Засега нема „прелети“ на пратеници од еден во друг табор
24 април 2025Локалните избори во Северна Македонија ќе бидат распишани кон крајот на јули или почетокот на август, информираше претседателот на Собранието, Африм Гаши. Иако во пресрет на изборите се случуваат турбуленции и прегрупирања во албанскиот политички блок, Гаши вели дека засега нема префрлување на пратеници од еден во друг табор
„Засега во Собранието, состојбата е статус-кво во однос на нова распределба на пратениците. Се е како што било претходно. Сите пратенички групи продолжуваат да работат. Ако има нови промени, ќе треба тоа да го достават до мене и службите, за да ги информирам другите пратеници. Моментално немаме друга ситуација“, вели собранискиот спикер, во однос на прашањето дали ќе има евентуални промени во бројката на пратенички групи и префрлување на пратеници од еден во друг табор.
Ваквите дилеми следат откако пратениците од едното крило на Алијанса на Албанците, ја напуштија коалиција „Вреди“, којашто е дел од Владата.
Таравари: „Премиерот ќе одлучи дали ќе останеме во Владата“
Министерот за здравство, Арбен Таравари, кој е лидер на дел од Алијанса за Албанците, вели дека премиерот одлучува дали Алијанса за Албанците треба да биде во Владата. „Мислам дека треба, но ако тој смета дека не треба, ние немаме никаков проблем. Сепак, да бидеме рационални и да не брзаме“, изјави Таравари во Куманово, одговарајќи на новинарско прашање дали неговата партија ќе ја напушти Владата со евентуално излегување од коалицијата Вреди (Влен).
Таравари смета дека во партиите коишто се дел од коалицијата Вреди има емотивни реакции по неговата одлука Алијанса за Албанците на локалните избори да има свои советнички листи и повика на внимателност, разумност и рационалност во овој период на политички одлуки.
Внимателност и разумност
Алијанса за Албанците одлучи да излезе со посебни листи за советници, слично како и партијата ЗНАМ, но најави меѓусебна политичка поддршка со ВМРО-ДПМНЕ.
„Во овој период не сакам да давам прогнози или да предвидувам, гледам што пооправдано да донесуваме одлуки. На крајот на краиштата, доколку Влен се одлучни во тоа што го кажуваат во овие четири-пет дена, ние како политичка партија ќе ги видиме нашите опции за нашите кандидати за градоначалници“, вели Таравари.
Средби и одлука во мај
Од Владата во меѓувреме информираа дека премиерот Христијан Мицкоски има редовна комуникација со членовите на Владата. По 1 мај се очекува да се оствари средба на којашто ќе се разговара дали Алијанса за Албанците и министерот за здравство ќе останат дел од Владата.
Заменик претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, во средата (23.04) рече дека членовите на Владата од Алијансата на Албанците предводена од Арбен Таравари засега остануваат во владиниот тим и оти работата во извршната власт продолжува нормално. „АА е во Владата, нема планови за промена на нашите позиции во Владата. Продолжуваме со работа, секојдневно, како ништо да не е сменето“, рече Фетаи.