Германија мора да ги засука ракавите во делот на финансиите
9 септември 2025И покрај значителните разлики во мислењата, ЦДУ/ЦСУ и СПД минатата недела покажаа единство пред нивната планирана „есен на реформи“. Канцеларот Фридрих Мерц во петокот (5.09) ги призна комуникациските дефицити во првите месеци од работењето на владата на ЦДУ/ЦСУ и СПД и вети подобрување. „Сè уште треба малку да работиме на комуникацијата“, рече претседателот на демохристијаните во интервју за партискиот канал ЦДУ.ТВ. „Суштинските одлуки се исправни, но нашиот надворешен имиџ сè уште треба да се подобри“.
По состанокот на црно-црвената (ЦДУ/ЦСУ-СПД) коалициска комисија минатата среда, лидерот на парламентарната група на СПД, Матијас Мирш, оцени дека владината коалиција е „на вистинскиот пат“. И покрај различните мислења за поединечни прашања, тој беше сигурен „дека можеме да го постигнеме ова заедно“, рече Мирш во утринската програма на германскиот радиофифузен сервис. „Во коалицијата постојат различни идеи, а уметноста на политиката е да се постигнат компромиси“. Коалицијата мора детално да се справи со овие прашања:
Финансиски јаз
Министерот за финансии Ларс Клингбајл (СПД) релативно тивко ги изготви сојузните буџети за 2025 и 2026 година. Но, постои дупка од 30 милијарди евра во буџетското планирање за 2027 година. Ниту една сојузна влада досега не успеала успешно да затвори таков финансиски јаз. Само со кратења и со очекуваниот економски раст тоа веројатно нема да ѝ успее и на црно-црвената коалиција. Сега ќе бидат потребни некои болни одлуки, на пример, во врска со субвенциите, програмите за поддршка и социјалните и даночните системи. Во моментов, мерки како што се поголем надомест за патување до работно место и субвенции за земјоделски дизел се закануваат да создадат дополнителни дупки во буџетот што владата не може да си ги дозволи. Зад сцената, има гласни критики дека не сите во коалицијата се подеднакво подготвени да придонесат за заштеди и реформи.
Сепак, буџетот за тековната година е финализиран од пред неколку дена и конечно може да биде одобрен од Бундестагот. На седница на парламентарната комисија за буџет беа направени последните промени. Ова се клучните бројки:
Расходите сега се планирани на околу 502,5 милијарди евра - 460 милиони евра помалку отколку што предвиде сојузната влада.
Немаше понатамошни промени во новото задолжување: Основниот буџет вклучува нови кредити од речиси 82 милијарди евра.
Кон тоа треба да се додадат кредитите од специјални фондови за Бундесверот и инфраструктурата, така што конечниот долг веројатно ќе надмине 140 милијарди евра.
Социјални реформи
Социјалниот систем, вклучително и пензиите, здравственото осигурување и осигурувањето за долгорочна нега, т.н. грашански надоместок и другите бенефиции, се закануваат да станат сè поскапи за осигурениците поради економскиот пад и демографските случувања. Неодамна, помеѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД, се разгоре дебата за трошоците на социјалната држава. Во фокус е особено т.н. граѓански надоместок. Канцеларот Мерц изврши притисок врз министерката за труд, Бербел Бас, барајќи тука да се заштедат пет милијарди евра. „Ако повеќе не се осмелуваме да заштедиме десет проценти во систем за трансфери што оди во погрешна насока, тогаш нема да успееме во оваа задача“, рече лидерот на ЦДУ во интервју за телевизијата САТ.1.
Шефот на кабинетот на канцеларот, кој е на ниво на сојузен министер, Торстен Фрај, повикува на брза акција за реформа на граѓанскиот надоместок. „Сојузната министерка за труд ќе поднесе предлог во следните неколку дена. Потоа ќе работиме на него“, изјави политичарот од ЦДУ за „Рајнише пост“ во петокот. За ова постои јасен договор во коалицискиот договор, вели Фрај. „И министерката ќе се води од тоа“, оценува тој.
Министерството за труд работи на нацрт-реформа. Фокусот - како што покажуваат претходните изјави на Бас - веројатно ќе биде ставен на заострените обврски за соработка во социјалната сфера. Тоа не е баш она што ЦДУ/ЦСУ го посакуваат. Конкретни заклучоци во врска со ова не се очекуваат од денешниот состанок на коалициската комисија.
Постојано растечките расходи ги ставаат политичарите под притисок и во делот на финансиите за здравствено осигурување. Расходите за приближно 90 фондови за здравствено осигурување во првата половина од годината се зголемија за 7,95 проценти на 166,1 милијарди евра, покажуваат податоците од Сојузот на фондови за задолжително здравствено осигурување.
Коалициската влада неодамна постави цел да ги одржи придонесите за осигурениците стабилни секаде каде што е можно. Впечатлив е вишокот кај фондовите за здравствено осигурување, кој се искачи на 2,8 милијарди евра во првата половина од годината. По рекордните дефицити во 2024 година, до крајот на март веќе беше постигнат суфицит од 1,8 милијарди евра. „Но, тоа не треба никого да смири“, изјави Оливер Блат, претседател на Сојузот на фондови за задолжително здравствено осигурување за новинската агенција ДПА. „Динамиката на трошење остана непрекината во првата половина од годината“. Вишокот е итно потребен за да се надополнат законските минимални резерви на фондовите. Во последниве години, имаше намалување на резервите. „Особено со оглед на динамичниот развој на расходите, сè уште е нејасно дали ова може да успее“, вели Блат.
Сојузната министерка за здравство Нина Варкен (ЦДУ) во петокот повика на брза акција. „Потребата за акција е јасна: Потребни ни се краткорочни мерки и долгорочни структурни реформи“, рече Варкен на прес-конференција. Доколку овие реформи не се спроведат, се заканува понатамошно зголемување на придонесите, предупреди министерката. „Немаме време за губење“, предупреди Варкен, која најави дека овој месец ќе свика комисија од експерти за брзо да развијат предлози за реформи. „Конечната координација во рамките на владата“ е во тек. Реформите имаат за цел да ги стабилизираат придонесите почнувајќи од 2027 година.
Зголемување на даноците
Поради буџетските „дупки“, се води дебата и за можни зголемувања на даноците што би можеле да донесат пари во државната каса. И тоа дебата на највисоко ниво: Клингбајл (СПД) не исклучи можност за повисоки даноци за најбогатите и за оние што највисоки приходи. Мерц (ЦДУ), од друга страна, ги отфрли во принцип таквите идеи. Но, и во ЦДУ има луѓе кои кои се за одредени зголемувања. Денис Радке, претседател на Христијанско-демократската асоцијација на работници (ЦДА), се изјасни за зголемување на данокот на наследство. Покрај тоа, данокот на богатство, кој со 45 проценти е дури и повисок од највисоката даночна стапка од 42 проценти, би можел исто така малку да се зголеми.
Лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, се заложи за тоа на покраините да им се даде слобода во одредувањето на стапките на данок на наследство. Мерц веќе го отфрли предлогот на Зедер.
Инвестиции
Никогаш порано сојузна влада не планирала толку големи инвестиции - но како да се осигура дека парите навистина ќе течат? Ова е проблем присутен и во последниве години. Министерот за финансии Клингбајл рече дека коалициската комисија се согласила наскоро во владата да се најде предлог-закон за забрзување на инвестициите. Ова треба да обезбеди брзо да протечат 500-те милијарди евра од таканаречениот специјален инфраструктурен фонд. „Магичниот збор“ овде е да се „повеќе или помалку целата инфраструктура да биде од највисок јавен интерес“, рече канцеларот Мерц. Тоа би ги скратило процедурите за планирање и одобрување.