Фридрих Мерц сака поголема улога на Германија во светот
7 јули 2025„Германија е вратена на вистински пат" – на англиски јазик канцеларот Фридрих Мерц од конзервативната ЦДУ при претставувањето на коалицискиот договор во Берлин пред три месеци, го објави очекувањето на неговата влада за новата улога за Германија.
На претходната влада под социјалдемократот Олаф Шолц, Мерц ѝ префрла неуспех и дека била премногу резервирана и воздржана во поддршката за Украина, премалку амбициозна во европската политика и предидактична кон партнерите.
За Мерц надворешната политика е врвен приоритет. Неговата порака е дека Германија сака да преземе поголема одговорност, што за него подразбира и водечка улога во ЕУ. Меѓу европските членки на НАТО Германија треба да стане најсилната конвенционална армија. Европа истовремено треба да „постигне независност од САД“ во одбраната, како што рече Мерц веднаш по победата на изборите во февруари годинава, бидејќи веќе не ги гледа САД под Доналд Трамп како партнер на кој може да се потпре.
Мерц прави што сака Трамп
Дали ќе го исполни своето очекување? За време на посетата во Вашингтон, повеќето медиуми го сметаа за успех самиот факт што заедничкото појавување со Трамп пред медиумите помина без поголеми несогласувања. Мерц едвај нешто проговори, изгледаше нервозен, додека Трамп зборуваше дотолку повеќе. Канцеларот првенствено вети зголемени издатоци за одбраната, а американскиот претседател изгледаше задоволен. „Трамп не е заинтересиран за партнерство, туку за вазалство“, пишува за ДВ политикологот Јоханес Варвик од универзитетот во Хале-Витенберг. Хенинг Хоф од Германското здружение за надворешни односи истакнува дека наместо „независност“ Мерц сепак „се вратил на традиционалните трансатлантски релации“ и додава дека „со оглед на значајната зависност на Европа од САД во безбедносен поглед, отворено одвраќање од Вашингтон би било ризично и не многу паметно“. И Варвик смета дека „не може да се зборува за независност“, ниту на политички, ниту на воен план.
Таквиот став го поткрепува и со воздржаната реакција на Мерц на иницијативата на лидерот на парламентарната фракција на ЦДУ/ЦСУ, Јенс Шпан, кој се залагаше за европски нуклеарен чадор под германско водство. Мерц на првата германска програма зборуваше за задача „на многу, многу долг рок“, со што тешко дека се мисли на проект во само еден мандат.
Може и сака ли Германија да ги замени САД во Украина?
Со сличен потчинет тон - наведуваат различни медиуми – се продолжи и на самитот на НАТО во Хаг, каде што генералниот секретар Марк Руте му се умилкуваше на Трамп со „тато". Европејците ветија пет проценти од нивниот БДП да издвојуваат за одбрана, како што тоа го бараше Трамп. Пораката на Трамп веќе подолго време гласи дека кој не плаќа, нема да добива заштита од САД. Врвна цел на самитот беше САД да се задржат како гарант за безбедност во Европа, што барем за сега се чини дека е постигнато. Сепак, временски план за членство на Украина во НАТО, каков што си посакуваше и Германија, во Хаг воопшто не беше ни споменат - САД под Трамп се откажаа од таквата цел.
Генерално се чини дека Доналд Трамп полека го губи интересот за војната во Украина и мировно решение. Сега во Вашингтон беше сопрена испорака на противвоздушни ракети „Патриот“, кои итно му се потребни на Киев, наводно затоа што им се потребни на САД. Со тоа се поставува прашањето дали Европејците, а особено Германија сакаат да го преземат цехот. Јоханес Варвик смета дека и да сакаат Европејците да ја компензираат улогата на САД, тоа „не би било ни во однос на политичката моќ, ниту на финансиски план многу надежно. Затоа порано или подоцна и во Берлин и во Брисел ќе го следат американскиот пресврт од 180 степени“.
Канцеларот Мерц останува неодреден и во однос на прашањето дали сака да ја снабди Украина со крстосувачки ракети „Таурус“ со долг дострел. „Тоа е и останува една опција“, рече тој неодамна на АРД. Канцеларот Олаф Шолц ја одбиваше испораката со аргументот дека тоа би можело да ја втурне Германија во војната. Едно е сигурно, наведува Мерц превентивно, дека „Германија нема да влезе во војната“. Како тоа го гледа рускиот претседател Владимир Путин е сосем друго прашање.
Граничните контроли оптоварување за односите со Полска
Новиот канцелар веднаш по доаѓањето на функцијата отпатува во Париз и Варшава, како гест дека придава особено значење на овие два европски партнери. Со францускиот претседател Емануел Макрон - барем на надвор – имаше срдечно разбирање.
Со полскиот премиер Доналд Туск си ги расипа односите откако кратко пред тоа отпочна со гранични контроли за спречување на влез на нелегални мигранти. Полска не сака да ги прими назад таквите мигранти и сега веќе ја контролира границата кон Германија од полска страна. Хенинг Хоф зборува за „погрешен старт“ за Мерц, „бидејќи симболичната миграциска политика му е поважна од европската кохезија и добрососедските односи со Полска“.
Само статисти на Блискиот Исток
Втората голема криза покрај украинската војна, конфликтот на Блискиот Исток, се одвива практично без Европејците. Израел и неколку дена подоцна и САД, нападнаа цели во Иран за да ја спречат земјата да направи атомска бомба. За тоа тие не се советуваа со Европејците. Улогата на Германија во голема мера се сведе на тоа отпосле да повикува на деескалација. Мерц се чини дека е горд со самото тоа што отпосле бил информиран за нападите. „Бев еден од првите, ако не и првиот, што беше информиран“, рече тој на АРД. Јоханес Варвик резигнирано оценува дека „по тоа се гледа колку ниско сме паднале. Европа и Германија не играат никаква улога. Мерц не може да го смени тоа“.
Каква надворешнополитичка корист има од огромните задолжувања?
Генерално успешна посета на САД, особено благодарение на значително поголемата посветеност на одбраната, нејасна иднина за поддршката за Украина, надеж за повторно зближување со Франција, засегнати односи со Полска и позиција на статист во блискоисточниот конфликт – првичниот биланс на надворешно-политичките планови на Мерц е мешан. Сепак, новата влада е само од пред два месеца на власт. Хенинг Хоф за очекувањата на Мерц вели дека „останува мистерија што точно тој мисли во однос на надворешната политика кога вели дека Германија е вратена во колосек - или поточно, на што се надоврзува и на кој „пат“ сака да ја врати земјата“. Хоф посочува дека визијата на Мерц за поголема улога на Германија „се заснова на политика за масовно трошење преку задолжување за одбраната и инфраструктурата, овозможено од сопствениот пресврт од 180 степени по ова прашање и поддршката на СПД и Зелените. Претходната влада немаше таква опција“.
Барем меѓу своето население се чини дека канцеларот поентира откако долго време беше прилично непопуларен. Во најновото истражување на јавното мнение, според АРД, рејтинот му скокнал за три проценти – до душа на скромни 42 проценти, но сепак е најдобар резултат откако Мерц се врати во политиката пред четири години.