Еден милион балконски соларни системи во функција
12 јули 2025Во Германија денес постојат околу еден милион балконски соларни системи. Бројот на уредите, кои официјално се нарекуваат „приклучни соларни уреди“, се удвоил во рок од една година, според податоците од Централниот регистар на пазарот и проценките на Сојузното здружение за соларна енергија (БСВ).
„Сметаме дека милионитиот приклучен соларен уред веќе е во функција, бидејќи сè уште се очекуваат дополнителни пријави во Сојузната агенција за мрежи“, изјави директорот на БСВ, Карстен Керниг.
Нема надомест за предадена струја
Малите соларни системи најчесто се поставуваат на балкони, но тоа не е задолжително. Нивната максимална приклучна моќност е ограничена на 800 вати. При сончево време, произведената струја преку штекер се внесува директно во домашната електрична мрежа, со што сопствениците користат помалку струја од нивниот снабдувач.
Оваа заштеда го претставува финансискиот ефект од уредот. Доколку се произведе повеќе отколку што се троши, вишокот струја се предава во мрежата без надомест. За разлика од поголемите фотоволтаични системи, тука не постои исплата за предадена електрична енергија. Уредите со сопствен батериски систем, според БСВ, не се сметаат за приклучни соларни уреди и за нив важат поинакви правила.
Нема назнака за крај на растот
Во вторникот, во Централниот регистар биле заведени 975.583 активни уреди. Уште околу 20.000 се привремено или трајно исклучени. Бројките од регистарот обично заостануваат зад реалната состојба на теренот. Причините за тоа се едномесечниот рок за дојава, но и фактот што некои уреди и покрај законската обврска не се пријавуваат. Половина милион уреди беа регистрирани во почетокот на јуни 2024 година, значи пред една година.
Почетниот поттик за експанзијата на овие уреди беа високите цени на струјата по почетокот на војната во Украина. Од БСВ посочуваат дека нема знаци за запирање на растот. Значителен дел од населението може да инсталира ваков систем. Кон тоа придонесоа и регулативите на претходната влада, која во последниве години значително ја поедностави употребата на балконски соларни системи, меѓу другото и преку задолжителна дозвола од страна на изнајмувачите (сопствениците на објектите).
Исплатливост по неколку години
„Откако соларните кровови одамна станаа стандард во приградските населби, соларниот бум сега сè повеќе ќе го обликува и изгледот на градските центри“, изјави Карстен Керниг. „Сè пошироки слоеви од населението имаат корист од енергетската транзиција кон соларната енергија.“ Инвестицијата, во зависност од трошоците, локацијата и сопствената потрошувачка, обично се исплатува по неколку години. Дополнителен фактор за ова се и значително намалените цени во последниве години.
Сепак, уделот на балконските системи во вкупното производство на струја на ниво на Германија останува релативно мал. Сегашните регистрирани уреди имаат вкупна инсталирана моќност од околу 0,9 гигавати. Сите соларни системи во Германија – вклучително и оние на кровови, отворени површини и слично – достигнуваат повеќе од сто пати поголема моќност.