Германија: Автоконцерните во страв од царините на Трамп
15 мај 2025Откако Доналд Трамп повторно се врати во Белата куќа како претседател на САД, светот е во неизвесност. Еден дел од неговата агенда се однесува на плановите за царините. Само тие веќе доведоа до загуби од милијарди долари поради падови на берзата и ја загрозуваат глобалната трговија во нејзините темели. Ова особено влијае на Германија, која е ориентирана на извоз, а особено нејзината автомобилска индустрија.
Иако студијата на Комерцбанк покажува дека Германија не извезува најмногу автомобили на северноамериканскиот пазар - Мексико, Јапонија, Јужна Кореја и Канада испорачуваат уште повеќе готови автомобили во САД - според податоците од Сојузниот завод за статистика, Германија извезла околу 3,4 милиони патнички автомобили во 2024 година, а токму САД биле најголемиот купувач.
Затоа царинските давачки за автомобили би го погодиле „најважниот извозен производ на Германија“, изјави претседателот на Институтот Ифо, Клеменс Фуест, како што пишува новинската агенција Ројтерс. „Тоа само по себе е голем товар за германската економија.“
„Извоз за залихи“
Од „Денот на ослободувањето“, како што Доналд Трамп го нарекува денот на објавувањето на неговите царински планови, се забележува необичен тренд: повеќе автомобили се произведуваат и испорачуваат во САД отколку порано. За автомобилскиот експерт Фердинанд Дуденхефер, директор на приватниот институт Центар за автомобилски истражувања во Бохум, тоа е „извоз за залихи“.
Производителите на автомобили сакаат да ги зголемат залихите во своите магацини во САД, изјави тој за ДВ. Тие сакаат да увезат што е можно повеќе возила пред најавените високи царини. Затоа се јавува „краткорочно антициклично производство“.
Стефан Брацел има слично мислење. Производителите на автомобили „се обидоа да префрлат што е можно повеќе возила во САД пред да стапат на сила царините“. Директорот на Центарот за управување со автомобилската индустрија (CAM) за ДВ изјави: „На крајот, цените ќе мора да се зголемат. Во основа, побарувачката во САД ќе се намали - а со тоа ќе се намалат и продажбата и профитот.“
Но, треба да се потсети дека во првиот разговор, канцеларот Мерц се согласи со американскиот претседател Трамп дека сакаат брзо да ги решат трговските спорови. „Не сакам да влеземе во отворена трговска војна“, рече Фридрих Мерц.
Надеж во Лондон
Она од што политичарите и економистите најмногу се плашат е непредвидливоста на политиката на Трамп. Ако се гледа оптимистички, може да се зборува за „флексибилност“, како што покажува неочекуваниот договор меѓу Вашингтон и Пекинг. Или како што сугерира примерот на Велика Британија.
Според извештајот на Би-Би-Си, меѓу Вашингтон и Лондон е постигнат прелиминарен договор за билатерални царински давачки за автомобили. Така, царинската стапка за максимум 100.000 британски автомобили ќе биде намалена на десет проценти. Тоа е приближно еквивалентно на бројот на автомобили што Велика Британија ги извезе минатата година. Сите автомобили што ја надминуваат оваа квота ќе бидат предмет на увозна царина од 27,5 проценти.
Доста комплицирано, но Трамп, исто така, вети дека моторите и деловите за авиони на Ролс Ројс ќе можат да се извезуваат од Велика Британија во САД без царини. Меѓутоа, како што објави Би-Би-Си, ова сè уште не е гарантирано, бидејќи недостасува согласност од американскиот Конгрес. Претседателот на Соединетите Американски Држави не може сам да склучува долгорочни трговски договори.
Неизвесноста како отров за економијата
Економската политика на Трамп е понекогаш ваква, а понекогаш онаква: денес закана со царини, утре мораториум. Дали е воопшто можно да се работи така? Не, сметаат сите експерти со кои разговараше ДВ: „Флексибилноста е клучна, особено кај Трамп“, забележува Стефан Брацел. Меѓутоа, таа е „отров за производителите и добавувачите кои мораат долгорочно да инвестираат и да организираат синџири на снабдување“.
Дирк Дозе од Институтот за светска економија во Кил ја гледа неизвесноста како голем проблем за европските производители на автомобили. Тие се борат и со други предизвици. Генерално високите трошоци за производство и недостатокот на „атрактивни модели, особено во областа на електромобилноста“, исто така, значат „губење на конкурентноста во однос на кинеската конкуренција“.
За да избегнат високи царини на долг рок, некои германски производители на автомобили сакаат да го преселат производството во САД. „Ауди дури размислува да изгради фабрика таму. Заедничка фабрика на Ауди и Порше во САД би можела да биде интересна во перспектива“, вели Дозе за ДВ.
Концепт на „поделба на трудот“
Сепак, инвестициите во САД сигурно не се идеално решение за избегнување на царински проблеми, бидејќи за производството на автомобили во Америка потребни се увезени делови. Ова важи и за американските компании. Многу делови од „американските“ автомобили доаѓаат од други земји. Дали овој концепт на индустриска „поделба на трудот“ сè уште не е признат во САД? Или на политиката ѝ е сеедно?
„Трамп не го разбра концептот и предностите на меѓународната поделба на трудот“, смета Стефан Брацел. Последица: „На крајот, слоганот 'Америка на прво место' би можел сериозно да ѝ наштети на благосостојбата на САД.“
Дирк Дозе има впечаток дека „царините и нивните бројни последици не се навистина добро осмислени. На ова укажуваат постојаните колебања во најавите на Трамп и последователните корекции на веќе објавените царини“.
За Фердинанд Дуденхефер, самата помисла дека Доналд Трамп не ја разбирал глобалната поделба на трудот предизвикува речиси огорчување: „Сите го знаат тоа!“ Но, тој има впечаток дека Доналд Трамп „се смета себеси за најпаметен човек на светот. И ги прави најголемите грешки!“
Отворање на нови пазари!
Со оглед на нарушувањата предизвикани од економската политика на Трамп, германските производители на автомобили мора да најдат одговори. Фердинанд Дуденхефер прво советува воздржаност: „Да се почека! За почеток, не треба да се реагира!“ Бидејќи ситуацијата никогаш не била толку неизвесна, идните инвестиции треба да бидат насочени кон Азија, смета автомобилскиот експерт.
„Најважната последица е посилна просторна диверзификација на производството“, вели Дирк Дозе. „Компаниите треба да го прошират своето производство во повеќе земји за да станат понезависни од трговските регулативи на поединечни земји“.
Стефан Брацел го цитира принципот „произведувај каде што продаваш“, значи произведувај таму каде што се продава. Веќе може да се забележи „дека сè повеќе додадена вредност се преместува во регионите каде што се продаваат возилата“.
Друг предлог беше спомнат од автомобилскиот аналитичар Франк Шпи за ДВ: „На долг рок, производителите на автомобили би можеле повеќе да се свртат кон перспективните пазари во Југоисточна Азија за да ја намалат зависноста и од Кина и од САД“.