Германија и Израел: Јубилеј во сенка на војната
12 мај 2025Пред 60 години, на 12 мај 1965 година, Германија и Израел, по долги подготовки, воспоставија дипломатски односи. До тој момент тоа воопшто не се подразбираше. Втората светска војна во Европа беше завршила пред само 20 години. Сеќавањето на геноцидот којшто нацистичка Германија го изврши врз европските Евреи беше живо во двете земји. И денес, 80 години по крајот на војната, односите со Израел остануваат исклучително важни – но, и комплексни.
Херцог во Берлин, Штајнмајер во Израел
На годишницата од воспоставувањето на дипломатски релации, израелскиот претседател Исак Херцог доаѓа во Берлин. Заедно со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ќе го посети меморијалниот центар „Перон 17“на станицата Груневалд. Од таму за време на нацистичкиот режим се депортирани околу 10 илјади Евреи во концентрациони логори. Херцог ќе се сретне со повеќе од 100 германски и израелски тинејџери, свесен дека антисемитизмот, особено меѓу младите во Германија, бележи значителен пораст по почетокот на војната во Појасот Газа пред повеќе од година и половина. Потоа Херцог заедно со Штајнмајер ќе отпатува за Израел, каде што ќе посетат еден кибуц на границата со Газа.
Меркел во Кнесетот за „државниот резон“
Посетата се одржува во првите денови од новата германска влада предводена од Фридрих Мерц од демохристијаните. Како и сите канцелари пред него, Мерц е свесен за посебната важност и одговорност на Германија спрема Израел.
Кога поранешната канцеларка Ангела Меркел го посети Израел во 2008 година и зборуваше во парламентот - Кнесетот - таа го употреби изразот „државен резон“ за да ја опише таквата одговорност. Според неа, посебна политичка обврска на Германија е да ги поддржува постоењето и безбедноста на Израел.
Државниот резон како максима
Тоа е политичка максима, но не и правна. Сепак, канцеларите по Меркел - како и повеќето пред неа - дејствуваат во духот на тој принцип. И покрај критиките за израелската офанзива во Газа, германските политичари постојано нагласуваат дека Израел има право да се брани по бруталниот терористички напад од радикално-исламистичката Хамас на што се случи на 7 октомври 2023та година, а Германија останува посветен сојузник на Израел, како што нагласуваат.
Во пракса спроведувањето на принципот може многу да изискува. Во Германија се намножуваат критиките за израелската воена акција во Газа. Од почетокот на март, Израел ги блокира испораките на помош за палестинските територии, што доведува до глад и смрт на бројни цивили. Во своето прво интервју како канцелар дадено за првата програма на германската телевизија, Фридрих Мерц изјави дека „Израел ни приредува најмногу грижи. Новиот министер за надворешни работи по мој налог следниот викенд ќе отпатува во Израел. Заедно ја подготвуваме посетата. Но, мора да биде јасно дека израелската влада мора да го почитува и меѓународното право, вклучително и законот за војување“.
Нетанјаху и Меѓународниот кривичен суд
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налози за апсење меѓу другото и на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Галант заради сомневања за воени злосторства во Појасот Газа. Германија е еден од основачите на тој суд и според законот би морала да го уапси Нетанјаху доколку стапне во Германија.
Сепак, Мерц на ден по парламентарните избори по телефонскиот разговор со Нетанјах изјави дека како канцелар ќе најде „начини и средства“ Нетанјаху да може да дојде во Германија и да ја напушти земјата „без да биде уапсен“. Мерц не ја повтори формулацијата откако стапи на функцијата канцелар.
Мерц: Израел мора да ги исполни хуманитарните обврски
Наместо тоа, новиот канцелар во интервју за АРД рече дека „Израел има право да се брани од бруталниот напад од терористите на Хамас од 7ми октомври и сè што потоа следеше. Но, Израел мора да остане и држава која што ги исполнува хуманитарните обврски - токму таму каде што сега се води оваа ужасна војна, во Појасот Газа, каде што нужно се одвива конфликтот со терористите од Хамас“.
Средби на членови на кабинетот
Спорот околу налогот за апсење на израелскиот премиер покажува колку се и денес комплексни односите меѓу двете земји - и колку ги одредува војната во Газа. Иако поранешната министерка за надворешни работи Аналена Бербок (Партијата на Зелените) често патуваше во Израел од почетокот на војната, последната посета на Нетанјаху на Берлин беше во март 2023та година, кога се сретна со тогашниот канцелар Олаф Шолц (СПД). Германија и Израел одржуваат т.н. билатерални владини консултации – состаноци на комплетните владини кабинети од двете страни – за да се нагласи посебната природа на релациите. Германија такви состаноци одржува само со дванаесет земји во светот. Последните консултации со Израел се одржаа пред повеќе од седум години.