Германија: Нов закон за воена служба - можна регрутација
27 август 2025Пред неколку недели, сојузниот министер за одбрана. Борис Писториус (СПД) во телевизиско гостување зборуваше за тоа како на Бундесверот итно му е потребен повеќе персонал.
„Како тоа да функционира - без регрутација?“, праша модераторката, а министерот одговори, малку вознемирен: „Тоа е популарно прашање, на кое секогаш со задоволство одговарам.“ Писториус е свесен и дека е важно прашање. Тој е свесен и дека одговорот е незгоден. Тој е заглавен помеѓу јавната дебата, сопствената партија и неговиот коалициски партнер.
Од регрути до резервисти
Бундесверот треба да расте – за 60.000 до 80.000 војници. За тоа не се нужни регрути, појасни министерот. „Тие ни требаат првенствено за да имаме резерва која ќе биде база за раст.“
Планот е младите војници да останат. Регрутите да станат резервисти. Но, на почетокот ќе се стартува со анкетен прашалник што ќе се дистрибуира почнувајќи од следната година. Мажите мора да го пополнат, жените можат, но не мораат. Ќе биде прашано кој е заинтересиран за доброволна воена служба. Подоцна, медицинскиот преглед ќе биде задолжителен за сите млади мажи.
Воено здружение: На Бундесверот му се потребни професионалци
Ова значи: повеќе служба и малку должност. Но, дали тоа може да функционира? Ова е предмет на дебата. Андре Вистнер од Здружението на Бундесверот се сомнева дека доброволното учество е доволно: „Немаме време“, предупредува тој, сега станува збор за формулирање на политичка волја.
„Ако е доброволно, во ред. Но, искрено, не верувам во тоа. Затоа треба да се подготвиме за задолжителна воена служба.“ Вистнер аргументира дека се потребни професионалци - односно, професионални и војници на временски договор. А на тоа треба да се надоврзе фундамент „од млад регрутиран персонал“. На Бундесверот му недостасуваат и двете.
Унијата има потреба од дискутирање
Унијата, составена од ЦДУ и ЦСУ, на работите гледа слично, сака регрутацијата да стане автоматска ако не се исполнат целите. Министерот за надворешни работи дури поднесе и еден вид министерско вето, кое Јохан Вадефул подоцна го повлече. Но, тоа испраќа сигнал: треба повторно да разговараме.
Министерот за одбрана Писториус веројатно нема навистина поинакво мислење. Но, тој истакнува дека воената служба, онаква каква што постоеше порано, не може толку лесно да се воведе. Дури и канцеларот мора да го признае тоа. Фридрих Мерц зборува за недостатокот на касарни и инструктори: „Дури и сите да сакавме, не можевме едноставно да го вратиме законот за регрутација што беше суспендиран во 2011 година“.
Не е укината, само е суспендирана
Во 1956 година во Западна Германија беше воведена воената обврска, а шест години подоцна и во ГДР. Потоа, во 2011 година, кога Студената војна одамна беше завршена, на регрутацијата ѝ беше ставен привремено крај. Не е укината, само е суспендирана, објави тогаш министерот за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг, бидејќи никој не знае што ќе се случи за 20 или 30 години.
Не траеше воопшто толку долго. Во 2022 година, Русија ја нападна Украина. И се појавија нови, стари прашања: Можеме ли да се одбраниме и од каде ќе дојдат војниците? Министерот за одбрана Писториус сака да регрутира до 5.000 дополнителни војници годишно преку воена служба. За да ги привлече, Бундесверот треба да се направи попривлечен. Тоа значи, на пример, повеќе пари.
„Младите сакаат да бидат слушнати“
Но, не станува збор само за парите. Даниела Брода е претседателка на Германскиот сојузен младински совет. Таа критички гледа на дебатата за воената служба. „Младите сакаат да бидат слушнати. Тие сакаат да бидат вистински вклучени.“ Брода сака младите да бидат прашани - дури и кога прашањето се дискутира во Бундестагот. Таа има конкретен предлог: Зошто треба да дискутираме за воената служба или регрутацијата само во Комитетот за одбрана, а не во Комитетот за семејство и млади?
Фактот што се дискутира е исто така можност, вели Андре Вистнер од Здружението на Бундесверот. Не само за да им се стави јасно на знаење на луѓето „дека 'ние' има приоритет пред 'јас’, колективот пред поединецот“. Туку и дека станува збор за повторно да станеме поспособни за одбрана.
„Не затоа што сакаме да водиме војна, туку затоа што сакаме да одвраќаме. Затоа што сакаме да продолжиме да живееме во мир и слобода“, вели Вистнер. А тоа значи дека повторно ќе се појави прашањето: Како треба да функционира ова – без воена обврска?
Автор: Габор Халаш, АРД