Германија: Владата воведе поостри контроли на границите
8 мај 2025Среде изборната кампања Фридрих Мерц даде смело ветување, имено дека на првиот ден од неговиот мандат како канцелар на сојузното Министерство за внатрешни работи во рамки на директните овластувања тој ќе наложи „трајно“ да се контролираат сите германски граници и да бидат одвраќани „без исклучок сите обиди за нелегален влез“. Ќе има „фактичка забрана за влез“ за сите луѓе без валидни документи. „Тоа експлицитно се однесува и на лица со право на заштита“, рече тогаш Мерц како реакција на нападот во Ашафенбург. Сега е првиот ден од неговиот мандат. Прашањето со овластувањата и онака не е проблем – на чело на полицијата дојде Александер Добринт, политичар од ЦСУ чии ставови се на иста линија со оние на Мерц.
Уредба со простор за маневар
Потфатот сепак останува контроверзен од правен аспект. Но, со оглед на тоа дека беше толку експлицитно најавен, на новиот министер за внатрешни работи не му преостанува ништо друго, освен да го спроведе. Па така на својот прв работен ден во министерството Добринт издава директива до Сојузната полиција во која се вели дека на луѓето што бараат заштита „може да им биде одбиен влез“. Во формулацијата „може“ останува простор за маневар. Тоа не е одвраќањето без исклучоци што го вети Мерц.
Обраќајќи се пред медиумите Добринт направи уште една отстапка. „Се разбира дека на границите нема да враќаме деца, бремени жени или други ранливи групи, колку да сме јасни“, рече тој. Во самата директива тоа гласи малку повоздржано и гласи дека „воочливо ранливи лица и натаму може“ да бидат испраќани во прифатните центри. Но, останува простор за отстапување од правилото.
Може долго да се чека на пресуда
Експертот за миграциско право Даниел Тим од универзитетот во Констанц претпоставува дека зад тоа се крие идејата оти на тој начин ќе може да се разобличат потенцијални тужби од одбиени баратели на азил. „Ова е обид судовите да се придвижат да бидат поблаги. Одбивањата сами по себе не се прифатливи, затоа им е и нужно неопходно судовите да го прифатат тоа“, вели Тим. Така се зголемува веројатноста судовите тоа привремено да го прифатат бидејќи се исклучени ранливите категории на луѓе како што се малолетници, семејства со мали деца или болни лица. „Ова ја зголемува веројатноста правно да пројде мерката“, оценува тој и вели дека не очекува многу тужби, но дека сепак ќе ги има. Релативно брзо би можеле така да се носат одлуки од итност, но за конечната пресуда веројатно сепак же мора подолго да се чека.
Повеќе сојузни полицајци на границите
За да се зголеми бројот на одбиени лица, на сојузната полиција ѝ се дадени усни инструкции да распореди повеќе сили на границите. Претходничката на Добринт, Ненси Фезер од СПД, од 2023 година постепено ги прошируваше контролите, а од минатиот септември контроли се вршат на сите германски граници. Ова сега треба да биде засилено. „Ќе се погрижиме за тоа чекор по чекор да распоредиме повеќе полицајци на границите и тие да може да ги извршуваат одвраќањата“, најавува Добринт.
Синдикатот на германската полиција смета дека ова е изводливо – но, само за временски ограничен период. „Сега ќе дојде до ситуација во која ќе се трупаат часови на прекувремена работа која ние како сојузна полиција нема да може долгорочно да ја издржиме“, вели Андреас Роскопф. „Очигледно е дека доаѓаме на работ на нашите капацитети. Во црвена зона сме за да може сето ова да го постигнеме“, предупредува шефот на Синдикатот.
Критики од Левица
Пратеничката во Бундестагот од редовите на Левицата, Клара Бингер, вчера ги проследила контролите на германско-полската граница и критикуваше дека уште сега се одбиваат луѓе, иако всушност сакале да аплицираат за азил. Нивната состојба сега ќе се влоши, посочува таа и додава дека „со таквото симболично однесување на првиот ден владата сака да симболизира сила, но всушност симболизира само слабост. Сила би значело да се застане зад правната држава и да се каже дека нема кршење на законот во Германија и дека ние ќе се погрижиме да се почитуваат основните права и слободи, како и човековите права“. Но, намерата на новиот министер за внатрешни работи е токму таа, на „светот и на Европа“ да се испрати „сигнал“ дека политиката во Германија е променета, како што тоа го формулираше уште на првиот ден на функцијата.