Германија: Лоши оценки за сојузната влада
4 септември 2025Спор околу буџетот и несогласувања за финансирањето на социјалните бенефиции и климатските проекти - тоа доведе до колапс на сојузната влада на СПД, Зелените и Либералите во ноември 2024 година. Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, тогашен предводник на опозицијата во германскиот Бундестаг, претходно не пропушташе можност да ја критикува коалицијата за нејзините расправии. Тој наведуваше дека има „владина криза“ што ја поткопува довербата на граѓаните во политиката.
Ниту цела година подоцна, Мерц како канцелар со неговата коалиција на конзервативните ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократите е на сличен начин во конфликт. И повторно се работи за дупките во буџетот и социјалната политика. Германија веќе не може економски да си ја дозволи социјалната држава, вели лидерот на ЦДУ, кој за тоа ужива поддршка од ЦСУ. Тоа е „срање“, одговара копретседателката на СПД и министерка за труд, Бербел Бас.
Луѓето не ги одобруваат односите во коалицијата
Буквално преведено, „bullshit“ значи кравји измет. Изразот се користи за бесмислици и глупости, стои во Дуден, германскиот правописен речник. Груб избор на збор од една министерка спрема својотканцелар.
77 проценти од Германците се незадоволни од тоа како ЦДУ/ЦСУ и СПД се однесуваат едни спремадруги во коалицијата, покажува најновата анкета на АРД за Трендот во Германија. На 1 и 2 септември, Институтот за истражување на јавното мислење Инфратест Димап спроведе репрезентативна анкета на 1.342 жители со право на глас. Паѓа во очи тоа што ниту поддржувачите на ЦДУ/ЦСУ и СПД не се задоволни од начинот како функционира коалицијата.
Лоши оценки и за работата
И во однос на суштината на работата на владата, луѓето немаат добар збор. 75 проценти од испитаниците велат дека не го одобруваат тоа што го прави владата. Слично незадоволни беа граѓаните неодамна од т.н. „семафор коалиција“, претходната влада под канцеларот од СПД, Олаф Шолц. Еден исклучок се поддржувачите на ЦДУ/ЦСУ, од кои 57 проценти се задоволни од работата на сегашната влада. Меѓу гласачите на СПД, само 25 проценти се изјасниле така.
Едно објаснување е дека владата до сега падна во очи пред сѐ со својот построг став во миграциската политика и мерките за олеснување за економијата. Ова се прашања кои им се особено важни на гласачите на ЦДУ/ЦСУ.
За кого треба да биде потешко, за кого полесно?
Есенва ќе се работи на реформите во социјалната и даночната политика и пазарот на трудот. ЦДУ/ЦСУ се залагаат за намалување на т.н. „граѓански додаток“, како што се нарекува социјалната помош за невработени. СПД се спротивставува и би сакала да ги зголеми даноците за богатите и оние со највисоки приходи. Што мислат граѓаните за таквите планови?
Построги санкции за примателите на социјална помош одобруваат 80 проценти од испитаниците во случаи на повеќекратно неадекватно однесување. Јасни симпатии има и за зголемување на даноците за лицата со високи приходи и големо наследство. Од друга страна, мнозинството граѓани би поздравиле даночни олеснувања за прекувремена работа и приходите на пензионерите кои продолжуваат да работат. Плановите за промена од дневниот максимум на неделни максимални работни часови пак, се примаат со помалку ентузијазам. 84 проценти од испитаниците се против подигањена возраста за пензионирање на 70 години.
Унијата бара кратење на социјални бенефиции
Факт е дека итно се потребни реформи. И покрај задолжувањето од многу милијарди што Германија сака да го направи во претстојните години, има големи дупки во буџетот. Во 2027 година веројатно ќе мора да се заштедат 30 милијарди евра. Ќе мора да има кратења во социјалната држава, вели канцеларот Мерц.
Тоа значи дека државата веќе нема да плаќа толку многу во случај на болест, долготрајна потреба од нега, ниту пензии. Да работиш повеќе и подолго, да имаш помалку помалку пари на крај на старост – тоа ли е идејата со која Германците веројатно ќе мора да се спријателат и како самите граѓани ја гледаат иднината?
Кога станува збор за личниот просперитет и финансиски проблеми на старост, ставовите се поделени. И натаму е голема загриженоста за статусот на Германија како деловна локација. Владата не успеа да го промени расположението во овој поглед.
Популарноста на АфД и натаму расте
Во анкетата беше поставено прашањето и за компетенциите на партиите. Најмногу им се верува на ЦДУ/ЦСУ дека може да ги решат проблемите во однос на надворешната и одбранбената политика, економијата, даночната и финансиската политика. СПД води само во делот на пензиите и социјалната правда.
На опозициската Алтернатива за Германија (АфД) ѝ се припишуваат најголеми компетенции од сите партии во однос на доселеничката политика. И покрај намалувањето на бројот на бегалци, таа во однос на ова прашање води и пред партиите од Унијата. И во однос на општата поддршка од гласачите, партијата која во делови е десно екстремна исто така се подобрува.
ЦДУ/ЦСУ непроменето бележат 27 проценти поддршка. АфД ја намали разликата во однос на нив и со 25 проценти (+1) постигна нов рекорд. СПД едвај се подобрува на 14 проценти (+1). Зелените котираат малку полошо од минатиот месец со 11 проценти (-1). Левицата би дошла на 10 проценти, како и минатиот месец.
Други партии, меѓу кои и Сојузот Сара Вагенкнехт (БСВ) со 4 проценти (+1) и Либералите со три проценти (-1), во моментов би немале шанси за влез во Бундестагот.