни. Ако тие обезбедат земјиште од својот фонд, тоа би било од голема помош.